Како да го проучуваме Светото Писмо?

Тематски проучувања
Typography

А како да го проучуваме Светото Писмо?

Молитвено, со стравопочит, зашто во секоја реч е една капка од вечната вистина, а сите зборови- го сочинуваат бескрајниот океан на Вечната Вистина. Светото Писмо не е книга, туку живот; неговите зборови се дух и живот (Евангелие според Јован 7:63), затоа и можат да се разберат единствено ако станат наш дух и живот. Тоа е книга која се чита со животот- односно со практикувањето. Прво треба да се доживее, па потоа да се разбере. Овде важат оние зборови на Спасителот: ,,и ако некој сака да ја врши волјата Негова, ќе разбере дали е ова учење од Бога’’ (Јован 7:17). Извршувај го она што го пишува Светото Писмо за да го разбереш. Ова е основното правило на православната егзегеза.

Вообичаено на почетокот човекот брзо го чита Светото Писмо, а потоа се’ побавно, се’ додека на крај не почне да чита збор по збор, зашто во секој збор пронаоѓа бескрајна вистина и неискажлива тајна. Секој ден читај по најмалку едно поглавје од Стариот и Новиот Завет, но паралелно со тоа практикувај по една добродетел. Практикувај се’ додека не ти премине во навика. На пример, простување на навредите- тоа нека ти биде секојдневна должност. А и моли се на Господа: ,,Господе благи, дај ми љубов кон оние кои ме навредуваат!’’ И кога оваа добродетел ќе ја претвориш во навика, тогаш секоја наредна ќе ти биде полесна и така по ред се’ до последната. Главно е: читај го Светото Писмо што повеќе. Она што разумот нема да го разбере- срцето ќе го почувствува; а ако ни разумот не разбере, ни срцето не почувствува, ти сепак читај- зашто со читањето ја сееш Речта Божја по душата своја, а таа таму нема да пропадне туку постепено и незабележливо ќе преоѓа во природа на твојата душа и над тебе ќе се исполни Речта на Спасителот за човекот кој фрла семе во земја, па легнува да спие и станува ноќе и дење, а семето расте, а тој не ни знае како. Главно е: сеј, а Бог ќе направи посеаното да израсне. Само немој да брзаш со успехот, да не бидеш како човек кој сака денес да посее, а утре веќе да жнее. 

Читајќи го Светото Писмо ти внесуваш квасец во тестото на душата своја и на телото свое кое постепено се шири, ја опфаќа душата се’ додека целосно не ја опфати и не созрее со евангелската вистина и правда. Во секој случај, приказната за сејачот и семето раскажана од Спасителот може да се примени на секој еден од нас. Нам во Светото Писмо ни е дадено семето на Божествената Вистина. Читајќи го, ние тоа семе го сееме по нашата душа; и тоа паѓа и на каменливи и на трнливи места на нашата душа, но по нешто паѓа и на добра земја во нашите срца- и донесува род. А кога ќе го видиш родот и ќе го вкусиш- тогаш од радост и сласт ќе поиташ и каменливите и трнливите места ќе ги изораш и на нив ќе го посееш семето на Речта Божја. Знаете ли кога човек е мудар во очите на Господ Христос?- Тогаш кога ги слуша Неговите зборови и ги исполнува. Почетокот на мудроста е да ја слушаме Речта Божја. Секој збор на Спасителот има моќ и сила на исцеление и од физичките и од духовните болести. Како во онаа случка запишана во Евангелието, кога доаѓа заповедникот на римската војска и Го моли Спасителот за здравјте на својот слуга со зборовите ,,кажи само збор и слугата мој ќе оздрави’’ (Матеј 8:8). Спасителот кажа збор- и слугата оздраве. Како некогаш, така и сега Господ непрестано ја дава Својата Реч на сите нас. Наше е само да застанеме, да се задлабочиме во Речта Божја и да ја примиме- со вера слична на онаа на заповедникот на римската војска. И чудо ќе се случи во нас и ќе оздрави душата наша како што оздраве и слугата на заповедникот. Зашто во Евангелието стои запишано и ова: ,,доведоа при Него мнозина бесни, и Он со еден збор ги изгони духовите и ги излекува сите болни’’ (Матеј 8:16). Тој тоа и денес го врши, зашто Господ е ист и вчера и денес и во век и веков (Евреите 13:8). 

На Денот на Страшниот суд ќе им се суди на оние кои не ја слушаат Речта Божја и ќе им биде потешко отколку на Содома и Гомора. Внимавај- на Судниот ден ќе се бара од тебе сметка за тоа што си направил со Божјите зборови, дали си ги слушал и исполнувал, дали си им се радувал или од нив си се срамел. Ако си се срамел- и Господ ќе се посрами од тебе кога ќе дојде во славата на Својот Отец со своите свети ангели. Малку се оние зборови кои не се пусти и празни, затоа малку се оние за кои нема да бидеме осудени. За да го избегнеме тоа, треба да го проучуваме Светото Писмо и Божјите зборови да станат наши, зашто Бог затоа им ги дал на луѓето- за тие да ги прифатат, а прифаќајќи ги нив- да ја прифатат вистината Божја. 

