Вие, кои го изучивте основното учење, ред е да се запознаете и со останатото, повисокото поучување.

Има пост нетелесен, има нематеријално воздржување кое се однесува на душата - тоа е воздржување од зло, заради кое е востановено воздржувањето од јадење и пиење.

Воздржувајте се од завист и од злоба,

воздржувајте се од посакување на туѓото!

Избегнувајте ја нечесната печалба, 

умртвувајте ја страста на среброљубието, 

не ги украсувајте куќите со килими и мебели придобиени со насилство и грабеж.

Зашто, каква полза има да не јадеш месо, а да го јадеш брата си со злоба? 

Каква придобивка има од тоа да не го јадеш своето, а да брзаш кон туѓото?

Какво е тоа благочестие: да пиеш вода, а да копнееш за крв?

И Јуда постел со единаесетте, но кога не го скротил среброљубието, не постигнал никаква полза од воздржувањето.

И ѓаволот не јаде, зашто е бестелесен дух, но поради злобата се струполил од височината.

Ѓаволите никој не може да ги обвини за прејадување или пијанство, зашто природата им е туѓа кон секое јадење и пиење, но тоа не им пречи ден и ноќ да го крстосуваат воздухот и земјата како слуги на злобата и војници на злото против нас.

Љубомудрието нека биде раководство за животот на христијанинот и душата нека ги избегнува пристапите на злото, зашто ако се воздржуваме од месо и вино, а грешиме со срце и волја, однапред сведочам и претскажувам, никаква полза нема да ни причинуваат водата, овошјето и посната храна штом немаме внатрешно расположение кое ќе одговара на надворешната устроеност.

Постот е поставен за чистота на душата.

Но, ако тој се осквернува од спротивен род, од разгневеност и дела, напраз-но ја испиваме водата што ја пиеме.

Каква полза од телесниот пост, ако умот е нечист?

Каква полза, ако кочијата е здрава и устроена, а кочијашот е болен?

Каква полза, ако коработ е солиден и устроен, но кормиларот е пијан?

Постот е основа на добродетели кои тежнеат кон спасение.

 

 

-Преподобен Гаврил Светогорец, епископ Велички

,,Покајанието е изразено во грчкиот збор μετάνοια (метанија). Во буквална смисла, тој означува промена на умот (преумување). Со други зборови, покајанието е промена на човечкото расположение, навиките, начинот на размислување; промена на нешто внатрешно. Покајанието е нова анализа на човечките погледи, промена на животот.

Како може да дојде до ова? На истиот начин на кој темната соба е осветлена од зраците на сонцето кога човекот ќе влезе во неа. Гледајќи во собата која е во мрак, тој може да види некои работи а поголемиот дел од работите не може да ги види, но не се сомнева во нивното присуство. Многу работи се гледаат различно од тоа какви што навистина се. Човекот мора да се движи внимателно бидејќи не знае на какви препреки може да наиде. Меѓутоа, кога собата ќе се осветли, работите се гледаат појасно и движењето е послободно.

Истото се случува и во духовниот живот.

Кога сме потопени во гревови и нашиот ум е преокупиран со световни грижи, ние не ја приметуваме состојбата на нашата душа. Ние сме рамнодушни кон она какви сме внатрешно и долго остануваме на лажниот пат, без да сме свесни за тоа.

Но кога зракот на Божјата Светлина ќе навлезе во нашата душа, каква нечистотија гледаме во нас! Колку многу лаги, колку многу невистини! Колку многу гнасни дела се откриваат, а за кои сме мислеле дека се привидни! И ни станува јасно кој е вистинскиот пат.

Ако тогаш ја препознаеме нашата духовна ништожност, нашата грешност и најсериозно сакаме наше поправање, блиску сме до спасението. Од длабочината на нашата душа ние со солзи ќе Го молиме Бога: „Смилувај се на мене Господи, смилувај се заради Твојата голема милост! Прости ми и спаси ме! Дај ми да ги видам сопствените гревови и да не ги осудувам моите браќа!“

Св. Јован Шангајски

 

„...Меѓутоа, да го погледнеме дејството на благодатта на покајанието над оние кои грешат, бидејќи и кај нив може да се воочи истоветна причина на Божјото човекољубие.

Казната да не го чекаше поправувањето, светот сосема би бил истребен и би изгинал. Бог да брзаше со казнувањето, Црквата ќе го немаше Павле и не ќе добиеше толку голем маж. Затоа Бог го трпеше хулникот за да го покаже покајникот.

