„И ете, донесоа при Него еден фатен, положен на постела. Па кога ја виде Исус нивната вера, на фатениот му рече: ’Не плаши се, чедо! Ти се простуваат гревовите твои!‘ Тогаш некои од книжниците рекоа во себе: ’Овој богохулствува‘. А Исус, штом ги разбра мислите нивни, рече: ’Зошто мислите лошо во срцата ваши? Или, што е полесно? Да кажам: Ти се простуваат гревовите твои! или да кажам: Стани и оди!? Но, за да знаете дека Синот Човечки има власт на земјата да проштева гревови‘. Тогаш му рече на фатениот: ’Стани, земи си ја постелата и оди си дома!‘ И тој стана, ја зеде постелата своја и си отиде дома“ (Матеј 9, 1–8).

 

Во текстот од евангелието најнапред се истакнува верата на фатениот и на оние што го носат. Пред сè, верата на фатениот...

 

Еднаш веќе ви зборував дека и верата, или верувањето, многу зависи и се разликува од тоа на кој степен од духовниот развој се наоѓа човекот. Она во што уште верува (аскетска вера) и кон што се стреми оној кој се наоѓа на степенот на чистење на срцето од страстите, веќе е знаење и опит за оној кој е на вториот степен, а не прашање на вера. Она во што уште верува (благодатна вера) и кон што се стреми оној кој се наоѓа на степенот на просветлување на умот, веќе е знаење и опит за оној кој е обожен, а не прашање на вера.

 

Друго нешто што е истакнато во денешното евангелие е и вистината дека Господ Бог е единствениот Кој има власт да ги простува гревовите, ако со вера и покајание, односно со смирение и благодарност пристапиме кон Него; и дека Богочовекот Христос е вистински Бог. Вистинското покајание значи неповторување на гревот. Вистинското простување на гревовите, исто така, се препознава од неповторувањето на гревот. Оној што има вистинско покајание ќе добие и вистинско простување на гревот од Самиот Господ, што значи и исцелување од последиците на гревот, а тоа се душевните и телесните болести. Вистинското простување на гревот и исцелувањето на неговите последици не е ништо друго туку возобновување на нашата заедница со Бог, во Богочовекот Исус Христос, во Црквата на Светиот Дух.

 

Токму овој момент, простувањето на гревот, е причина за помислите на книжниците. Тие знаат од Книгите на Законот дека единствено Бог има власт да простува гревови. Затоа, немаше ништо да помислат ако Христос само го исцелеше фатениот, зашто тоа ќе беше само уште едно исцеление од многуте кои во тоа време Он ги правеше; но објавата на простувањето ги соблазнува. Заради нивно обраќање и спасение, Богочовекот Исус Христос постапува по редот по кој следуваат настаните: прво, ем љубовно им ги открива помислите на нивните срца, ем им ја пројавува Божјата сила и власт од Себе – со исцеление на фатениот. Со други зборови, јавно простува – за да го предизвика вниманието и заинтересираноста на нивниот ум, односно за да им ги подотвори срцата, па потоа и јавно исцелува – за веќе отворените срца и умови да можат да го примат Божјото чудо.

 

Знак дека нашите гревови ни се простени е добивањето на дарот на умно-срдечната молитва. Тоа е ослободување од робувањето на страстите, од гревот, од демонот и од смртта. Тоа е показател за неприпадност на овој свет и за восиновување од Бог.

 

Уште една умилителна благовест гледаме на почетокот од евангелскиот отсечок, откако фатениот и неговите пријатели во пракса ја покажаа својата аскетска вера, а тоа се Христовите зборови: „Не плаши се, чедо!” Ова се зборови со исто значење како и зборовите Христови: „Не бој се, мало стадо! Зашто волјата на вашиот Отец е вам да ви го даде царството“ (Лука 12, 32). Наше е само преку аскетската вера да влеземе во послушание на волјата на нашиот Отец Небесен. Со други зборови: сакаш да бидеш душевно и телесно здрав? Па, биди! Едноставно.

 

Пресвета Богородице, просветли ја нашата темнина и спаси нѐ!

 

Митрополит Струмички Наум

 

 

Еднаш себлагиот Господ седел пред Ерусалимските храм и ги наситувал гладните луѓе со Своето преслатко учење. Мноштво народ се беше собрал околу Него (Јован 8:2). Господ на народот му говорел за вечната радост, за вечната радост на праведници во вечната татковина на небесата. И народот се насладувал од Божествените слова. Како снег под светлите зраци на сонцето исчезнала жалоста на многу огорчени луѓе и злобата на многу озлобени срца.

 

Кој знае колку долго би траело тоа чудесно видение на мирот и љубовта меѓу небото и земјата, ако не беше се случило нешто неочекувано. Човекољубивиот Месија никогаш не се заморувал да го поучува народот, а благочестивиот народ никогаш не чувствувал замор од слушањето на исцелителната и чудесна премудрост.

 

Но, се случило нешто заплашувачко, диво и жестоко. Тоа потекнало, како што и сега почесто од секогаш се случува, од закониците и фарисеите.

 

Што сториле тие? Сигурно го беа фатиле предводникот на дружината разбојници? Ништо слично. Тие насила довеле една несреќна, грешна жена, “фатена во прељубодeјство”; ја довеле со торжествено самофалење и заглушувачки груби восклици.

 

Откако ја поставиле пред Христа, тие извикале: “Учителе! Оваа жена беше фатена во прељуба, а во Законот Мојсеј ни нареди такви да ги убиваме со камења. Ти што ќе кажеш?” (Јован 8:5-4; Лев. 20; Втор. 22:22). Ти што велиш?

 

Така делата на грешницата ги претставиле изобличителите на туѓите гревови и специјалистите во криењето на своите сопствени рани. Исплашениот народ се повлекол настрана, правејќи им пат на своите старешини. Од страв некои побегнале, зашто Господ зборувал за животот и радоста, а тие врескачи плачеле за убиство.

 

Би било умесно да запрашаме: зошто овие старешини и чувари на законот сами не ја убиле со камења жената-грешница? Зошто ја довеле пред Исус? Мојсеевиот Закон им давал право на тоа (Лев. 20:10). Никој не би се спротивставил. Кој сега, во наше време, би востанал против кога се врши смртна казна над некој престапник? Зошто еврејските старешини ја довеле таа жена-грешница пред Господа? Не за да добијат од Него олеснување на казната или помилување. Во никој случај, не затоа. Ја довеле, исполнувајќи го претходно смислениот адски план, за да Го фатат Господа во некој збор, спротивен на Законот, за да Го обвинат и Него. Со еден удар сакале да убијат два живота – и на жената престапница и на Христа. “Ти што ќе кажеш?” Зошто Го прашуваат, кога Мојсеевиот Закон е јасен?

 

Евангелистот ги објаснува нивните намери со следните зборови: “Тоа го рекоа за да Го искушаат и да Го обвинат.” (Јован 8:6). Многупати тие ставале раце на Него, за да Го умртват со камења, за да Го убијат, но Тој ја одбегнувал нивната злоба. Но, сега нашле погоден случај да ја исполнат својата желба. И тоа токму тука, пред Соломоновиот храм, во кој се чувале плочите на Законот во Ковчегот на Заветот; токму тука, пред големото собрание на народ (Јован 8:2), Тој, Христос, бил должен да се искаже против Мојсеевиот Закон, и тогаш нивната цел ќе беше постигната. Тие би ги убиле со камења и Христа, и жената-грешница. Дури со поголема ревност би Го убиле со камења Него, отколку неа, како што потоа пред Пилата поусрдно проселе за ослободување на Варава, отколку на Христа.

 

Сите присутни очекувале да произлезе едно од двете: или Господ по Своето милосрдие да ја ослободи грешницата, и со тоа да го наруши Законот, или да го потврди Законот, велејќи: “правете како што е напишано во Законот”, и со тоа да ја наруши Својата заповед за прошка и милост. Во првиот случај би бил осуден на смрт, а во вториот би бил препуштен на потсмев и навредување.

 

Кога искушувачите го поставиле прашањето: “Ти што велиш?”, настапила мртва тишина. Тишина меѓу насобраниот народ. Тишина меѓу судиите на грешната жена. Тишина со притаен здив во душата на жената-грешница. Голема тишина настапува во големите циркуси, во кои скротувачите на ѕверовите ги воведуваат скротените лавови и тигри и им заповедаат по своја желба да направат разни движења, трикови и пози. Но, пред нас не се наоѓа скротувач на ѕверови, туку скротувач на луѓе, одговорност која е значително потешка од првата. Зашто, многу често, да ги скротиш подивеаните од гревот е потешко, отколку да ги скротиш дивите по природа.

