Блажени се бедните по дух

Стих по стих
Typography

,,Блажени се бедните по дух, зашто нивно е царството небесно’’- Исус Христос

 

Во Евангелието блаженствата се вовед во учењата на Господ Исус Христос и се сметаат за најконцизен опис на духовниот живот на човекот. Во Евангелието според Матеј тие се поместени на самиот почеток на многупознатата Проповед на Гората. Блаженството е највисокиот вид на благослов, најголема среќа на земјата, непрекината и потполна радост. Спротивно на блаженството е состојбата на бедата. Да се биде блажен значи да се биде сличен на Бога во Неговата светост и убавина. Исто така, означува да се биде под авторитетот Божји, а не световниот. И како што ќе видиме, блаженствата го извртуваат она што ние го поимаме како бедно и она што го поимаме како благословено. Така на пример, Христос вели дека се блажени бедните по дух иако светот смета дека се блажени оние кои се со лукав дух. Или, Христос вели дека се блажени оние кои плачат, иако светот смета дека блажени се оние кои се радуваат. 

Првото блаженство, цитирано на почетокот на овој текст вели дека се блажени бедните по дух, зашто нивно е царството небесно. Но, што значи да се биде беден по дух? И што значи тоа дека е нивно царството небесно?

Да се биде беден по дух значи човек да биде свесен дека нема нешто свое кое не го добил од Бога и дека се’ што има и се’ што тој е- е по милоста Божја. Тоа е таква состојба на умот и духот, што човек е постојано свесен за својата маленкост и за Божјото Величие. Бедниот по дух е свесен за сопствената зависност од Бога, за својата внатрешна празнотија и грешност. Бедниот по дух не се гордее со ништо свое и не верува во самиот себе; неговата радост и верба се единствено во Бога. Тој е ослободен од сите овоземни идеологии, човечки размислувања и страсти и го следи Бога во едноставноста на своето срце. Да се биде беден по дух значи да се биде свесен дека својот дух е толку сиромашен и недоволен, та не може да живее сам од себе туку секогаш му е потребен Оној Кој е богат со Дух- Бог. Бедниот по дух чувствува и знае дека ниту едно негово дело, ниту една негова мисла, ниту една негова емоција не можат да живеат и да успеат ако не се хранат со Бога. Само оној кој е беден по дух ќе се труди да се обогати со Бога.

Да се биде беден по дух е почетокот на христијанството!- вели авва Јустин Ќелиски. Како што горделивоста беше првиот грев, така и состојбата на беда на духот е почеток на христијанството. Како што горделивоста е мајка на секое безбожие, така и бедата на духот е мајка на секоја побожност. Ако вистинско блаженство е да се биде беден по дух и ако царството небесно им припаѓа на бедните по дух, тогаш важи и обратното: проклети се горделивите по дух и пеколот им припаѓа ним! Всушност, понизноста е рај уште овде на земјата, а горделивоста е пекол уште овде на земјата.

Човекот кој сака да Го следи Христа мора да стане беден по дух. Тој мора да го испразни својот ум и своето срце од секоја горделива помисла. Мора да биде свесен дека е грешен човек кому очајно му треба Господа и Неговата милост. Мора да биде ослободен од сето она кое го држи прилепен за земното и сиот негов стремеж да биде во тоа да се уподоби на Бога, односно да стане сличен Нему.

 

Powered by WordPress.

Временска прогноза (2)

Skopje Macedonia Cloudy, 31 °C
Current Conditions
Sunrise: 5:42 am   |   Sunset: 7:35 pm
42%     6.3 m/s     32.746 bar
Forecast
Вто Low: 18 °C High: 31 °C
Сре Low: 20 °C High: 26 °C
Чет Low: 18 °C High: 28 °C
Пет Low: 15 °C High: 30 °C
Саб Low: 16 °C High: 30 °C
Нед Low: 16 °C High: 29 °C
Пон Low: 16 °C High: 27 °C
Вто Low: 16 °C High: 26 °C
Сре Low: 15 °C High: 29 °C
Чет Low: 15 °C High: 30 °C