Долготрпението Божјо, значи, направи гонителот да стане проповедник, долготрпението Божјо го претвори волкот во пастир, долготрпението Божјо направи од цариникот евангелист, а со истото долготрпение Божјо сите сме помилувани бидејќи се променивме, сите се обративме.

Па кога ќе видиш дека и пијаницата станал испосник, кога ќе видиш дека и оној што хулеше станал богослов, и кога ќе видиш дека оној што со гнасни песни си ја валкал устата со божествени песни ја чисти својата душа, прославувај го долготрпението Божјо, фали го покајанието и за преображението расудувајќи говори: 

Ова е промена од десницата на Севишниот (Пс. 76, 11).

И навистина! Бог спрема сите е милостив, а долготрпението го покажува најмногу кон грешниците. И ако сакаш да слушнеш тврдење, непознато на вообичаеното расудување, но вистинито и кое за благочестивоста говори, слушни го ова што ќе ти го кажам.

На праведните Бог секогаш им се јавува како страшен, а на грешниците како благ и брз за нивно помилување.

Грешникот кој паднал го подига и говори: 

зар паднатите не стануваат, и оние што скршнале од патот не се враќаат? (Јер. 8, 4-5). 

И повторно: Обрнете се кон Мене ... и Јас ќе се обрнам кон вас

(Зах. 1, 3).

На друго, пак, место со своето големо човекољубие и со заклетва потврдува дека спасението може да се здобие со покајанието: 

Жив сум Јас, вели Господ Бог: Јас не ја сакам смртта на грешникот, туку грешникот да се одврати од својот пат и да остане жив 

(Јез. 33, 11).

Спротивно, за праведникот вака говори:

И праведникот, ако отстапи од својата правда и постапува неправедно, ако ги врши сите оние гадотии, што ги врши грешникот, ќе биде ли жив? (Јез. 18, 24).

О, колку е голема строгоста кон праведникот и колку е големо милосрдието кон грешникот!

Бог, значи, различно постапува и разновидни мерки употребува, но не затоа што е непостојан, туку затоа што Својата милост ја насочува исклучиво на полза. А зошто тоа?

Слушај!

Ако Бог би го плашел грешникот кој неотстапно пребива во гревови, би го навел на очајување, па и на сомнеж во надежта, а ако праведникот би го пофалил, би го направил небрежен во добродетелниот труд, така што истиот и понатаму, веќе како блажен, не би ја практикувал добродетелта. 

Па затоа грешникот го милува, а праведникот го укорува. 

(Затоа Он е) Старшен за сите што Го опкружуваат (Пс. 88, 7) и добар... кон сите (Пс. 85, 5), како што е напишано.

Старшен за сите што Го опкружуваат.

А кои се тие што Го опкружуваат, ако не светиите? 

Бидејќи кој ќе Му се вподоби на Господ меѓу синовите Божји? 

Велик е и страшен за сите што Го опкружуваат (Пс. 88, 7-8) и ако види некого да паѓа, му ја подава раката на милосрдието, 

а ако го види другиот сѐ уште да стои, го укорува, и сето тоа го прави со праведен суд.

Праведникот, значи, со стравот го зацврстува, а грешникот со милоста го подига. 

Сакаш ли пак да видиш дека Он правовремено ја покажува Својата милост и дека со она што е полезно истовремено покажува и строгост, со внимание послушај за да можеш да ја разбереш длабоката смисла на ова.

Онаа грешна жена (а тоа на сите им е познато), која се наоѓала во секој грев и беззаконие, и која многу згрешила

и многу грешни дела правела, кога го посакала спасението и се покајала, дошла на гозбата на светиите 

(тој собир гозба го нарекувам затоа што на неа беше присутен и Светиот над Светиите).

И додека Исус престојувал во куќата на Симон фарисејот, дошла жената, познатата грешница и се допрела до нозете на Спасителот и со солзи ги облила и со косата ги избршала, па иако со толку гревови била умртвена, Човекољубецот ја подигнал говорејќи ѝ: Ти се простуваат гревовите (Лука 7, 48).

Немам намера целата приказна да ја толкувам, но само заради сведоштво ќе го наведам и ова:

Затоа ти велам: нејзе ѝ се простуваат многу гревови, оти ме возљуби многу. (Лука 7, 47). 

И за толкуте гревови грешната жена доби простување, додека Марија, Мојсеевата сестра, поради некое мало роптање беше осудена на прогонство.

А на грешниците им вели: Гревовите ваши да се како бакам, - како снег ќе ги избелам (Ис. 1, 18).