 

“Ти што велиш?”, продолжувале против Него да настапуваат искривени лица, горејќи од злоба. Тогаш Законодавецот на моралот и човечкото однесување се навалил кон земјата, ја израмнил со дланка правта и “напишал со прст на земјата” (Јован 8:6).

 

Што пишувал Господ на правта? Евангелистот тоа го премолчал и не го запишал. Тоа било премногу одвратно и гнасно за да биде запишано во Книгата на Радоста. Но, тоа, кое било страшно, останало во Преданието. Господ напишал нешто неочекувано и поразително за старешините, обвинителите на жената-грешница. Со прст по земјата Тој ги откривал нивните тајни беззаконија, бидејќи тие ловци на туѓи гревови биле искусни во криењето на сопствените (гревови). Но, залудно е да криеш што и да било од очите на Оној Кој гледа сè.

 

М (ешулам) украл црковни скапоцености – напишал прстот Господов на земјата;

А (шер) извршил прељуба со жената на својот брат;

Ш (алум) се заколнал лажно;

Е (лед) го удрил својот татко;

А (марих)  присвоил имот на вдовици;

М (еррари) извршил содомски грев;

И (оел) се поклонил на идолите.

 

И така по ред пишувал на земјата страшниот прст на Преведиот Судија. А оние, на кои се однесувало тоа, наведнати, читале со неискажлив ужас. Од страв трепереле. Не смееле еден со друг да се погледнат во очи. Повеќе и не помислиле на жената-грешница. Мислеле само за себе и за својата смрт, која била напишана на земјата.

 

Ниту еден јазик не можел да се обрати, за да го каже тоа непријатно и лукаво прашање: “Ти што велиш?”. Господ не рекол ништо. Она што било така калливо, заслужувало единствено да биде напишано на калливата земја.

 

Другата причина поради која Господ пишувал на земјата, е уште посилна и чудесна. Она што се пишува на земјата, брзо се брише и не останува. Христос не сакал нивните гревови да бидат објавени за сите да ги чујат. Ако би го сакал тоа, Тој би ги објавил пред целиот народ и, откако ги обвини, би ги довел до убивање со камења во согласност со Законот. Но Тој, незлобивиот Агнец Божји, не помислил на одмазда и смрт за оние кои му подготвувале илјадници начини на смрт, и кои сакале смрт за Него повеќе отколку вечен живот за себе. Господ само сакал да ги поправи, за да мислат за себе и за своите гревови. Сакал да им напомни дека под бремето на сопствените беззаконија не треба да бидат строги судии на туѓите престапи.

 

Само тоа го сакал Господ. А кога тоа се исполнило, земјата повторно била израмнета и напишаното исчезнало.

 

Потоа, великиот наш Господ се исправил и благо им рекол: “Кој од вас е без грев, нека прв фрли камен” (Јован 8:7). Тоа било, како кога некој го одзема оружјето на своите непријатели, а потоа им вели: “Стрелајте”. Неодамнешните горди судии на жената-грешница, сега стојат разоружани, во положба на престапници пред Судијата, неми и неподвижни. А себлагиот Спасител, навалувајќи се надолу, повторно напишал нешто на земјата (Јован 8: 8).

 

Што пишувал Тој сега? Можеби други тајни престапи, па долго време да не ги отворат своите затворени усти, или пишувал какви треба да бидат народните старешини и водачи. За нас не е задолжително да знаеме.

 

Најважното се заклучува во тоа што Тој со Своето пишување на земјата постигнал три работи: на прво место, ја разбил и ја уништил бурата, која против Него ја дигнале еврејските старешини; второ, им ја разбудил нивната умртвена совест во нивните закоравени души – макар и за кратко време; и трето – ја спасил грешницата од смрт. Тоа е очигледно од евангелските зборови: “А тие (стерешините), што го чуја тоа, бидејќи совеста ги гризеше, се разотидоа еден по еден, почнувајќи од најстарите па до последните, остана Исус Сам и жената, која стоеше насреде.” (Јован 8:9).

 

Плоштадот пред Соломоновиот храм одеднаш опустел. На него не останал никој, освен тие двајцата, кои старешините ги осудија на смрт – грешницата и Безгрешниот. Жената стоела права, а Тој уште стоел наведнат ниско над земјата. Наоколу – мртва тишина.

 

Ненадејно Господ повторно се исправил, погледнал околу Себе и, кога не видел никого освен жената, и’ рекол: “Жено! Каде се твоите обвинители? Никој ли не те осуди?”.

 

Господ знаел дека никој не ја осудил, но со тоа прашање сакал да ја ободри жената, за таа да може подобро да го чуе и разбере тоа што ќе и’ го каже. Тој постапил како искусен лекар, кој од почеток го ободрува болниот, а потоа му дава лек. “Никој ли не те осуди?”. Се вратила способноста на жената да зборува, и таа рекла: “Никој, Господи!”.

 

Тие зборови ги изрекло тоа несреќно суштество, што само до пред малку немало надеж дека воопшто некогаш ќе може да каже што и да било, создание, кое веројатно за прв пат во животот го почувствувало ветрето на вистинската радост. На крајот, себлагиот Господ и’ рекол на жената: “И Јас не те осудувам, оди си и веќе не греши” (Јован 8:10-11). Кога волците се оттргнуваат од својата жртва, тогаш, не сака ни збор, и пастирот не ја посакува смртта на својата овца.

 

Но, потребно е да знаеме дека Христовото неосудување значи многу повеќе, отколку човечкото неосудување. Кога луѓето не те осудуваат за твојот грев, тоа значи дека не пресудуваат казна за гревот, туку го оставаат твојот грев со тебе и во тебе. Кога Бог не го осудува, тоа значи дека Тој го простува твојот грев, го извлекува од тебе како гној и ја прави твојата душа чиста. Затоа и Христовите зборови: “И Јас не те осудувам” значат она што и зборовите: “Ти се простуваат гревовите. Оди си, ќерко, и отсега не греши”.

 

Каква неискажлива радост! Каква радост поради вистината, зашто Господ им ја открил вистината на оние кои се во заблуда. Каква радост поради правдата, зашто Господ создал правда. Каква радост од милоста, зашто Господ покажал милост. Каква радост од животот, зашто Господ го сочувал животот.

 

Тоа е Евангелието Христово, кое значи Благовестие. Радосна вест, наука за радоста, тоа е една страница од Книгата на Радоста.

 

 

 Св. Николај Велимировиќ

 

 

,, 26. А во шестиот месец беше испратен од Бога ангелот Гавриил во галилејскиот град, по име Назарет,

 

27. при една девојка, свршена за маж по име Јосиф, од домот Давидов; а името на девојката ѝ беше Марија.

 

28. И кога влезе ангелот при неа, рече: „Радувај се, благодатна! Господ е со тебе! Благословена си ти меѓу жените!”

 

29. А таа, штом го виде, се уплаши од зборовите негови и помисли: „Каков е овој поздрав?”

 

30. И ѝ рече ангелот: „Не бој се, Марија, зашто си нашла милост пред Бога;

 

31. и ете, ти ќе зачнеш во утробата и ќе родиш Син, и ќе го наречеш со името Исус.

 

32. Он ќе биде голем и ќе се нарече Син на Севишниот; и ќе Му го даде Господ Бог престолот на Неговиот татко Давида;

 

33. и ќе царува над домот Јаковов секогаш, и царството Негово нема да има крај.”

 

34. А Марија му рече на ангелот: „Како ќе биде тоа, кога јас не знам за маж?”

 

35. Светиот Дух ќе слегне на тебе и силата на Севишниот ќе те осени; па затоа и роденото ќе биде свето и ќе се нарече Син Божји.

 

36. Ете и Елисавета, твојата роднина, за која велат дека е неплодна, и таа зачна син во староста своја; нејзе ѝ е веќе шести месец;

 

37. зашто нема да остане во Бога ниеден збор без сила.”

 

38. Марија, пак, рече: „Еве ја слугинката Господова; нека ми биде според зборовите твои!” И ангелот си отиде од неа.’’

