Баба Ванѓа

Тематски проучувања
Typography

Окултизмот се дефинира како она кое е скриено, таинствено и мистериозно, она кое се однесува на натприродното.

 

Класични примери за окултни практики се астрологијата, магиите, гатањето, тарот картите, спиритуализмот, парапсихологијата и сатанизмот. Овие мистични практики се привлечни за многумина- особено затоа што ,,нудат’’ брз успех, предвидувања на иднината (а со тоа и некаква сигурност), езотерија, чувството дека личноста припаѓа на група од малкумина, можноста некому да се наштети итн. За жал, овие практики не се ограничени само на одредена група на луѓе-- најразлични модификации на истите можат да се најдат на сите меридијани и во сите слоеви на општеството дури и во денешното време кое изобилува со научно-технолошки развој. 

Практикувачите на окултизмот не разбираат дека нивните дејствија се дела на демоните. Напротив, некои од нив дури сметаат дека на тој начин Му служат на Бога но најчесто сметаат дека на тој начин си помагаат самите себе. ,,Па ако ми помогне зошто да не биде добро и зошто да не биде од Бога?’’- ќе прашаат тие. Гледачите и бајачите честопати ќе ве натераат да одите во црква и таму да однесете некаков дар. Исто така нивните ,,кабинети’’ ќе видите икони, крстови и други реликвии со кои ќе ве убедат дека тие се Божји слуги. Всушност, вистината е обратна. Окултизмот е најстрого забранет во Библијата. Црквата јасно стои против практикувањето на секаков вид окултизам, без разлика колку невино, добро или христијански ви изгледа. 

Сепак, и покрај јасните библиски и црковни забрани да се посетуваат бајачите, гатачите, астролозите, сатанистите (и сите слични подкатегории на окултизмот) се’ поголем замав земаат овие практики во изминатите години. Луѓето очајнички бараат надеж, затоа што човек не може да живее без неа. Децениите на недостаток на вистинска христијанска поука, евангелизам, како и многуте проблематични периоди на економско назадување си го направија своето. Ние како христијани мораме да покажеме разбирање и љубов кон луѓето кои од незнаење бараат надеж онаму каде што може да се најде само очај. Мораме да смогнеме сили да ја разбереме желбата на телесниот човек да доживее овоземен прогрес. И ако некој шарлатан им нуди полесен начин да стигнат до нивното дипломирање, вработување, стапување во брак, создавање семејство, трупање на богатства или она познатото ,,на комшијата да му умре козата’’- луѓето водени од својот инстинкт ќе потрчаат да направат се’ што им е заповедано за да го остварат она кое им изгледа претешко да се направи на правилниот начин. А тоа што нивните окултни водачи јасно ја негираат целата христијанска доктрина и што комплетно се обземени од демонските сили е најмалку важно во очите на очајникот кој го бара светлото на крајот од тунелот.      

Нема да зборуваме сега за локалните исцелувачи и слични окултисти. Накратко ќе позборуваме за една личност која секогаш успева да го привлече медиумското внимание, а деновиве особено доби внимание со екранизацијата на серијалот посветен на нејзиниот живот.  Веќе претпоставувате- се работи за добро познатата баба Ванѓа. Таа е класичен пример за окултист и манипулатор, а нејзината популарност сведочи за леснотијата со која нашиот народ е заведен по ваквите личности со ,,натприродни’’ моќи. Родена во 1911 година, во Струмица, а најголем дел од животот го поминува во Пиринска Македонија, Република Бугарија. Многу митови ја опкружуваат нејзината личност, така што човек и не знае што е вистина а што не е. Доказ за преголемата помпа која ја доби баба Ванѓа се и приказните кои велат дека дури и Хитлер бил еден од нејзините ,,клиенти’’. Секоја година слушаме за некакви нејзини нови пророштва, иако таа е почината уште во 1996 година. И вообичаено, како и кај сите ,,јасновидци’’, така и кај баба Ванѓа пророштвата се објавуваат после настаните. 