Со промена, значи, патот на покајанието темнината ја претвора во светлина и со милостив глас ги простува безбројните гревови.

А што им зборува на оние кои се праведни?

А оној што ќе го нарече брата си „будала“, ќе биде виновен за во пеколот (Матej 5, 22).

Поради еден збор покажува толкава строгост, а наспроти толкавите гревови раздава толкава обилна милост.

Погледни, те молам, уште нешто што е достојно за восхитување.

Бидејќи гревовите како и другите долгови се запишуваат, така и на оние грешници кои се каат, им се простува и тоа што некогаш им е дадено.

А од праведникот се бара и камата. Читаме во Евангелието, Му пристапил должник кој Му должел многу таланти, и бидејќи за ова со големо покајание и многу молби Го молел и велел:

Господаре, почекај ме, и сѐ ќе ти вратам (Матеј 18, 26), милостивиот Господ не барал од него никаков надомест, но му го прифатил неговото признание наместо долгот.

На должникот, значи, кој должел десет илјади таланти, му ја простил дури и главницата, додека на праведникот и камата му побарал. 

Па зошто, се вели, не го даде моето сребро на трговците, та кога ќе се вратам, да го добијам со интерес?“ (Лука 19, 23).

Ова не ви го велам за да ве убедам дека на праведниците им е непријател, бидејќи ништо не му е помило на Бог од праведен човек, но како што и претходно реков, Бог грешникот го теши, за да го подигне, а праведникот го плаши за да го зацврсти.

И на грешните и на гордите, кои се како непријатели, многуте гревови им ги простува, а на праведните и за најмалку им замерува, бидејќи сака да немаат во своето совршенство ниеден недостаток.

 

„Молитвата е основното средство кое ги соединува сите разумни созданија со Бог Творецот. Таа и во новиот живот ќе биде нивна основна дејност и обврска.

Молитвата е непосредна врска и непрекинато средство за општење на ангелите и луѓето со Бога.

Молитвата е излез од нашите минливи окови во бесконечноста, таа нѐ изведува надвор од жалните предели, со кои сме ограничени, и ни дава чувство на безграничност и натприродност.

Станува простор, место, начин, и ние го чувствуваме дејството на Божјите својства...“ - Старец Јосиф Ватопедски

 

"Молитвата секогаш ни е неопходна, затоа што секогаш треба да бидеме со Бога, а и лукавиот не' демнее секој миг. Милоста Божја е со нас, нека не се плаши ниту едно ожалостено срце, затоа што сме искупени со Крвта на Спасителот, што значи дека сме многу скапи." - старец Арсениј Папачок

 

 

„Постојаното изговарање на Господовото име, предизвикува чувство на непрестајно присуство на Самиот Спасител, бидејќи Неговото име не е само обичен збор, туку животворна енергија. Ова е мисла на Отците, кои нѐ учат: „Исусовото име го победува противникот“. Истата смисла го има и Павловиот повик на непрестајната молитва. Оној што трпеливо престојува во молитвата „Бог брзо го оправдува“, ако ден и ноќ Го повикува. Зборовите: „Бдејте и молете се“ и „не паѓајте во молитвата“, покажуваат како трпението удостојува. Поради трпението секој обид на лукавиот пропаѓа, но се исцелуваат и природните немоќи и недостатоци.“ - Старец Јосиф Ватопедски

 

,,На Бога не му требаат нашите молитви. Тој и пред молитвата знае што ни е потребно; Тој е премногу милосрден и обилно ги излева Своите дарови и над оние кои не ги ни бараат од Него. Молитвата нам ни е неопходна: низ неа човекот Го прима Бога. Без молитвата човекот е далечен од Бога, а колку повеќе човек се вежба во молитвата- толку повеќе се приближува кон Бога.’’- Св. Игнатиј

 

,,Молитвата треба да ни биде првиот одговор, а не последната надеж.’’- Арх. Андреј Ткачев

 

"Да го започнеме делото на молитвата и преуспевајќи постепено во неа, ќе се увериме дека, не само надежта во Бога, туку и тврдата вера и нелицемерната љубов, и незлобивоста и љубовта спрема браќата, и воздржливоста и трпеливоста, и избавувањето од искушенијата, и благодатните дарови, и искреното исповедање, и срдечните солзи – ќе им бидат дадени на верните преку молитвата. И не само сите овие работи што ги споменавме, туку, преку молитвата, ќе добиеме: трпение во страданијата што нè снаоѓаат, и чиста љубов спрема ближниот и познавање на духовниот закон и изнаоѓање на Божјата правда, и вдахновението со Светиот Дух, и дарување на духовните сокровишта и сè друго што им ветил Бог на верните да им даде во сегашниот и во идниот живот. Сето ова ќе го добијат тие преку молитвата. Со еден збор, не е можно на друг начин образот Божји да биде востановен во нас; ова може да се постигне со силата на Божјата благодат и со верата, ако човекот со големо смирение пребива со умот свој во нерасеана молитва." - Свети Марко Подвижник