 

 

 

               Скромноста на евангелието

 

 

 

По втор пат читаме за ангелот Гавриил како е испратен да соопшти уште една добра вест. Пред 5 месеци беше испратен кај еден бездетен свештеник за да го најави раѓањето на навестителот на Месијата. Раѓањето на Јован Крстителот, најголемиот меѓу сите кои се родени од жена, беше најавено тогаш; тој, пак, понатаму ќе ја има задачата да го проповеда Словото Божјо и да Го навести доаѓањето на Словото- Самиот Бог. Раѓањето на Исус Христос беше скромно по секој основ— ангелот дојде во малото место Назарет, при една девојка по име Марија. Назарет, според најновите научни публикации, во времето на Исус не броел повеќе од 500 жители. Тоа било едно мало гратче, без некакво поголемо значење— Назарет  не е споменат во Стариот Завет, ниту во официјалните документи, ниту пак во историјата напишана од Еврејскиот историчар Јусефиос. Значи, раѓањето на Месијата, Спасителот на светот, не беше најавено во Рим во палатата на Императорот и во неговото семејство. Отелотворувањето на Синот Божји се случи во едно мало местенце, во домот на една скромна девојка. Сепак, овде во ова мало местенце и преку оваа скромна девојка Бог ќе се роди, Создателот ќе се отелотвори и ќе живее меѓу Своето создание. Најрадосната вест за светот започнува. И нејзиниот почеток е скромен. Не е прв пат Бог да работи преку животите на скромни луѓе и нив да ги воздигнува до слава. Сетете се на Мојсеј кој во пустината ги пасеше овците на својот дедо. Слична е и животната сторија на царот Давид кој исто така беше овчар пред да биде избран од Бога да владее над Израел. 

 

 

 

Евангелието е скромна и едноставна радосна вест. Лесно е разбирлива, а нуди многу нескромни благодети за оние кои ќе ја прифатат, ќе ја веруваат и ќе ја живеат. Сепак, да се проповеда или да се пишува за истата не е воопшто лесна работа. Денешниов текст е толку богат со значење што може да се испише цела докторска дисертација за истиот. Во овој мој скромен обид ќе дадам само површинско објаснување затоа што уште многу теми од Евангелието по Лука остануваат недопрени и времето не ни дозволува да се посветиме само на еден дел од сторијата за Исус. Сепак, дури и во ваква форма верувам дека читателот ќе научи многу за најавата за Христовото раѓање- најпрвин за суштината и позадината на радосната вест со посебен осврт кон ткн. ,,Протоевангелие’’; ќе продискутираме за Марија, мајката на Богочовекот, Богородица, а понатаму ќе разгледаме и некои клучни термини од текстот. Сосема кон крајот ќе извлечеме и неколку практични поуки за нас денес.

 

 

 

Суштината на радосната вест

 

 

 

Темата за раѓањето на Исус е вообичаено актуелна во деновите пред Божиќ. Но, во тие денови ние сме веќе обременети од многуте празници- тукушто поминала прославата на Нова Година. Во деновите пред Божиќ се палат коледарските огнови, на Бадник се крши лепчето со паричка и суштината на Божиќ- а тоа е раѓањето на нашиот Спасителот- е заборавена или барем тргната на страна. Обичаите го заземаат централното место, а Славеникот е тргнат во некој ќош. Можеби сега ќе имаме повеќе внимание да упатиме кон централниот настан на Божиќ, со цел наредната божиќна прослава да ни биде духовно збогатена.

 

 

 

За да ја разбереме најавата за раѓањето на Исус Христос, всушност и за да ја разбереме Неговата Личност, мораме да се вратиме речиси на самиот почеток. Во книгата Битие (Прва Мојсеева) која е и прва од сите библиски книги, веднаш по Создавањето на светот Бог го постави Адам и неговата сопруга Ева во рајската градина. Првиот брачен пар живееше во изобилство на убавини: сета природа достапна за нивна работа и уживање и заедништвото со Бога. Имаа само една забрана, само една работа која не смееја да ја сторат- да не јадат од плодот на дрвото за познавањето на доброто и злото. Бог му рече на Адама дека кога ќе вкуси од тој плод ќе умре. Но, сатаната преправен во змија дојде и ја искушуваше Ева, лажејќи ја дека нема да умрат кога ќе јадат од забранетиот плод, туку дека ќе станат ,,како богови’’. Токму во таа желба да се биде бог се крие основата на секој грев. Секој грев се состои во човековата горделивост, во човековата желба да стане бог. Првиот брачен пар падна на искушението од сатаната, јадеа од забранетиот плод и навистина умреа- најпрвин во духовна смисла на зборот, а потоа и во физичка. Но, веднаш после првиот грев Бог им даде ветување. Предобриот Бог не го остави човештвото без надеж. Тој им даде ветување дека ќе дојде Семето на жената кое ќе му ја згази главата на сатаната.    

 

 

 

Но, природата не’ учи дека жената нема семе. Во половите органи на мажот се создава семето кое потоа кога ќе зачне во утробата на жената ќе стане нов живот. Тогаш, за какво Семе зборува книгата Битие? Ова ветување уште се нарекува и ,,протоевангелие’’ односно ,,прво евангелие’’. Овде ја имаме радосната вест за Христовото раѓање во најтаинствена форма. Нашите прародители знаеја дека има надеж, дека Бог ќе обезбеди спасение, но не знаеја како ниту кога. Потоа, низ целиот Стар Завет стојат пророштвата за доаѓањето на Месијата. Во Мојсеевите книги, книгите на Пророците и Псалмите се содржани над 350 пророштва за Месијата. И ете, преку нашиот учител евангелистот Лука доаѓаме до повеќе сознанија за чудесното исполнување на Божјото ветување дадено пред илјадници години. Исус Христос е ветеното Семето Женино кое, според даденото ветување, дојде и му ја сотре главата на сатаната. Му ги уништи неговите дела, ја обзнани Божјата вистина и ни подари спасение преку вера во Него.

 

 

 

Марија, мајката на Богочовекот

 

 

 

Полека зачекоруваме во Божјото чудо, планирано пред почетокот на светот, ветено уште од најраната доба на човековата историја. Но, Лука пишува без голема помпа. Во текстот не ќе најдете елоквентни изрази кои низ поезија би го величеле Бога. Нема фанфари и тапани кои би го најавиле Божјото отелотворување. Она што е надвор од умот- дека Бог стана човек- е напишано во многу разумна форма. Лука пишува со цврста убеденост во Божјата се’моќност. За него тоа е јасна Божја карактеристика и нема потреба да ја докажува и кон неа постојано да упатува. 

 

 

 

Марија, онаа која ќе стане Богородица, беше свршена за Јосиф. Не ја знаеме точната нејзина возраст, но знаеме дека прагот за свршувачка бил за девојките 12 години, а за момчињата 14. Во секој случај, Марија била многу млада девојка. Правилата за свршувачката биле многу строги. Девојката морала да влезе невина во бракот. Семејството на момчето требало да обезбеди место каде новиот брачен пар ќе живее и вообичаено новиот дом бил прилепен со домот на таткото. А пак целиот брак бил договорен од родителите. Свршувачката била сериозен чин и бил правно-обврзувачки. Парот не живееле заедно и немале сексуални односи, но сепак само смрт на некој од идните сопружници или пак развод можело да доведе до раскинување на свршувачката. Периодот од свршувачката до бракот вообичаено траел една година, а потоа имало брачна прослава која траела по една недела.  

 

 

 

 Но, да се вратиме кон зборовите на евангелистот. Марија беше свршена за Јосиф, кој пак имаше кралска крв, односно потекнуваше од ,,домот Давидов’’. Знаеме исто така дека и Марија потекнуваше од лозата на царот Давид (види го генеолошкото стебло во 3тото поглавје од Евангелието по Лука). Значи, Исус имаше кралска крв во себе! Крвта на царот Давид течеше во Неговите вени. По мајка Му го наследи правото да владее над Израел, гледано од човечка перспектива. Но и Неговиот очув исто така потекнуваше од царската фамилија. Да не се разбереме погрешно, Јосиф и Марија не живееја во царски раскош. Тие беа една скромна двојка за која како што пишува евангелистот Матеј- дури немаше ни место каде да се заклонат кога на Марија и дојде времето да се породи. Сепак, тие беа наследници на славниот цар Давид и Родениот во нивниот дом е единствениот денес за Кој со целосно право може да се каже дека е Царот Израелски. Имено, еве една интересна сторија. Се’ до уништувањето на Храмот во Ерусалим секој Евреин можел да го потврди своето еврејско потекло преку матичните книги кои се воделе за секој роден во израелско семејство. Но, со уништувањето на Храмот се уништени и сите матични книги; па така, Единствениот за кој имаме генеолошки доказ дека е наследник на царот Давид и со тоа Цар на Израел е Исус Христос!

