Top Stories

Grid List

Вие, кои го изучивте основното учење, ред е да се запознаете и со останатото, повисокото поучување.

Има пост нетелесен, има нематеријално воздржување кое се однесува на душата - тоа е воздржување од зло, заради кое е востановено воздржувањето од јадење и пиење.

Воздржувајте се од завист и од злоба,

воздржувајте се од посакување на туѓото!

Избегнувајте ја нечесната печалба, 

умртвувајте ја страста на среброљубието, 

не ги украсувајте куќите со килими и мебели придобиени со насилство и грабеж.

Зашто, каква полза има да не јадеш месо, а да го јадеш брата си со злоба? 

Каква придобивка има од тоа да не го јадеш своето, а да брзаш кон туѓото?

Какво е тоа благочестие: да пиеш вода, а да копнееш за крв?

И Јуда постел со единаесетте, но кога не го скротил среброљубието, не постигнал никаква полза од воздржувањето.

И ѓаволот не јаде, зашто е бестелесен дух, но поради злобата се струполил од височината.

Ѓаволите никој не може да ги обвини за прејадување или пијанство, зашто природата им е туѓа кон секое јадење и пиење, но тоа не им пречи ден и ноќ да го крстосуваат воздухот и земјата како слуги на злобата и војници на злото против нас.

Љубомудрието нека биде раководство за животот на христијанинот и душата нека ги избегнува пристапите на злото, зашто ако се воздржуваме од месо и вино, а грешиме со срце и волја, однапред сведочам и претскажувам, никаква полза нема да ни причинуваат водата, овошјето и посната храна штом немаме внатрешно расположение кое ќе одговара на надворешната устроеност.

Постот е поставен за чистота на душата.

Но, ако тој се осквернува од спротивен род, од разгневеност и дела, напраз-но ја испиваме водата што ја пиеме.

Каква полза од телесниот пост, ако умот е нечист?

Каква полза, ако кочијата е здрава и устроена, а кочијашот е болен?

Каква полза, ако коработ е солиден и устроен, но кормиларот е пијан?

Постот е основа на добродетели кои тежнеат кон спасение.

 

 

-Преподобен Гаврил Светогорец, епископ Велички

,,Покајанието е изразено во грчкиот збор μετάνοια (метанија). Во буквална смисла, тој означува промена на умот (преумување). Со други зборови, покајанието е промена на човечкото расположение, навиките, начинот на размислување; промена на нешто внатрешно. Покајанието е нова анализа на човечките погледи, промена на животот.

Како може да дојде до ова? На истиот начин на кој темната соба е осветлена од зраците на сонцето кога човекот ќе влезе во неа. Гледајќи во собата која е во мрак, тој може да види некои работи а поголемиот дел од работите не може да ги види, но не се сомнева во нивното присуство. Многу работи се гледаат различно од тоа какви што навистина се. Човекот мора да се движи внимателно бидејќи не знае на какви препреки може да наиде. Меѓутоа, кога собата ќе се осветли, работите се гледаат појасно и движењето е послободно.

Истото се случува и во духовниот живот.

Кога сме потопени во гревови и нашиот ум е преокупиран со световни грижи, ние не ја приметуваме состојбата на нашата душа. Ние сме рамнодушни кон она какви сме внатрешно и долго остануваме на лажниот пат, без да сме свесни за тоа.

Но кога зракот на Божјата Светлина ќе навлезе во нашата душа, каква нечистотија гледаме во нас! Колку многу лаги, колку многу невистини! Колку многу гнасни дела се откриваат, а за кои сме мислеле дека се привидни! И ни станува јасно кој е вистинскиот пат.

Ако тогаш ја препознаеме нашата духовна ништожност, нашата грешност и најсериозно сакаме наше поправање, блиску сме до спасението. Од длабочината на нашата душа ние со солзи ќе Го молиме Бога: „Смилувај се на мене Господи, смилувај се заради Твојата голема милост! Прости ми и спаси ме! Дај ми да ги видам сопствените гревови и да не ги осудувам моите браќа!“

Св. Јован Шангајски

 

„Молитвата е основното средство кое ги соединува сите разумни созданија со Бог Творецот. Таа и во новиот живот ќе биде нивна основна дејност и обврска.

Молитвата е непосредна врска и непрекинато средство за општење на ангелите и луѓето со Бога.

Молитвата е излез од нашите минливи окови во бесконечноста, таа нѐ изведува надвор од жалните предели, со кои сме ограничени, и ни дава чувство на безграничност и натприродност.