 

„Според природата, молитвата е сопостоење и единство на човекот со Бога. Според дејството, таа е одржување на вселената, помирување со Бога, мајка на солзите и нивна ќерка истовремено, смилостивување за гревовите, мост со којшто се преминува преку искушенијата, панцир кој штити од секоја мака, разбивање на демонските напади, служба на ангелите, храна на сите бестелесни, идно радување, бесконечен подвиг, извор на добродетели, причинител на благодатните дарови, невидливо напредување, храна за душата, просветлување на умот, секира за очајанието, потврда на надежта, ослободување од тагата, богатство на монахот, ризница на тихувателот, смалување на гневот, огледало на духовниот напредок, показател на духовната мера,откривач на духовната состојба, претскажувач на идните добра, предзнак на вечната слава. За оној што вистински се моли молитвата е суд Господов, судење пред престолот Негов пред Страшниот Суд. “- Св Јован Лествичник

Бог е љубов и тие кои се нарекуваат Негови ученици ќе се познаат по Љубовтта која ја имаат помеѓу себе.

Православниот верник треба да биде радосен, да го сака Бог и сите луѓе, а не да биде страдалник кој воздивнува од мака и го мрази целиот свет.

Единствена животна вредност е семејството. Кога ќе пропадне семејството ќе пропадне се, и свештенството и монаштвото, ќе пропадне светот.

Бескрајни се маките и тешкотиите на светот. Едно сеопшто распаѓање на цели семејства.Повеќето од домовите се полни со несреќа, неизвесност и напнатост. Само во семејствата во кои се живее по Бога, луѓето живеат добро.

Кој го нема Бога во себе, тој се труди, по некој пеколен нагон да го изкорени Бога од душата на оној кој го има Бога. Грижете се да го имате Бога за пријател и не плашете се од ништо.

Се додека во луѓето душата е жива и јака, дотогаш ништо не е изгубено и ништо не е мртво што е со прашина посипано.

Без Бога може да се има и наука и култура и пари, но мир душевен никогаш не може да се има без Бога. Држете се кон добрината. Злобата повеќе чини отколку добрината. Поштено однесувајте се, па надевајте се на добро и живејте во мир. Кога душата ќе го види Господ, колку е кроток и смирен, тогаш и самата се смирува до крај, и ништо така не сака колку спасението Христово. Колку душата и да живее на земјата, таа секогаш ќе го сака и ќе го бара недостижното смирение, кое не може да го заборави. Како што печката не може да биде топла без оган, така ни човекот кој го нема во себе Бога, не може да има во себе Љубов спрема ближните. Сакај го Единиот Бог, и ќе ги засакаш сите деца Божји! Учи се со трпение да ги поднесуваш туѓите недостатоци и слабости, било какви и да бидат, со тоа што и во самиот тебе има многу недостатоци кои другите морат да ги поднесуваат. 

Не прави му никому зло и на никој не мисли му зло во срцето свое. Тој што не прави ништо лошо, тој нема од што да се плаши. Злобата самата на себе си наштетува.

Смирението е залог во срцето, свето својство, Божествена навика, која на неприметен начин се раѓа во срцето, од исполнување на Евангелските заповеди. Да се научиме на Христовото смирение, бидејки тоа е големо богатство, со кое лесно и радосно се живее и се станува мило во срцето. Господ со Духот Свети се јавува само на смирените. Ако не се смириме, нема да го видеме Бога. Да се сакаат ближните и да им правиме добро, неопходно е, не само поради Божјите заповеди, туку и поради тоа што во таа Љубов кога помагаме на ближните во добро се содржи и зависи и нашата сопствена среќа и добро. Сакај го Бога повеќе од се и од секој. После Бога сакај го ближниот свој. Наградата што за тоа ќе ја добиеш на земјата, ќе биде залог на вечното блаженство на небото.

Верата е смирение, да се верува значи да се пребива во смирение и благост. Каде нема смирение, таму нема ни христијански добродетели. Каде што има вистинско смирение, таму е Христос. Каде што нема смирение, таму се страстите, гревовите и ѓаволот. 