 

 

 

Лука не ни кажува многу за Марија. Од библискиот текст изложен погоре можеме да заклучиме дека станува збор за скромна девојка, решена да се исполни волјата Божја во нејзиниот живот. Но, авторот не ја опсипува со атрибути. Тој не и придава нејзе некакви божествени карактеристики. Ангелот ја нарече Марија ,,благодатна’’ и и’ рече ,,Господ е со тебе’’. Уште и рече дека таа ,,нашла милост пред Бога’’. Но, тој не ја нарече нејзе ,,Владичица, Пресвета, Заштитничка на Скопје’’ итн. Ние христијаните треба да ја почитуваме Марија како мајка на Исус, Богочовекот, Спасителот и Господ наш. Во нашите мисли треба да ја имаме како жената која Го израсна Исуса и со неа треба да се сожалуваме зашто таа Го загуби своето чедо. Но, не смееме да се препуштаме на идолопоклонство кон Марија, та да започнеме да ја сметаме за наша заштитничка и спасителка. Целата слава нека Му припаѓа на Бога!

 

 

 

Ветувањето на ангелот (30-33 стих)

 

 

 

Ангелот и соопшти на Марија дека таа зачне и ќе роди Син, Кој ќе Го нарече Исус и Кој ќе биде Син на Се’вишниот. Господ Бог Нему ќе Му го даде престолот на Давид и Неговото царство не ќе има крај. Ќе ги разгледаме некои од клучните термини во овој дел од библискиот текст.

 

 

 

Името ,,Исус’’, односно ,,Јешуа’’ како што е оригиналот, доаѓа од ,,Јехова спасува’’. Името не е избрано по некаква случаност, туку во Неговото име е содржана целата Негова мисија. Да позајмиме еден стих од евангелието на апостолот Матеј: ,,ќе Му ставиш име Исус, зашто Он ќе го спаси народот Свој од неговите гревови.’’ Глаголот ,,спаси’’ е клучен за Исусовото име. Тоа било вообичаено име во старозаветните времиња. Дека Бог спасува им беше јасно на Евреите- тие ја имаа искусена Божјата љубов и грижа. И ете кога Бог стана човек и чекореше меѓу нас, Тој избра токму такво име за Себе- Исус- име над сите имиња кое ја манифестира Неговата суштина. ,,Исус дојде да ги спаси грешниците од кои јас сум најголем’’- ќе запише апостолот Павле неколку децении по Исусовата смрт. Тој дојде за да спаси. Тој е нашето спасение. Еквивалент на името ,,Исус’’ во македонскиот јазик би било името ,,Спасе’’. И еден интересен детал- името ,,Исус’’ не се римува со ниту еден друг збор! 

 

 

 

Ангелот и’ рече на Богородица за Исус дека ,,Он ќе биде голем’’ (стих 32). Понатаму читаме низ Евангелијата дека Исус е навистина нарекуван така. Јован Крстителот за Него рече: ,, Јас ве крштавам за покајание со вода, но Оној што иде по мене е посилен од мене; јас не сум достоен да Му ги понесам ни обувките; Он ќе ве крсти со Дух Свети и со оган.’’ (Евангелие по Матеј 3:11). Апостолот Павле, пак, за Него им напиша на древните Македонци од Филипи: ,,Па затоа и Бог високо Го издигна и +Му даде име, што е над секое име, та во името на Исуса да ги преклони колената на сè што е небесно, земно и подземно, и секој јазик да исповеда дека Исус Христос е Господ, за слава на Бога Отецот.’’ (Послание до Филипјаните 2:9-11). 

 

 

 

Понатаму, ангелот рече дека Исус ,,ќе се нарече Син на Севишниот’’. Ова е еден од термините препознатлив за Лука. Во Новиот Завет од вкупни 9 референци каде се употребува овој израз, а дури 7 од нив се употребени од страна на Лука во Евангелието и во Дела на апостолите. Евреите не го користеле Божјото име (Јахве) за да зборуваат за Него, туку користеле други термини со кои упатувале кон Него. На пример, Го нарекувале ,,Господ над војските’’ или ,,Севишниот’’ се’ со цел да не ја прекршат третата Божја заповед и напразно да го изговорат Божјото име. Теолошкото значење на изразот ,,Син на Севишниот’’ се состои во изедначувањето на суштината на Бог Синот со онаа на Бог Отецот. ,,Јас и Отецот сме едно’’- ќе рече Исус подоцна во Евангелието по Јован. 

 

 

 

На Синот на Севишниот, Кој ќе биде и Син на Марија, Нему ,,ќе Му го даде Господ Бог престолот на Неговиот Татко Давида; и ќе царува над домот Јаковов секогаш, и царството Негово нема да има крај.’’ Верувам дека кај сите нас постои една тенденција кога ќе помислиме на Исуса да помислуваме на Него како распнат. И со право- таму на крстот Голготски Тој го одработи нашето спасение. Но, ,,приказната’’ не завршува на крстот. Потоа Тој беше погребан, а на третиот ден воскресна. Денес владее над универзумот како суверен Господар. Стариот Завет е преполн со пророштва за потомокот на царот Давид (а погоре пишувавме за тоа дека Исус е потомок на царот Давид и по линија на Неговата мајка Марија и по линијата на Неговиот очув- Јосиф) кој ќе седне на престолот и Неговата власт не ќе има крај. Сега на оваа скромна млада девојка од Назарет и е соопштена веста дека Оној Кој ќе биде зачнат во нејзината утроба ќе биде Оној Кој ќе седне на Давидовиот престол и Кој ќе владее во век и веков. Одговорот на Марија после сето ова е за поздравување! Таа не се сомнева во доаѓањето на Месијата, потомокот на Давид, Синот на Севишниот! Како што ќе видиме таа покажува верба во Бога дека Тој ќе ги исполни Своите ветувања. За Исусовото зачнување и одговорот на Марија ќе научиме нешто повеќе во наредното проучување на Евангелието по Лука.

 

 Заклучок

Евангелието иако е радосната вест за спасението на светот, сепак имаше скромни почетоци. Започнува со една скромна млада девојка, во едно мало местенце без никакво значење. Не разочарувајте се доколку вашата сегашна состојба изгледа скромна и не многу надежна! Бог работеше и работи преку луѓе токму такви како нас; и преку нив го изведе највеличественото дело- делото на спасението. Бог може и нас да не’ употреби за Неговите свети и совршени цели и преку нас да создаде дела од безвремен карактер. Оној чие зачнување и раѓање беше ветено уште од самиот почеток на времето, Оној чие раѓање требаше да изврши преку утробата на Марија- Исус Христос, Кој ќе се нарече голем, Синот на Севишниот, Оној Кој ќе седне на престолот на царот Давид и чие царство ќе трае засекогаш- токму Тој реши да се понизи и да се роди во еден таков контекст. Но, Неговата понизност не се согледува само од Неговото раѓање! Целиот понатамошен живот се’ до самата смрт понизноста, скромноста и едноставноста беа Негови одлики. Навредуван, понижуван, отфрлан, опкружен со луѓе кои Му ја посакуваа смртта, на крајот распнат- ете таков беше Оној чие раѓање и’ беше ветено на Марија. Бог се понизи, за ние да се возвишиме преку Него. Да завршам со зборовите на Јован Златоуст: ,,Ако Синот Божји стана Син Давидов, тогаш без сомнеж ние синовите Адамови ќе станеме синови божји. Ако Бог се понизи до тој степен, тоа не беше без смисла, туку со цел нас да не’ подигне. Тој се роди од телото, за ние да се родиме од Духот. Тој се роди од жена, за ние да се родиме од Бога.’’

 

 

,,И рече: „Еден човек имаше два сина.

Помладиот од нив му рече на татка си: »Татко, дај ми го делот што ми припаѓа од имотот!« И таткото им го раздели имотот. 

По неколку дена, помладиот син, кога собра сè, отиде во далечна земја и таму го потроши својот дел, живеејќи блудно. И откако потроши сè, настана голем глад во таа земја и тој се најде во мака; па отиде при еден човек во таа земја и се погоди, и тој го прати во своето поле да пасе свињи.