Станува простор, место, начин, и ние го чувствуваме дејството на Божјите својства...“ - Старец Јосиф Ватопедски

 

"Молитвата секогаш ни е неопходна, затоа што секогаш треба да бидеме со Бога, а и лукавиот не' демнее секој миг. Милоста Божја е со нас, нека не се плаши ниту едно ожалостено срце, затоа што сме искупени со Крвта на Спасителот, што значи дека сме многу скапи." - старец Арсениј Папачок

 

 

„Постојаното изговарање на Господовото име, предизвикува чувство на непрестајно присуство на Самиот Спасител, бидејќи Неговото име не е само обичен збор, туку животворна енергија. Ова е мисла на Отците, кои нѐ учат: „Исусовото име го победува противникот“. Истата смисла го има и Павловиот повик на непрестајната молитва. Оној што трпеливо престојува во молитвата „Бог брзо го оправдува“, ако ден и ноќ Го повикува. Зборовите: „Бдејте и молете се“ и „не паѓајте во молитвата“, покажуваат како трпението удостојува. Поради трпението секој обид на лукавиот пропаѓа, но се исцелуваат и природните немоќи и недостатоци.“ - Старец Јосиф Ватопедски

 

,,На Бога не му требаат нашите молитви. Тој и пред молитвата знае што ни е потребно; Тој е премногу милосрден и обилно ги излева Своите дарови и над оние кои не ги ни бараат од Него. Молитвата нам ни е неопходна: низ неа човекот Го прима Бога. Без молитвата човекот е далечен од Бога, а колку повеќе човек се вежба во молитвата- толку повеќе се приближува кон Бога.’’- Св. Игнатиј

 

,,Молитвата треба да ни биде првиот одговор, а не последната надеж.’’- Арх. Андреј Ткачев

 

"Да го започнеме делото на молитвата и преуспевајќи постепено во неа, ќе се увериме дека, не само надежта во Бога, туку и тврдата вера и нелицемерната љубов, и незлобивоста и љубовта спрема браќата, и воздржливоста и трпеливоста, и избавувањето од искушенијата, и благодатните дарови, и искреното исповедање, и срдечните солзи – ќе им бидат дадени на верните преку молитвата. И не само сите овие работи што ги споменавме, туку, преку молитвата, ќе добиеме: трпение во страданијата што нè снаоѓаат, и чиста љубов спрема ближниот и познавање на духовниот закон и изнаоѓање на Божјата правда, и вдахновението со Светиот Дух, и дарување на духовните сокровишта и сè друго што им ветил Бог на верните да им даде во сегашниот и во идниот живот. Сето ова ќе го добијат тие преку молитвата. Со еден збор, не е можно на друг начин образот Божји да биде востановен во нас; ова може да се постигне со силата на Божјата благодат и со верата, ако човекот со големо смирение пребива со умот свој во нерасеана молитва." - Свети Марко Подвижник

 

„Според природата, молитвата е сопостоење и единство на човекот со Бога. Според дејството, таа е одржување на вселената, помирување со Бога, мајка на солзите и нивна ќерка истовремено, смилостивување за гревовите, мост со којшто се преминува преку искушенијата, панцир кој штити од секоја мака, разбивање на демонските напади, служба на ангелите, храна на сите бестелесни, идно радување, бесконечен подвиг, извор на добродетели, причинител на благодатните дарови, невидливо напредување, храна за душата, просветлување на умот, секира за очајанието, потврда на надежта, ослободување од тагата, богатство на монахот, ризница на тихувателот, смалување на гневот, огледало на духовниот напредок, показател на духовната мера,откривач на духовната состојба, претскажувач на идните добра, предзнак на вечната слава. За оној што вистински се моли молитвата е суд Господов, судење пред престолот Негов пред Страшниот Суд. “- Св Јован Лествичник

„...Сметаме дека постојат две опасности на духовниот пат, кога човекот се осакатува себеси, како пеач кој пее со туѓ глас  тоа е принудување, односно насилие и подражавање.

Човекот може да подражава примери од книги, луѓе со кои се среќава, апстрактен или идеален образ создаден во неговите мечти, заборавајќи притоа дека таквиот пример е живот на друг човек, одраз на друга личност и друга индивидуалност, а апстрактниот образ секогаш е соединет со распалено мечтаење и со нас, конкретни реалии, нема никаква врска.

Тоа подражавање на друг е тесно поврзано со вообразбата и затоа станува прокрустова постела за душата, доколку таа не се ориентира кон духот, туку кон надворешното.