О,човеку, сроднику на земјата и пепелта и недостојно создание. Денес си богат, утре си сиромав, денес си здрав, утре болен, денес си весел, утре тажен, денес во слава, утре во понижение, денес млад, утре стар, денес на престолот, утре во гробот. Не гордеј се, туку заузди ја гордоста своја. 

Слегувам длабоко во срцето свое да видам кој во него престојува, освен мене и Тебе, Вечни Боже. И со страв наоѓам многубројни странци како се борат околу поделбата на срцето мое. Најдов во моето срце колку човечки, толку и нечовечки души. Како што е Бог Дух, така и сета вистина мора да биде духовна, бидејки Бог и вистината се едно исто. Бог е вечна и неприкосновена вистина. Господ ја победи смртта и ни даде вечен живот. Ни даде сила, храброст и мудрост. Она што на луѓето им изгледа како понижување, во очите Господови, често претставува слава и лугето добиваат венец од него. Секоја мака која ја поднесуваме поради Бога, колку и да е мала, поголема е од секое добро дело, кое бива без мака!

Од Светите Отци 

Старец Пајсиј Светогорец

Свети Силуан Атонски

Свети Николај Велимировиќ

 

„...Сметаме дека постојат две опасности на духовниот пат, кога човекот се осакатува себеси, како пеач кој пее со туѓ глас  тоа е принудување, односно насилие и подражавање.

Човекот може да подражава примери од книги, луѓе со кои се среќава, апстрактен или идеален образ создаден во неговите мечти, заборавајќи притоа дека таквиот пример е живот на друг човек, одраз на друга личност и друга индивидуалност, а апстрактниот образ секогаш е соединет со распалено мечтаење и со нас, конкретни реалии, нема никаква врска.

Тоа подражавање на друг е тесно поврзано со вообразбата и затоа станува прокрустова постела за душата, доколку таа не се ориентира кон духот, туку кон надворешното.

Ние секогаш остануваме она што сме, и никогаш нема да станеме друга личност; но, своето „јас“ можеме да го извалкаме и да го осакатиме, односно да го изгубиме својот пат. 

Ние мора да го најдеме своето, и затоа човек кој ги зема предвид искуството и примерот на другите, не смее да се идентификува со нив, туку мора да исходи од самиот себе, и само да прави разлика што е наше, а што туѓо, што е она што и е својствено на нашата душа, а што во неа е наталожено однадвор.

Тој мора да ја реши задачата меѓу линиите што се сечат да најде свој, а не туѓ пат. Во служењето на Бога, во духовниот живот е важно да не се изгуби својата личност, но не онаа којашто се смета за личност на светот кондензат на гордост и славољубие туку својата внатрешна неповторливост, иста онаква каква што е и неповторливоста на отисокот на прстите или бојата на гласот.

Ако тоа не се реализира во духовниот живот, човекот ќе стане дволичен, ќе биде нечиј двојник на некое лице од прочитаните книги, од околната средина, или од својата сопствена мечта.

Но, истовремено, тука е мошне важно во никаков случај човекот да не се идентификува со своите страсти, приврзаности, со својата горделивост, со својата неприродна состојба, како што, впрочем, ни болниот не се идентификува со својата болест...“

Арх. Рафаил Карелин

 

„...Секое утро почнуваме од почеток. Ние одлучуваме дека од сега, па натаму, нема да им подлегнуваме на нашите страсти. Во ред. Но, со ова страстите ниту се воопштени, ниту избркани и нема да нѐ напуштат кога ќе им го заповедаме тоа. За да нѐ остават, ние мораме да водиме страшна борба. Тоа може да се постигне тогаш кога Божјата благодат ќе победи, а не човекот. Страстите се надвор од нашата човечка природа. Не можеме да ги дофатиме, ниту можеме да ги контролираме. Само благодатта може да ги протера и да ги привлече добродетелите. Кога? Тогаш кога ќе покажеме упорност.