И страден беше да го наполни својот стомак со рокчиња што ги јадеа свињите, но никој не му ги даваше. А кога дојде на себеси, рече: Колку наемници при татка ми имаат леб во изобилие, а јас, пак, умирам од глад. Ќе станам и ќе отидам при татка си и ќе му речам: »Татко, згрешив против небото и пред тебе и не сум веќе достоен да се наречам твој син; но прими ме како еден од своите наемници«.

Па стана и отиде при татка си. И кога беше уште далеку, го виде таткото негов и се сожали на него, па потрча, го прегрна и го целива.

И синот му рече: »Татко, згрешив против небото и пред тебе, и не сум веќе достоен да се наречам твој син!«

А таткото им рече на слугите свои: »Изнесете најубава промена и облечете го, и дајте му прстен на раката негова и обувки на нозете; Па дотерајте и заколете угоено теле: да јадеме и да се веселиме, оти овој мој син мртов беше и оживе, изгубен беше и се најде«. И почнаа да се веселат.

А постариот негов син беше в поле; и на враќање, кога се приближи до куќата, чу песни и извици. Па, како повика еден од слугите, го праша: »Што е ова?« А тој му рече: »Брат ти си дојде и татко ти закла угоено теле, оти го виде здрав.« Тој се налути и нејќеше да влезе. Тогаш излезе татко му и го молеше. А тој му одговори на татка си и му рече: »Еве, те служам толку години и никогаш не ја прекршив твојата заповед; и мене не си ми дал ни едно јаре, за да се провеселам со моите

пријатели; а кога дојде овој твој син, што го упропасти својот имот со блудници, за него ти закла угоено теле.«

А он му рече: »Синко, ти си секогаш со мене и сè мое е твое; но требаше да се зарадуваме и развеселиме, оти овој твој брат беше мртов и оживе, изгубен беше и се најде.«“ (Евангелие според Лука 15:11-32)

 

Оваа парабола ја раскажа Господ Исус Христос додека проповедаше низ Јудеја. Параболата е запишана единствено од евангелистот Лука и е една од најдобро познатите параболи од Евангелието. 

Оваа парабола е една од најдобрите објаснувања на Божјата милост и прошка. Позната е како ,,Параболата за блудниот син’’, но истовремено можеме да ја наречеме и ,,Параболата на милостивиот татко’’, зашто фокусот треба да ни биде не само на грешникот кој се кае, туку и на Небесниот Отец Кој е спремен да простува.

Приказната започнува со еден татко кој има два сина. Помладиот сака да го добие своето наследство уште додека неговиот родител е се’ уште жив. Нормално било децата да наследуваат кога таткото ќе почине, но не и додека тој бил жив. Со тоа, помладиот син покажал непочит кон татка си, како да го прогласил за мртов уште додека тој е жив. Таткото ја услишал желбата на синот и им го разделил имотот. За само неколку дена синот продал се’ и отишол во некоја далечна земја. Започнал да живее блудно и во грев го потрошил своето богатство. А кога успеал да потроши се’, настапило глад и синот морал да се снаоѓа, та отишол кај некој човек и се спогодил да му ги чува свињите. За Израелците чувањето свињи е многу понижувачка работа, затоа што свињите биле сметани за нечисти според Стариот Завет. Во својот очај блудниот син се нафатил да работи било што- само за да се прехрани. 

Во еден момент се освестил и се сетил дека при неговиот татко дури и наемниците имаат леб во изобилие, додека тој овде во далечна земја едвај преживува. Решил да се врати кај татка си и таму да работи како наемен работник, со надеж дека таму ќе му биде подобро отколку овде каде што се доведе самиот себеси. 

Па стана и отиде кај татка си, а таткото кога го виде својот син уште од далечина, стана и потрча кон сина си. Знаете, во тие времиња старите и богатите луѓе не трчале. Згора на тоа, родителите не трчале во прегратките на децата, туку се очекувало обратното. Овде ја согледуваме милоста на таткото- слика на милоста Божја- кој не се штеди самиот себеси. Тој не очекува долги извинувања од синот, не му ја пружа раката да му биде бацувана, не го казнува сина си... Таткото потрча кон синот, го прегрна и го целиваше. Тогаш синот си ја призна грешката и се извини, а таткото нареди блудниот син да биде облечен во нова руба, да му стават прстен на раката и да приредат гозба во чест на неговото враќање назад. Кон крајот на параболата, милостивиот татко за својот блуден син вели ,,беше мртов и оживе, изгубен беше и се најде’’.

Секој човек е како блудниот син. Сите сме Го оставиле Бога, сме Му Го свртеле грбот. Бог за нас бил мртов и сме отишле да го трошиме она што Тој ни го дал блудничејќи со светот. Сме го трошеле нашиот живот, нашето тело, нашите дарови, нашите способности, сме ја трошеле Божјата долготрпеливост и милост одејќи по патот на гревот. Некои од нас сфатиле дека со своите сили не можеме да имаме живот; единствено можеме да имаме вистински живот во Бога. И така сме се покајале и сме тргнале да се вратиме при Него, макар и како наемници сметајќи се себеси недостојни да бидеме Негови чеда. Но Неговата милост е преголема- Бог не стои настрана, туку го љуби грешникот кој се кае. Неговата радост е преголема кога грешникот од гревот ќе се сврти кон Бога, кога од смртното ќе се преориентира кон живото. 

Светиот Јован Кронштатски пишува: ,,Целото наше внимание треба да биде насочено кон Параболата за блудниот син. Во неа треба да се видиме самите себеси како во огледало. Со само неколку зборови, Господ Кој ги познава сите срца, ни покажува колку е слатка измамата на гревот и како гревот не’ одделува од Бога. Тој знае колку ни тежи гревот на душата и на телото и не’ повикува преку Својата божествена милост да се вратиме при Него; и многумина се враќаат при Бога и во добродетелен живот.’’

Почитувани, Параболата за Блудниот син е повик до сите луѓе да се вратат назад при Бога. Секој еден од нас е насликан во оваа парабола, секој од нас е блудниот син. Отецот Небесен не’ повикува покајнички да се вратиме при Него, а Тој нема да го одбие срцето кое вистински моли за прошка и милост. 

 

Во тие дни излезе заповед од ќесарот Август за попис на сите жители.

Тоа беше прв попис за управувањето на Квириниј во Сирија.

И отидоа сите да се запишат, секој во својот град.

Отиде и Јосиф од Галилеја, од градот Назарет, во Јудеја, во градот Давидов, наречен Витлеем, бидејќи беше од домот и племето Давидово, за да се запише со Марија, свршената за него жена, која не беше празна. А кога беа таму, нејзе ѝ дојде времето да роди.

Го роди својот Син првенец, Го пови и Го положи во јасли, оти за нив немаше место во гостилница.

Имаше пастири во тој крај, кои ноќеваа таму и го чуваа своето стадо. И одеднаш се јави ангел Господов меѓу нив и славата Господова ги осветли; и се уплашија многу. А ангелот им рече: „Не бојте се! Еве, ви соопштувам голема радост, која ќе биде за сите луѓе; зашто денеска ви се роди во градот Давидов Спасител, Кој е Христос Господ; и еве ви знак: ќе најдете повиен Младенец, како лежи во јасли.” И одеднаш со ангелот се јави многубројно небесно воинство, кое Го славеше Бога, велејќи: Слава на Бога во висините, а на земјата +мир и меѓу луѓето добра волја!

 

(Евангелие според Лука 2:1-14)

А кога се раздени, сите првосвештеници и старешини народни направија совет против Исуса за да Го убијат; и откако Го врзаа, Го одведоа, и Го предадоа на управникот Понтиј Пилат.

Тогаш Јуда, што го предаде, кога виде дека е Он осуден, се покаја и ги врати триесетте сребреници на првосвештениците и старешините, велејќи им: „Згрешив, оти предадов невина крв.” А тие му одговорија: „Што ни е грижа нам за тоа? Мисли му ти.”

И како ги фрли сребрениците во храмот, излезе и отиде, та се обеси. Првосвештениците ги прибраа сребрениците и рекоа: „Не чини да се оставаат во црковната каса, оти се цена за крв.” И како се советуваа, ја купија со нив грнчаревата нива, за да погребуваат во неа луѓе од други места. Затоа и до денес таа нива се вика Крвна нива. Тогаш се исполни реченото преку пророкот Јеремија: „И ги зедоа триесетте сребреници, цената на Непроценливиот, Кого Го оценија синовите Израилеви, и ги дадоа за грнчаревата нива, како што ми кажа Господ”.