Никој, или речиси никој, не ги споменува нејзините промашени изјави, туку само се пуштаат во етер некакви магловити бајки за нејзините моќи и предвидувања за далечната иднина. Сите нејзини предвидувања се смешни и нелогични. Ете, на пример, баба Ванѓа предвидела дека Третата светска војна ќе се води во периодот од 2010 до октомври 2014та. Октомври ете помина, а светот иако има повеќе воени жаришта, сепак не можеме да зборуваме за Трета светска војна. Меѓу останатите предвидувања за 2014та година е и тоа дека во пролетта оваа година ќе течело река полна со лешеви и дека ќе се појавела нова болест од која ќе страдаат мажите. Сево ова многу лесно се продава во медиумите, односно со ваквите приказни лесно се продаваат весниците и се стекнува гледаност на телевизиските канали. 

Еден помалку познат факт е дека баба Ванѓа соработувала со тајните служби на комунистичка Бугарија. Секогаш кога некој политичар требало да ја посети баба Ванѓа таа претходно била известена од службите за животот на човекот кој доаѓа кај неа. Така таа знаела тајни кои ,,никој друг не ги знае’’. И откако личноста на ваков начин ќе биде изманипулирана, лесно се фаќа во замката и верува дека штом личноста која стои пред него има моќ да ги ,,види’’ минатото и сегашност тогаш таа дефинитивно поседува моќ да му ја предвиди иднината. Баба Ванѓа откако ќе му соопштела детали од приватниот живот, ќе му сугерирала решенија за неговиот професионален живот. На тој начин, тајната служба ја злоупотребувала баба Ванѓа, но и лековерноста на многумина и ја детерминирала нивната иднина. 

Не помагаат ни изјавите од внуката на баба Ванѓа која јасно кажува дека нејзината тетка била опседната со демони и дека демоните зборувале од неа. Таа негира дека јасновитката била побожна и дека нејзините изјави имаат нешто заедничко со Божјите откровенија. Повеќе за тоа можете да прочитате на овој линк http://www.novini.mk/read/1140642/baba-vangja-ne-bila-pobozhna-razgovarala-so-demoni

Народот сеуште слепо верува на разноразните шарлатани и во митовите кои се создадени за баба Ванѓа и Нострадамус, но и на многумина локални гатачи и бајачи. Секојдневно се чита хороскоп, со вера дека ѕвездите ќе ни ја одредат судбината. До пред извесно време на телевизија можевме да гледаме шоуа во кои со помош тарот карти се одредуваше судбината на оние кои имаа доволно наивност но и пари за да се јават на скапите телефонски линии. Колку лесно само човек ќе поверува на сето она кое не е правоверно. Колку лесна мета сме на сатаната, та си поигрува со нас. Но, одговорноста целосно лежи не само на страната на гатачите, бајачите, астролозите и спиритуалистите, туку таа е и кај секој оној кој посегнува по таквите практики, без разлика на целите кои сака да ги постигне и животните услови во кои се наоѓа. Библијата не дава никакво оправдување за верба и следење на окултистичните водачи. Јасно е запишано дека греши секој оној кој практикува окултизам. ,, А Духот јасно зборува дека во последните времиња некои ќе отстапат од верата, слушајќи измамливи духови и ѓаволски учења’’- запишал апостолот Павле. 

Кое е решението? Решението е да се проповеда здравата христијанска наука, да се проповеда Евангелието кое е радосна вест за спасението на сите. Преку покајание да дојдеме при Бога и да Го молиме да ни опрости за нашите окултни практики и верувања кои се спротивни на Неговите откровенија. Со крвта на Синот Божји Кој е Единствениот Посредник меѓу нас и Него да не’ измие и очисти од делата на нечестивиот и од гревот на окултизмот. И никогаш повеќе да не се осврнеме назад кон очајот на гатачите, бајачите, астролозите и спиритуалистите, туку нашата надеж да ја бараме и да ја имаме само кај Бога.

Powered by WordPress.

Временска прогноза (2)

Skopje Macedonia Cloudy, 6 °C
Current Conditions
Sunrise: 6:23 am   |   Sunset: 5:14 pm
76%     1.8 m/s     32.645 bar
Forecast
Вто Low: 1 °C High: 7 °C
Сре Low: 3 °C High: 8 °C
Чет Low: 3 °C High: 7 °C
Пет Low: 3 °C High: 9 °C
Саб Low: 1 °C High: 7 °C
Нед Low: 0 °C High: 3 °C
Пон Low: -3 °C High: 1 °C
Вто Low: -4 °C High: 2 °C
Сре Low: -3 °C High: 1 °C
Чет Low: -3 °C High: 3 °C