Кога ќе одлучиме и сакаме да бидеме спасени, ние се бориме за да се ослободиме од нашите страсти и вистински сакаме благодатта на Светиот Дух да живее во нас и да ни покаже што да правиме. Нашиот Исус рекол: „Барајте го најнапред небесното Царство, а сето останато ќе ви биде дадено“. Ако одиме по правиот пат ќе постигнеме повеќе отколку што мислиме. Значи, мора да истраеме, дури и ако сме пробале илјада пати и не ни успеало. Не треба да мислите дека нешто не е како што треба. Ниту ние сме ги смениле нашите намери, ниту Бог се променил, а очигледно нити ѓаволот. Зборовите „барајте и ќе ви се даде“ се генијални. Ако сме прашале, ќе ни се одговори; ако сме барале, ќе најдеме; ако сме тропнале, ќе ни биде отворено. Дали е можно Сонцето да не изгрее од исток? Дали е можно, за нас слабите, да не паднеме?“ 

.

Старец Јосиф Ватопедски+

 

„Себеугодувањето се потпира на многу нешта. 

Тоа својата појдовна точка ја има во самото наше битие, односно во телото и душата на човекот, и во нештата од кои се храни нашиот надворешен живот, и воопшто во поредокот на нашето секојдневие.

Станува збор за плотоугодувањето во разни видови – сластољубие, наклонетост кон раскош, страст, мрзливост, страст кон забави, грижа за световниот живот, 

желба за чест, власт, успешност во работата, имот, удобен живот, врски во општеството и надворешните односи со луѓето, страст кон уметноста, страст кон потфати од секој вид.

Сето тоа во своите најразлични видови во себе го содржи нашиот егоизам, кој уверен во својата безбедност и постојаност, спокојно се темели на нив и, така изобилно хранејќи се, расте од ден во ден, кај еден на едно поле, кај друг на друго.

Спасителната Божја благодат, пак, за да го разбуди грешникот од заспаноста, својата сила ја насочува кон рушењето на нештата врз кои е втемелен егоизмот.

Еве што прави благодатта: 

оној што се ограничува на угодување на телото, го фрла во болест и, ослабнувајќи му го телото, на неговиот дух му дава слобода и сила да си дојде на себе и да се отрезни.

На оној што е заслепен од својата убавина и сила, му ја одзема убавината и го одржува во состојба на изнемоштеност.

Оној што се лула во власта и моќта, го праќа во ропство и пониженост.

На оној што многу вложува во своето богатство, таа му го одзема.

Оној, пак, што високо мудрува, го посрамотува како ништо да не знае.

Кај човекот што се потпира на врските, истите му ги сече.

Оној што се надева на тоа дека состојбата во која се наоѓа ќе биде вечна, доживува смрт на луѓе и губење на неопходните работи, и тоа го разурнува.

Со што друго, всушност, оние што безгрижно се надеваат на надворешните работи ќе се отрезнат ако не со тага и несреќи?!

И зар не е поради тоа нашиот живот исполенет со неуспеси – за со содејството на Божјата намера да нѐ држи во трезвеност?!

Секое такво рушење на безгрижното самоугодување претставува неочекувана промена во животот, која делува спасоносно.

Во тој поглед, најделотворно е чувството за опасност во животот.

Тоа чувство со својата сила ги сече врските и самиот корен на егоизмот, и тогаш човекот не знае на која страна да тргне...

Таков ефект имаат тешките животни околности и чувството на сеопштата напуштеност. 

Таквиот човек, конечно, останува самиот со себе и од својата крајна ништожност се насочува или враќа кај Бога.

Старец Паисиј Светогорец

 

Човекот, воден од плотското мудрување, никако не може правилно да суди ниту за својата внатрешна состојба, ниту за состојбата на ближниот.

Телесното мудрување во ближниот гледа такви гревови, какви што во него воопшто и нема. 

Никој умен нема да оспори дека омразата и злопамтењето раѓаат озборување. Озборувањето е рожба на омразата. Тоа е тенка но крупна болест, скриена и пакосна пијавица, која ја цица и ослабува крвта на љубовта. Озборувањето е лицемерие на љубовта, причинител за осквернување и оптоварување на совеста, уништување на чистотата.

Некои девојки грешат јавно и без срам, а други потајно и со повеќе срам прават уште полоши работи од првите. Такво нешто може да се види и кај срамните страсти. Има многу тајно, внатрешно расипани страсти – лицемерие, лукавство, грешна тага, злопамтење, озборување во срцето... видливо тие се едно, но одвнатре гледаат на друго.

Кога во една прилика слушав едни луѓе како озборуваат, јас им се заканив, а тие во своја одбрана наведуваа дека тоа го прават од љубов и грижа за оној што беше тема на озборувањето. Јас им реков: “Оној што тајно го клевети ближниот свој, ќе го погубам” (Псалми 100, 5). Ако навистина го љубиш ближниот свој, како што велиш, тогаш помоли се тајно, а не да го исмејуваш човекот. Тоа е начин што му е угоден на Господа. А и ова нека не ти остане непознато, па ќе внимаваш да не ги осудуваш луѓето кои ќе се сопнат: додека Јуда беше ученик Христов, разбојникот припаѓаше на убијците, и ете чудо, како во него се случи таква промена!