И Исус застана пред управникот. И тој Го праша, велејќи: „Ти ли си Царот Јудејски?” Исус му одговори: „Ти велиш” И кога Го обвинуваа првосвештениците и старешините, Он ништо не одговараше.

Тогаш Му рече Пилат: „Не слушаш ли колку сведочат против Тебе?” И не му одговори ниту на еден збор, така што управникот се чудеше многу.

А на секој празник Пасха управникот имаше обичај да му отпушта на народот по еден затвореник, кого што би го побарале.

Тогаш тие имаа еден прочуен затвореник, по име Варава.

И кога се собраа, Пилат им рече: „Кого сакате да ви го пуштам: Варава ли, или Исуса, наречен Христос?” Оти знаеше дека Го беа предале од завист.

Во тоа време, кога тој седеше во судот, жена му порача да му кажат: „Не прави Му ништо на Тој Праведник, оти денеска многу пострадав насон, заради Него.”

Но првосвештениците и старешините го наговорија народот да го измоли Варава, а Исуса да Го погуби.

Тогаш управникот ги праша: „Кого од двајцата сакате да ви го пуштам?” Тие одговорија: „Варава!”

Пилат им рече: „А што да направам со Исуса, наречен Христос?” Му одговорија сите: „Да биде распнат!”

Управникот рече: „Па какво зло направил?” Но тие уште посилно извикаа и рекоа: „Да биде распнат!”

Пилат, штом виде дека ништо не помага, а буната се зголемува, зеде вода, ги изми рацете пред народот и рече: „Невин сум за крвта на Овој Праведник; мислете му вие!”

И одговарајќи целиот народ, рече: „Крвта Негова нека падне на нас и на нашите деца!”

Тогаш им го пушти Варава, а Исуса, откако Го бичуваа, Го предаде да биде распнат.

Потоа управниковите војници Го зедоа Исуса во судницата и ја собраа целата чета околу Него, па, откако Го соблекоа, Му облекоа багреница; исплетоа трнов венец, Му Го кладоа на главата и Му дадоа во десната рака трска; и паѓајќи на колена, Му се потсмеваа и велеа: „Радувај се, Царе Јудејски!”

И плукаа на Него и, како ја зедоа трската, Го удираа по главата.

А кога Го исмеаја, Му ја соблекоа багреницата, Му ги облекоа Неговите алишта и Го поведоа на распнување.

На излегување сретнаа еден Киринеец, по име Симон; него го натераа да Му го носи крстот.

И кога дојдоа на местото, наречено Голгота, што значи: место на черепи, Му дадоа да пие оцет, измешан со жолчка. Но Он вкуси и не сакаше да пие, а штом Го распнаа, ги разделија алиштата Негови, фрлајќи ждреб; па седеа таму и Го чуваа; и Му кладоа над главата натпис, со вината Негова: „Овој е Исус, Царот Јудејски.”

Тогаш распнаа со Него и двајца разбојници: едниот од десната страна, а другиот од левата.

А минувачите, вртејќи ги главите свои, Го хулеа и велеа: „Ти, што го уриваш храмот и за три дни го соѕидуваш, спаси се Себеси! Ако си Син Божји слегни од крстот!”

Исто така и архијереите, заедно со книжниците и старешините, и фарисеите, потсмевајќи се говореа:

Другите ги спаси, а Сам Себе не може да спаси. Ако е Он Цар Јудејски, нека слезе сега од крстот, па ќе поверуваме во Него.

Се надеваше на Бога, нека Го избави сега, ако е по волјата Негова, оти беше рекол: »Син Божји Сум!«“

И разбојниците, распнати со Него, Го хулеа исто така.

А од шестиот час настана темнина по целата земја, до деветтиот час; а околу деветтиот час извика Исус со висок глас и рече: „Или! Или! Лама савахтани?” А тоа значи: „Боже Мој, Боже Мој, зошто Си Ме оставил?”

А некои од оние што стоеја таму, кога го чуја тоа, рекоа: „Овој го вика Илија.”

И веднаш еден од нив отрча, зеде сунѓер, го натопи во оцет и го надена на трска, па Му даваше да пие.

Другите, пак, велеа: „Чекајте, да видиме, дали ќе дојде Илија да Го спаси.”

А Исус, откако повторно извика со висок глас, го испушти духот.

И наеднаш се расцепи црковната завеса на два дела, од горниот крај до долниот; и земјата се затресе; и карпи паднаа;и гробови се отворија; и многу тела на упокоени светии воскреснаа; па како излегоа од гробовите, по воскресението Негово, влегоа во светиот град и се јавија на мнозина.

А стотникот и оние, што со него заедно Го чуваа Исуса, откако го видоа земјотресот и сè друго што стана, се уплашија многу и говореа: „Навистина Овој бил Син Божји!”

 

(Од 27 поглавје од Евангелието според Матеја)

На денот кога Црквата го празнува отсекувањето на главата на Јован Крстителот, да се потсетиме на неговото учење. Ова е сржта на неговото учење, пренесено до нас преку перото на евангелистот Лука:

 

,,Во петнаесеттата година од владеењето на ќесарот Тибериј, кога Понтиј Пилат беше управител во Јудеја, а Ирод – четворовласник над Галилеја, и Филип брат му, четворовласник во Итуреја и Трахонитската област, и Лисаниј – четворовласник во Авилинија, при првосвештениците Ана и Кајафа, му рече Бог на Јована, синот Захариев, во пустината.

И тој го обиколи целиот крај околу Јордан, проповедајќи покајно крштавање за проштавање на гревовите, како што е напишано во Книгата, според зборовите на пророкот Исаија, кој вели: „Гласот на оној, што вика во пустината: пригответе го патот на Господа и рамни правете ги патеките Негови; секоја долина нека се исполни и секоја планина и секој рид нека се снизат; кривините нека се исправат и нерамните патишта нека се израмнат, и секое тело ќе го види спасението Божјо!”

А на луѓето, што доаѓаа при него да ги крсти, им велеше: „Породи змиини, кој ве научи да бегате од гневот што иде? Но родете плодови достојни за покајание и не почнувајте да зборувате во себе: »Го имаме таткото Авраама!« Зашто ви велам, дека Бог може и од овие камења да издигне чеда на Авраама. Оти веќе и секирата стои кај коренот на дрвјата; и секое дрво, што не дава добар плод, се сече и фрла во оган.”

И го прашаа луѓето, велејќи: „Тогаш што треба да правиме?”

А тој им одговори и рече: „Кој има две облеки, нека му даде на оној што нема; а кој има храна, нека го прави истото.”

Дојдоа и митници да се крстат од него и му рекоа: „Учителе, што да правиме?”

А тој им рече: „Не барајте повеќе, отколку што е определено.”

Го прашаа и некои војници, говорејќи: „А што да правиме ние?” И им рече: „Никого не присилувајте, никого не клеветете, и бидете задоволни со вашите плати.”

А на луѓето што чекаа и си помислуваа во срцата свои за Јована да не е тој Христос,

Јован им одговараше на сите, велејќи: „Јас ве крштавам со вода; но иде посилен од мене, Кому не сум достоен да Му ги одврзам ни ремчињата на обувките Негови: Он ќе ве крсти со Дух Свети и со оган.

Нему му е лопатата во раката Негова и Он ќе го очисти гумното Свое, и ќе го собере житото во житницата Своја, а плевата ќе ја изгори со неизгаслив оган.”

И уште многу друго му проповедаше на народот, утешувајќи го.’’ (Свето Евангелие според Лука 3:1-18)

 

,,А кога беше Исус во Витанија, во куќата на Симона Прокажениот, се приближи до Него една жена, која носеше шише со скапоцено миро, и го изли врз главата Негова, кога Он седеше на трпезата.

И штом го видоа тоа учениците Негови, се расрдија и рекоа: „Какво е тоа растурање? Оти тоа миро можеше да се продаде многу скапо и парите да се разделат на сиромаси.”

Но Исус, разбирајќи го тоа, им рече: „Зошто ја буните жената? Таа направи добро дело за Мене; оти сиромасите ги имате секогаш покрај себе, а Мене Ме немате секогаш; таа, изливајќи го тоа миро врз телото Мое, Ме приготви за погребение. Вистина, ви велам: каде и да биде проповедано ова Евангелие по цел свет ќе се прикажува за нејзин спомен и тоа што го направи таа.” (Евангелие според Матеја 26:6-13)

 

Овој настан опишан од евангелистите се случил во последната недела (Страсната Недела, како што уште се нарекува) од Христовиот живот на земјата, односно токму на денешен ден- среда.

