Блажени се миротворците

Тематски проучувања
Typography

,,Блажени се миротворците, зашто тие ќе се наречат синови Божји!’’- Исус Христос, Евангелие според Матеј 5:9

 

Светот живее во постојан немир. Пуштете радио или телевизор, отворете весник или интернет пребарувач- вестите се полни со известувања за војни и немири. Светот го тресе заканата од ИСИС. Пред само неколку недели се случија ужасните напади на повеќе локации во Париз, а слушаме за потенцијални терористички напади и низ други земји од Европската Унија. Пред помалку од една недела Турција собори руски авион- и кај многумина се роди стравот од она што може да произлезе од еден таков судир... Мирот станува се повеќе дефицитарен!

И не само во големите политички случувања. Луѓето и поединечно не живеат во мир. Не живееме во мир со самите себе, со Бога, со семејството, со пријателите, со соработниците... Мирот и миротворците се попотребни од кога и да било!

Но, што значи да се биде миротворец?

Свети Григориј Ниски пишува вака: ,,Миротворец е човекот кој му дава мир на друг човек; но не можеш да го дадеш она што самиот го немаш. Затоа Господ најпрвин сака секој од нас да биде исполнет со благословот на мирот за потоа ние да бидеме во можност да го шириме и кон оние кои го немаат.’’ 

И во право е! Кој може да даде она што самиот го нема? Затоа најпрвин треба да имаме мир ние самите, за да можеме да го шириме каде и да одиме. 

Но, што е мирот?

Свети Григориј продолжува понатаму да ни појаснува: ,,Мирот е љубов кон ближниот. Што е спротивно на љубовта?- Омразата и гневот, огорченоста, лицемерието и војната.’’

Гревот е спротивен на мирот. Гревот ги руши односите меѓу луѓето и односите меѓу човекот и Бога. Како што пишува апостолот Јаков: 

,,ако во срцата свои имате горчлива завист и карање, не фалете се и не лажете против вистината: тоа не е мудрост, која доаѓа одозгора, туку земна, душевна, бесовска; оти, каде што има завист и карање, таму има неслога и сè е лошо. А мудроста, што иде одозгора, е најнапред чиста, а потоа мирна, кротка, покорна, полна со милост и нелицемерна. Плодот, пак, на правдата во мир се сее од миротоворците.’’ (Послание на апостол Јаков 3:14-18).

Мирот е еден од плодовите на Светиот Дух. Тој мир е оној кој го надминува човечкото разбирање и ја трансцендира секоја состојба во која човекот може да се најде. Тој е мир кој доаѓа одозгора, од Бога и е различен од вештачкиот мир создаден од дијазепами. Човекот кој го има мирот Божји во себе не се плаши за телесните работи: тој не се грижи што ќе јаде и што ќе облече, тој не се плаши ни за својот живот. Без разлика на тековната ситуација мирот Божји не го напушта човека- тој мир не зависи од надворешните околности ниту од карактерните особини на човекот. 

Но, внимавајте! Мирот Божји не значи дека човекот кој е со него благословен нема да има надворешни конфликти и недоразбирања. Луѓето честопати ќе го мразат, ќе го отфрлаат, ќе се расправаат со него, ќе го озборуваат итн. Но, разликата е во тоа што Божјиот миротворец ќе пристапува на сите тие проблеми на многу поинаков начин. Всушност да се потсетиме дека и Исус Христос и Неговите апостоли и Неговите слуги низ вековите- сите беа мета на најразноразни напади од страна на овој свет. Сепак, тие длабоко во себе го имаа мирот Божји со кој ги поразуваа сите надворешни конфликти. Оној кој е со мирот Божји благословен- тој ќе го носи сведоштвото Христово насекаде без страв и немир. Тој ќе биде Божји миротворец каде и да се појави. Низ него мирот Божји ќе се шири наоколу.

Во секоја димензија на животот ние христијаните сме повикани да бидеме носители на мирот Божји: да простуваме на непријателите, да работиме за помирување меѓу оние кои се раскарани, да ги надминуваме сите човечки поделби (по основ на раса, националност, вера), да се грижиме за сиромашните, да се трудиме да живееме во мир со сите луѓе итн. Како што пишува еден светец: ,,Христијаните како следбеници на Христос (Кој ги направи сите нешта за мир) се повикани да бидат занаетчии на мирот’’. Ништо не е покарактеристично за христијаните од тоа да бидат работници за мир. 

Бог Кој е Бог на мирот, нека не’ благослови со Својот мир и нека не’ направи Негови ,,занаетчии на мирот’’ кои каде и да одат- мирот Божји ќе го шират.

 

Powered by WordPress.

Временска прогноза (2)

Skopje Macedonia Cloudy, 31 °C
Current Conditions
Sunrise: 5:42 am   |   Sunset: 7:35 pm
42%     6.3 m/s     32.746 bar
Forecast
Вто Low: 18 °C High: 31 °C
Сре Low: 20 °C High: 26 °C
Чет Low: 18 °C High: 28 °C
Пет Low: 15 °C High: 30 °C
Саб Low: 16 °C High: 30 °C
Нед Low: 16 °C High: 29 °C
Пон Low: 16 °C High: 27 °C
Вто Low: 16 °C High: 26 °C
Сре Low: 15 °C High: 29 °C
Чет Low: 15 °C High: 30 °C