Кој сака да го победи духот на озборувањето, вината нека не ја припишува на оној што паднал, туку на демонот кој што го соборил. Бидејќи никој, баш особено не сака да греши против Бога, иако никој од нас не греши принудно.

Еден од најкратките патишта да се добие прошка за гревовите е да не осудуваме. “Не судете и нема да ви се суди” (Лука 6, 7).

Ако е точно (а точно е) дека нам ќе ни се суди со истиот суд со кој ние судиме (Матеј 7, 2), тогаш секако ќе паднеме токму во оние телесни или душевни гревови, за кои ги обвинуваме ближните.

Да судиш значи бесрамно да го присвоиш Божјото право, а да осудуваш значи да си ја упропастиш својата душа.

Добриот градинар собира само зрели јагоди. Умниот ги забележува само доблестите и само за нив зборува. А безумниот ги пронаоѓа само грешките и недостатоците. 

Немој да осудуваш дури ни тогаш кога со свои очи ќе видиш дека некој греши. Често и очите лажат.

Свети Игнатиј Брјанчанинов

 

Знаејќи дека молитвата за нас е најпобедоносното оружје, а за него најпогубно, непријателот на секој начин се труди да нѐ раздели од неа. Понекогаш тој ни шепнува да се насочиме кон мудроста, но не треба да ги слушаме неговите наговарања за да не се оддалечиме од поредокот на нашата духовна дејност, и наместо смокви и грозје да набереме трње и боцки. „Мудроста на овој свет е лудост пред Бога.“

За да не скитаме и да не се расејуваме, прелестувајќи се со суетата, добро е да го слушаме пророкот, кој вели: Одете, луѓе мои, и влезете во вашата тајна одаја, т.е. во вашето срце, скриено од секои сетилни впечатоци, во тајното живеалиште, осветлено од бестрасноста и светата благодат, затворете ја вратата од сѐ видливо и скријте се на кратко (со оглед на тоа што целиот човеков живот е краток). Потоа тој додава: „Додека не помине Господовиот гнев“ (Ис. 26, 20), или како што некој друг рекол: „Додека не пројде беззаконието“ (Пс. 56, 2). Затоа што, и беззаконието, па според тоа и демоните, и страстите, и гревовите го предизвикуваат Божјиот гнев, како што и Исаија Му вели на Бога: „Ти се разгневи затоа што ние згрешивме“. Тој гнев може да се избегне доколку во молитвата постојано се внимава на срцето и доколку се има срдечен труд да се биде внатре, во внатрешноста на својата непристапна одаја. Бидејќи, некој вели: „Привлечи ја мудроста во својата внатрешност“. Некој друг, пак: „Целата слава на царевата ќерка е внатре“ (Пс. 45, 14), и додава: „И видов мака, сѐ додека не влегов во Божјото светилиште“ (Пс. 73, 16-17), во гората на наследството, во подготвеното живеалиште, кое го создаде Господ, во светињата што ја создаде Твојата десница (Ис. 77, 54).

Ако на морската шир не дувне силен ветер, нема да се појават бранови. Ако не нѐ нападне демонот, нема да се смират од страстите ниту душата, ниту телото.

Доколку секогаш те грее молитвата и Божјата благодат, ти си, според зборовите на Светото Писмо, обучен во оружјето на Светлината. Твојата облека е топла, а твојот непријател е облечен во двојна облека, во срам и треперење од студот.

Потсетувајќи се на грешките, немој да бидеш мрзлив да се удираш во своите гради за да го скршиш и смекнеш скаменетото срце. И рударите го кршат земното тло. Во него ќе најдеш златна жица и ќе се израдуваш поради скриеното богатство.

Пламенот на копнежот за небесните богатства и светото поучување во зборовите на Духот непрестајно нека горат во жртвеникот на твојата душа.