Господ Христос бил во гратчето Витанија, во куќата на Симон кој порано беше заболен од лепра, но Господ го излечи. И додека Господ седеше на трпезата ете една жена која носеше скапоцено миро се приближи до него и го изли мирото врз главата Негова.

На тоа се спротивставиле Неговите ученици, сметајќи дека тоа миро можело да се искористи на поинаков начин- на пример да се продаде и парите да се разделат на сиромасите. Но, Христос јасно им кажува дека со тој чин таа сторила добро дело за Него- односно изливајќи го тоа миро врз Неговото тело таа го приготвила за погребението, а сиромасите тие секогаш ќе ги имаат покрај себе и ќе можат да се грижат за нив.

 Зошто од толку места на кои оваа жена можела да Му пристапи на Господа, таа собрала храброст да го стори тоа токму во домот на Симона Лепрозниот? Светиот Јован Златоуст вели дека евангелистот неслучајно споменува дека настанот се случил во домот на некогаш лепрозниот Симон затоа што лепрата се сметала за најнечистата и одвратна болест. И ете Господ не само што го излечил лепрозниот туку и не се срамел да присуствува во неговиот дом и да јаде на неговата трпеза. И штом Господ го прифатил лепрозниот, жената била охрабрена да дојде и таа при Христа со сите свои гревови. Верувала дека штом Господ можел да го излечи Симона од неговата телесна нечистота, тогаш сигурно дека можел да ја излечи и нејзе од нејзината душевна нечистота. 

Мноштвото други луѓе кои читаме низ Евангелијата како Му се приближувале на Господа барале од Него да ги исцели нивните телесни болести. Но, оваа жена која Му приоѓа на Христа во Витанија, во куќата на Симона Лепрозниот не е болна надворешно, туку внатрешно. 

Кога учениците и’ замеруваат на жената за штетата која ја направила и упатуваат кон тоа дека тоа скапоцено миро можело да се продаде и парите да се разделат на сиромашните, Господ им рече да не ја укоруваат жената. Тогаш повторно им кажа за Неговото погребение. Всушност, Христос веќе неколку пати им имаше кажано на Своите ученици дека Тој оди во Ерусалим за да пострада, да биде распнат и на третиот ден да воскресне, но тие тоа како да не го сфаќаа. Читајќи ги Евангелијата и гледајќи ги филмовите за Исус лесно можеме да дојдеме до заклучок дека злобните верски водачи во соработка со Римјаните Го измачуваат Христа и Го убиваат иако Тој е целосно невин; и се чини како да забораваме дека Тој Самиот одлучи да Го даде Својот живот за откуп на многумина. Значи, Христос беше свесен дека ќе пострада и ќе умре! Тоа не беше изненадување туку целосно дел од Божјиот план за спасение на човекот. 

Од друга страна, Христос им даде и една поука на Неговите ученици која има значење и за нас денес. Тој ни порача дека секогаш ќе ги имаме сиромашните околу себе и секогаш е добро време да им помогнеме. Сепак, честопати забораваме на оваа наша должност. 

Во стиховите после горниот цитат Евангелистот Матеј запишал дека веднаш после овие Христови зборови ,,Тогаш еден од дванаесетте, по име Јуда Искариот, отиде при првосвештениците и рече: „Што ќе ми дадете, па да ви Го предадам?” А тие му предложија триесет сребреници.’’

Што ли беше тоа што толку го изиритира Јуда да посегне по предавство? Дали тоа што Христос зборуваше за Својата смрт и погребение? Дали поради Неговиот однос и грижа кон сиромашните? Дали поради Јудиното среброљубие? 

Нам ни преостанува да се сеќаваме на тоа дека Господ беше и останува отворен за сите и за секого, без разлика каков е нашиот багаж од минатото. Да не Го бараме Бога само кога ни треба лек за телото- да Го бараме и кога ни треба лек за душата! Да се сеќаваме и на љубовта Божја- Христос не отиде на крстот спротивно на Сопствената волја туку целосно свесно и одлучно Самиот реши да Го даде Својот живот за спасение на многумина. И да се сеќаваме и да помагаме на сиромашните секогаш кога можеме. 

 

,,Бидејќи ревноста за Твојот дом ме јаде, и подбивите на оние, што Те хулат, паѓаат врз мене’’ (Псалм 68:9)

од Евангелието според Матеј 21 поглавје:

12. И влезе Исус во храмот Божји и ги истера сите, што продаваа и купуваа во храмот, ги растури масите на менувачите и столовите на оние, што продаваа гулаби,

13. и им рече: „Напишано е: »Домот Мој, дом за молитва ќе се нарече«, а вие го направивте како разбојничка пештера.”

14. И дојдоа при Него во храмот слепи и хроми, и Он ги излекува.

15. А првосвештениците и книжниците, гледајќи ги чудесата што ги направи Он, и слушајќи ги децата како викаа во храмот и велеа: „Осана на Давидовиот Син!”, се расрдија,

16. и Му рекоа: „Слушаш ли што велат тие?” А Исус им рече: „Да! Зар никогаш не сте читале: »Од устата на младенците и од оние што цицаат Ти си приготвил пофалба«?”

17. И кога ги остави, отиде надвор од градот, во Витанија, каде што преноќева.

За да го разбереме овој извадок од Евангелието мораме бар малку да ја разбереме духовната состојба на Израел во времето на Исус. Имено, Израел беше народ поставен да биде сведок Божји на земјата, односно верно да сведочи за Бога и да живее поинаков живот од останатите народи. За жал, Израелскиот народ многупати комплетно ја промаши Божјата промисла та живееше во безбожност и во славење на туѓи богови. Во периодот на земниот живот на Исус, Израел живееше под Римска окупација и нивна најголема желба беше да се ослободат од ропството и да го воспостават своето царство кое ќе биде до крајот на Земјата. И сиот нивен светоглед беше индоктриниран од оваа желба. Станаа овоземни, телесни, недуховни... а беа облечени во надворешна побожност и формалности. Нивните верски водачи, пак, станаа експерти по лицемерие- од една страна изгледаше дека го почитуваат Божјиот закон, а од друга страна- живееја во грев. Како и многумина денес.

Храмот во Ерусалим беше централен дел на религиозниот, политичкиот и културниот живот во Израел. Но, наместо да биде Храм посветен на Бога, Храм посветен на молитва и славење на Бога, овој Храм според зборовите Исусови стана ,,разбојничка пештера.’’ Во Храмот се вршеше ,,религиозен бизнис’’ од страна на религиозните водачи. Имено, религиозните лидери држеле монопол врз менувањето на пари и продажбата на животни за принесување жртва на Бога и од тоа заработувале огромни суми на пари. Историчарите забележуваат дека во Христово време овој бизнис бил поседуван од првосвештеникот Ана и неговите синови.

И кога Господ влезе во Храмот Тој ги истера сите оние кои продаваа и купуваа во Храмот и им ги растури и масите и столовите на кои тие тргуваа. Наместо ,,Дом за молитва’’ религиозните лидери од Храмот направија пазар! Пазар на кој тие добро заработуваа.

Размислувајќи за овој настан мораме да направиме споредба со денешните времиња. Несомнено голем е бројот на верски водачи кои комплетно ја промашиле целта на својата служба, та наместо да работат за Божјото Царство тие работат за да создадат свое сопствено царство. Наместо да се борат да го зголемат бројот на спасени души, тие се борат да ја зголемат бројката на својата банкарска сметка.

Но! Пред да побрзаме да осудиме некого од надвор, да погледнеме длабоко во себе. Апостолот Павле запишал: ,,... вашето тело е храм на Светиот Дух, Кој живее во вас и ви е даден од Бога и дека не припаѓате само на себеси?’’ Внимавајте! Во новозаветното време во кое ние ја имаме честа да живееме ние сме Храмот! Но, наместо ,,дом на молитва’’ и ние од нашите тела сме создале ,,разбојнички пештери’’. Самата суштина, самиот центар на Храмот треба да биде молитвата. Наместо молитва и ние сме станале трговци желни за добивка, та наместо молитва само добивката ни е во умот и во срцето. Оној, пак, кој Христа Го има во себе е очистен од душевното разбојништво и неговата суштина е трансформирана во молитва.

Да Го молиме Бога да дојде и при нас и да пребива во нашите тела како во Негов Храм. И како што го очисти Храмот во Ерусалим, нека ги очисти и нашите тела и души за да постанеме Негови молитвеници. Амин!