Во секој еден збор на Спасителот има повеќе вечност отколку во целото небо и целата земја со целата нивна историја. Затоа Тој рече: ,,Небото и земјата ќе преминат, но моите зборови нема да преминат’’ (Матеј 24:35). Тоа значи: во зборовите на Спасителот е Бог и се’ Божјо, затоа нема да преминат. Ако човек ги прифати- и тој ќе стане дел од непролазното, зашто во зборовите Божји има сила која го обессмртува човекот и го прави да биде вечен. Проучувањето на Божјата Реч и нејзиното исполнување го прави човекот да биде ,,роднина Христов’’. Всушност, Самиот Христос тоа го потврди кога рече: ,,Мојата мајка и Моите браќа се оние, што го слушаат словото Божјо и го исполнуваат.’’ (Лука 8:21). Тоа значи: ја слушаш ли Божјата Реч?- Веќе си напола брат Христов. Ја извршуваш ли Божјата Реч?- Веќе си потполно брат Христов. А тоа е радост и привилегија поголемо од ангелската. Кога го проучуваме Светото Писмо по душата ни се разлева некое блаженство кое не приликува на ништо земно. За тоа Спасителот говорел: ,,Блажени се оние кои ја слушаат Божјата Реч и ја исполнуваат.’’ (Лука 11:28). 

Во зборовите на Спасителот е содржан сокот на бесмртноста и кога ги читаме Неговите зборови капка по капка од тој сок капе во душата наша и ја оживува од смрт во живот, од пролазност во непролазност. Тоа Спасителот го објавува велејќи: ,,Вистина, вистина ви велам: кој го слуша словото Мое и верува во Оној, Кој Ме пратил, има живот вечен... преминал од смрт во живот’’ (Јован 5:24). Тоа значи дека со проучувањето на Словото Божјо се учиш на бесмртност и вечност, на бесмртен и вечен живот, а ако веруваш во нив со целосна вера- тогаш си научил што е животот вечен и си преминал од смрт во живот. Секоја реч Христова е полна со Бога и затоа кога влегува во душата човечка ја чисти од секоја нечистотија. Од секоја Негова реч излегува сила која очистува од гревот. Затоа Спасителот на Тајната вечера им говореше на Своите ученици ,, Вие сте веќе чисти преку словото, што сум ви го проповедал.’’ (Јован 15:3). Се’ што е напишано во Светото Писмо, Господ Христос и Неговите апостоли го нарекуваат ,,Реч Божја’’ и ,,Реч Господова’’- и ако како таква не ја читате и примате- тогаш ќе останете во мракот на празните и пусти зборови човечки.

Секоја реч Божја е полна со Божјата Вистина, која кога ќе влезе во душата човечка ја осветува за цела вечност. Затоа Спасителот молејќи се на Отецот Небесен вели: ,,Освети ги со Својата вистина. Твоето слово е вистина.’’ (Јован 17:17). Во секоја реч на Спасителот има многу натприродно и благодатно: и тоа е она што ја облагородува душата човечка. Како жива благодатна сила, Божјата Реч делува во човекот чудотворно и животворно, ако човекот ја слуша со вера и ја прима со вера. Се’ е опогането од гревот, но и се’ се очистува- со Речта Божја и со молитвата, се’- секое создание од човекот до црвот. Вистината која во себе ја носи, Силата која во себе ја има- ја прават Речта Божја да биде поостра од секој меч и ,,навлегува до разделување на душата и духот, до зглобовите и мозокот, и ги проценува мислите и намерите на срцето.’’ (Евреите 4:12). Нема ништо тајно пред неа. Затоа што секоја реч Божја содржи во себе од Речта Божја-Логосот- таа поседува сила духовно да раѓа и препородува луѓе. И раѓајќи се од неа, човек се раѓа од Вистината. Затоа апостолот Јаков со право пишува дека Бог не’ роди преку Словото на вистината. А апостолот Петар пишува дека сме преродени не од распадливо семе, туку од вечно преку словото на живиот Бог. Живеејќи ја Божјата Реч- човекот се оживува себеси од смрт во живот; исполнувајќи се себеси со вечниот живот- човекот станува победник над смртта и учесник во Божјата природа и на неговото блаженство ќе нема крај. 

Во сево ова најглавно е да се има жива вера и љубов кон Господ Исус Христос, зашто само тогаш се отвара тајната на секоја реч Божја, како што под топлината на Сонцето се отвара секој миризлив цвет. Амин.

 

Ава Јустин Ќелиски

 

Powered by WordPress.

Временска прогноза (2)

Skopje Macedonia Cloudy, 31 °C
Current Conditions
Sunrise: 5:42 am   |   Sunset: 7:35 pm
42%     6.3 m/s     32.746 bar
Forecast
Вто Low: 18 °C High: 31 °C
Сре Low: 20 °C High: 26 °C
Чет Low: 18 °C High: 28 °C
Пет Low: 15 °C High: 30 °C
Саб Low: 16 °C High: 30 °C
Нед Low: 16 °C High: 29 °C
Пон Low: 16 °C High: 27 °C
Вто Low: 16 °C High: 26 °C
Сре Low: 15 °C High: 29 °C
Чет Low: 15 °C High: 30 °C