Преподобен Јован Карпатски+

 

 

Спасителот Христос Го следиме ако Го љубиме и ги исполнуваме Неговите заповеди. Ова и самиот Спасител ни го кажува: „Ако Мене Ме сакате, ќе ги исполнувате Моите заповеди“ (Јован 14, 15). И повторно: „А кој Мене Ме љуби, ќе ги исполнува Моите зборови“. А евангелистот вели: „И по тоа ќе знаеме дека сме Го познале, ако ги исполнуваме Неговите заповеди. Кој вели: Го познавам, а не ги исполнува Неговите заповеди, лажго е и во него нема вистина. А кој ги исполнува, во него љубовта кон Бога достигнала совршенство. По тоа знаеме дека сме во Него. Кој вели дека стои во Него, должен е и самиот да живее онака како што Тој живееше“ (1 Јован 2, 3-6).

Од ова гледаме дека Христос Го следиме поистиветувајќи ја својата волја со Божјата. Што и да правиме, во нас да делува Неговата волја, како ние повеќе да не живееме, туку Христос да живее во нас: „Така, не живеам повеќе јас, туку Христос живее во мене“ (Гал. 2, 20); „Никој од нас не живее самиот за себе и никој од нас не умира за себе. Зашто ако живееме, во Господ живееме, ако пак умираме, во Господ умираме. Спред тоа, живееме ли, умираме ли – Господови сме“ (Рим. 14, 7-8). Ова следење е вистинското, и само тоа нѐ чува слободни. Тоа им доликува на словесните и етички слободни созданија. Значи, потребно е нашиот дух да Го следи Господовиот, нашето срце да Му се предаде, а нашата волја да се поистовети со Господовата. Така ние стануваме Негови следбеници и чекориме без сопнувања на патот кон Вистината, останувајќи етички слободни. Само на овој начин се одрекуваме од себе. Затоа што нема поголемо самоодрекување од потчинувањето на волјата на плотта на волјата на духот, бидејќи тоа е вистинско распнување на телото, кое е слабо и на најмалото раздвижување на првата волја. При самодрекувањето плотаа трпи маки. Вакво следење бара од нас Спасителот, и преку вакво самоодрекување ние стануваме слободни. Секое друго следење е измама. Се лажат оние што мислат дека се христијани, односно Христови следбеници, затоа што го носат Неговото име, ги слушаат Неговите заповеди, ги знаат напамет, а никако да се сообразат со Божјата волја, да се одречат од гревот, и не ни размислуваат за тоа да се украсат со христијанските добродетели; тие се заробеници на страстите и желбите, и бидејќи се под ропство на гревот, го валкаат својот живот со неговата нечистотија. Во нивниот живот, во нивните дела и постигнувања, на нивните усни и во нивните срца, во умот и желбите намаат ништо христијанско. Сѐ им е безбожно, туѓо на христијанскиот дух. Св. Јован Златоуст нѐ поучува: „Не му се од полза правилните учења, ако не внимава на својот живот“. А апостолот вели: „Кај Бога не се праведни оние што го слушаат законот, туку оние што ќе го исполнат“. Исто така, и Божјиот брат Јаков вели: „Бидете исполнители на зборовите, а не само слушатели, кои себеси се лажат. Затоа што ако само слуша а не исполнува, тој е како човек кој го гледа лицето на своето тело во огледало, бидејќи ќе се види, и ќе замине, заборавајќи каков бил. А кој ќе проникне во совршениот закон на слободата и во него ќе остане, и нема да биде слушател, туку исполнител, тој ќе биде блажен во своето дело. А кој мисли дека е побожен, а не го зауздува својот јазик, туку го лаже своето срце, неговата побожност не вреди ништо. Ова е чиста и непорочна побожност пред Бог Отецот: помагање на сиримашните и вдовиците во нивите неволји и останување чист од светот“ (Јаков 1, 22-27).

Според тоа, знаењето, односно познавањето на Законот и неговото исполнување, тоа е следење на Христос, тоа е христијанство, тоа е законот на слободата. Знаењето без добродетелен и христијански живот не вреди ништо.

Свети Нектариј Егински Од Преданието на светите Отци

 

Повеќе артикли...

Временска прогноза (2)

Skopje Macedonia Cloudy, 6 °C
Current Conditions
Sunrise: 6:23 am   |   Sunset: 5:14 pm
76%     1.8 m/s     32.645 bar
Forecast
Вто Low: 1 °C High: 7 °C
Сре Low: 3 °C High: 8 °C
Чет Low: 3 °C High: 7 °C
Пет Low: 3 °C High: 9 °C
Саб Low: 1 °C High: 7 °C
Нед Low: 0 °C High: 3 °C
Пон Low: -3 °C High: 1 °C
Вто Low: -4 °C High: 2 °C
Сре Low: -3 °C High: 1 °C
Чет Low: -3 °C High: 3 °C