 

,,1. А кога наближија до Ерусалим и дојдоа во Витфагија, при Елеонската Гора, Исус испрати двајца ученици

2. и им рече: „Отидете во селоно, што е наспроти вас, и веднаш ќе најдете врзана ослица и осле со неа; одврзете ги и доведете Ми ги!

3. А, ако ви рече некој нешто, ќе му кажете дека Му се потребни на Господа, и веднаш ќе ги прати.”

4. А сето тоа стана за да се искаже кажаното преку пророкот, кој вели:

5. Кажете ѝ на ќерката Сионова: ете, твојот Цар иде при тебе кроток, качен на ослица и осле, син на подјаремница.

6. Учениците отидоа и направија така, како што им беше заповедал Исус:

7. ги дотераа ослицата и ослето и ги кладоа одозгора алиштата свои, и Он седна на нив.

8. А мнозина од народот ги постилаа по патот облеките свои; други, пак, сечеа гранки од дрвјата и ги постилаа по патот;

9. а народот, што врвеше пред Него и по Него, викаше велејќи: „Осана на Синот Давидов! Благословен е Кој иде во името Господово! Осана на висините!”

10. И кога влезе во Ерусалим, целиот град се збуни, прашувајќи: „Кој е Овој?”

11. А народот одговараше: „Овој е Исус, пророкот од Назарет Галилејски.” (Свето Евангелие според Матеја 21:1-11)

 

Вчерашниот празник во чест на воскреснувањето на Лазар и денешниот празник Цветници во чест на влегувањето на Христа во Ерусалим се значајни празници со кои навлегуваме во Страсната седмица и завршетокот на Христовата мисија на Земјата. 

Воскресението Лазарово кое го прославивме вчера упатува на уништувањето на смртта и радоста на воскресението- кои на Велигден станаа достапни на сите кои преку вера во Христа ќе ја победат смртта и ќе го вкусат воскресението. 

Влезот на Господ Исус во Ерусалим, пак, е исполнување на месијанските пророштва од Стариот Завет за Царот Кој ќе влезе во светиот град за да го воспостави Своето вечно царство. Всушност, Исусовото влегување во Ерусалим е исполнување на пророштвото дадено од пророкот Захарија и запишано во Стариот Завет, 520 години пред Христа. Пророштвото вели вака: ,,Ликувај од радост, ќерко Сионова, извикувај, ќерко ерусалимска; ете, Царот твој доаѓа при тебе, праведен е и со спасувачка сила, кроток, седнат на осле, рожба на ослицата.’’ (Книга пророк Захарија 9:9). 

Со оглед на тоа дека наскоро настапувал најголемиот и централен Еврејски празник Пасха голем број на Израелци биле присутни во Ерусалим за да го прослават претстојниот празник. Некои пресметки велат дека дури 2 милиони Израелци се собирале на овој празник. Исусовото триумфално влегување во Ерусалим привлекло големо внимание и несомнено многумина погрешно го протолкувале овој чин, сметајќи дека сега Христос ќе го воспостави Неговото политичко царство на кое ќе нема крај и кое ќе се прошири до крајот на Земјата. 

Но, тие кои така го интерпретирале Христовото влегување во Ерусалим- погрешиле. Тие испуштиле да забележат дека Христос не доаѓа со труби и фанфари, ниту пак со моќна војска. Тој не јава некој првокласен коњ, ниту пак е опкружен со телохранители. Тој доаѓа качен на осле и по природа е кроток. Неговото доаѓање не е за осуда, туку за човекољубие. Тој доаѓа не да казни, туку Самиот ќе биде казнет за гревовите на оние кои се Негови. Неговото Царство не е од овој свет; Неговото Царство е Црквата во која се влегува преку покајание и крштевање, а не преку војување. 

На вчерашниот ден се потсетивме дека Христос има власт над животот и смртта; денес се потсетуваме на Неговата кротка природа и на Неговата мисија на Земјава: да ги најде загубените и заради нивното спасение да пострада, умре и да воскресне победувајќи ја смртта засекогаш. Христос Кој влезе во Ерусалим може да влезе и во нашите срца и во нашите животи. Притоа, Тој не доаѓа за да осуди и отфрли туку за да прости и спаси. Прашањето е: ќе Го примиме ли во нашите срца?

 

,,И рече Исус: „За суд дојдов Јас во овој свет, за да прогледаат слепите, а оние што гледаат, да станат слепи.”’’

Една од највпечатливите стории од Евангелијата е сторијата за исцелувањето на слепо-родениот. Оваа сторија е запишана во Евангелието според Јован, во 9тото поглавје.

8мото поглавје од Евангелието завршува со обвинението за богохулие против Исуса и за обидот на Евреите да Го убијат со каменување. Но, Исус минува помеѓу нив. И наместо да се сокрие, Тој здогледува човек слеп од неговото раѓање.

Учениците Христови се впуштија во теолошка дискусија: зошто овој човек е слеп? Дали неговото слепило е резултат на нечиј грев? И дали тој грев е негов личен или е грев на неговите родители?

Светот е поврзан во причинско-последична врска. За секое нешто бараме логично објаснување. И честопати и денес луѓето бараат некакво оправдување за нештата кои им се случуваат. Така кога ќе ни се случи нешто лошо на тоа гледаме како на казна од Бога. И учениците Исусови го имаа истиот пристап. Како поинаку би си објасниле како тоа добриот Бог дозволил да се роди слеп човек? Мора да станува збор за грев на неговите родители.

Но, тие а и ние, заборавија и забораваме на старозаветната приказна за Јов. Јов беше праведник кој страдаше без за тоа да има посебна причина. Иако неколкутемината теолози околу Јов се обидуваа да му дадат причина за неговите страдања, тој ги одбиваше нивните рационализации. ,,Господ дава, Господ зема’’- велеше страдалникот. Тоа е потврда за Божјиот врховен суверенитет над созданието. Нему не Му треба причина за Неговите одлуки. Тој е надвор од причинско-последичните врски на светот. Тој е надвор од рационалните објаснувања на брилијантните умови.

Исус накратко ја објасни причината за страдањата на овој слепородениот- ,,за да се јават делата Божји врз него’’- беше Неговото објаснување. Притоа, на Тој начин Исус се претстави како Светлината на светот и Создателот на светот.

Имено, Исус плукна на земјата, направи кал со плунката и ги намачка со неа очите на слепиот, а потоа го испрати во бањата Силоам. Слепиот отиде, се изми и прогледа. Тоа чудо им стана познато на сите Ерусалим. Никогаш дотогаш не се случило човек слеп од раѓање да прогледа!

Веројатно слепородениот имаше некаков физички недостаток. Можеби нервите кои го поврзуваат мозокот со очите не функционирале. Можеби очите не биле докрај развиени. Но, без разлика на медицинските објаснувања, Исус го направи невозможност- Тој го создаде она што му недостасуваше на слепородениот за да прогледа. Во тоа Тој се претстави како Создател! Сетете се на создавањето на човекот од првото поглавје од Библијата. Бог го создаде човекот од земја! И сега Богочовекот Исус создаде!

Но, Исус не е само Создателот, туку е и Светлината на светот. Кој е, всушност, слепородениот? Зар не сме сите ние слепородени? Да, нашите очи функционираат. Но, сепак, зар не сме духовно слепи? Зар не живееме во духовно слепило? Не можеме да Го видиме Исуса, но Тој не’ гледа нас. И Тој е Оној Кој ни се објавува, ни ја дава Неговата благодат, не’ исцелува, не пресоздава, ни дава да прогледаме и да Го видиме. Како што слепородениот Го виде и поверува во Синот Божји (кон крајот на 9тото поглавје), така нека Бог благослови та и ние заедно со него да можеме да речеме ,,Верувам, Господи!’’ и да Му се поклониме.

 

Повеќе артикли...

Временска прогноза (2)

Skopje Macedonia Cloudy, 31 °C
Current Conditions
Sunrise: 5:42 am   |   Sunset: 7:35 pm
42%     6.3 m/s     32.746 bar
Forecast
Вто Low: 18 °C High: 31 °C
Сре Low: 20 °C High: 26 °C
Чет Low: 18 °C High: 28 °C
Пет Low: 15 °C High: 30 °C
Саб Low: 16 °C High: 30 °C
Нед Low: 16 °C High: 29 °C
Пон Low: 16 °C High: 27 °C
Вто Low: 16 °C High: 26 °C
Сре Low: 15 °C High: 29 °C
Чет Low: 15 °C High: 30 °C