Ние секогаш остануваме она што сме, и никогаш нема да станеме друга личност; но, своето „јас“ можеме да го извалкаме и да го осакатиме, односно да го изгубиме својот пат. 

Ние мора да го најдеме своето, и затоа човек кој ги зема предвид искуството и примерот на другите, не смее да се идентификува со нив, туку мора да исходи од самиот себе, и само да прави разлика што е наше, а што туѓо, што е она што и е својствено на нашата душа, а што во неа е наталожено однадвор.

Тој мора да ја реши задачата меѓу линиите што се сечат да најде свој, а не туѓ пат. Во служењето на Бога, во духовниот живот е важно да не се изгуби својата личност, но не онаа којашто се смета за личност на светот кондензат на гордост и славољубие туку својата внатрешна неповторливост, иста онаква каква што е и неповторливоста на отисокот на прстите или бојата на гласот.

Ако тоа не се реализира во духовниот живот, човекот ќе стане дволичен, ќе биде нечиј двојник на некое лице од прочитаните книги, од околната средина, или од својата сопствена мечта.

Но, истовремено, тука е мошне важно во никаков случај човекот да не се идентификува со своите страсти, приврзаности, со својата горделивост, со својата неприродна состојба, како што, впрочем, ни болниот не се идентификува со својата болест...“

Арх. Рафаил Карелин

 

„Себеугодувањето се потпира на многу нешта. 

Тоа својата појдовна точка ја има во самото наше битие, односно во телото и душата на човекот, и во нештата од кои се храни нашиот надворешен живот, и воопшто во поредокот на нашето секојдневие.

Станува збор за плотоугодувањето во разни видови – сластољубие, наклонетост кон раскош, страст, мрзливост, страст кон забави, грижа за световниот живот, 

желба за чест, власт, успешност во работата, имот, удобен живот, врски во општеството и надворешните односи со луѓето, страст кон уметноста, страст кон потфати од секој вид.

Сето тоа во своите најразлични видови во себе го содржи нашиот егоизам, кој уверен во својата безбедност и постојаност, спокојно се темели на нив и, така изобилно хранејќи се, расте од ден во ден, кај еден на едно поле, кај друг на друго.

Спасителната Божја благодат, пак, за да го разбуди грешникот од заспаноста, својата сила ја насочува кон рушењето на нештата врз кои е втемелен егоизмот.

Еве што прави благодатта: 

оној што се ограничува на угодување на телото, го фрла во болест и, ослабнувајќи му го телото, на неговиот дух му дава слобода и сила да си дојде на себе и да се отрезни.

На оној што е заслепен од својата убавина и сила, му ја одзема убавината и го одржува во состојба на изнемоштеност.

Оној што се лула во власта и моќта, го праќа во ропство и пониженост.

На оној што многу вложува во своето богатство, таа му го одзема.

Оној, пак, што високо мудрува, го посрамотува како ништо да не знае.

Кај човекот што се потпира на врските, истите му ги сече.

Оној што се надева на тоа дека состојбата во која се наоѓа ќе биде вечна, доживува смрт на луѓе и губење на неопходните работи, и тоа го разурнува.

Со што друго, всушност, оние што безгрижно се надеваат на надворешните работи ќе се отрезнат ако не со тага и несреќи?!

И зар не е поради тоа нашиот живот исполенет со неуспеси – за со содејството на Божјата намера да нѐ држи во трезвеност?!

Секое такво рушење на безгрижното самоугодување претставува неочекувана промена во животот, која делува спасоносно.

Во тој поглед, најделотворно е чувството за опасност во животот.

Тоа чувство со својата сила ги сече врските и самиот корен на егоизмот, и тогаш човекот не знае на која страна да тргне...

Таков ефект имаат тешките животни околности и чувството на сеопштата напуштеност. 

Таквиот човек, конечно, останува самиот со себе и од својата крајна ништожност се насочува или враќа кај Бога.

Старец Паисиј Светогорец

 

Знаејќи дека молитвата за нас е најпобедоносното оружје, а за него најпогубно, непријателот на секој начин се труди да нѐ раздели од неа. Понекогаш тој ни шепнува да се насочиме кон мудроста, но не треба да ги слушаме неговите наговарања за да не се оддалечиме од поредокот на нашата духовна дејност, и наместо смокви и грозје да набереме трње и боцки. „Мудроста на овој свет е лудост пред Бога.“

За да не скитаме и да не се расејуваме, прелестувајќи се со суетата, добро е да го слушаме пророкот, кој вели: Одете, луѓе мои, и влезете во вашата тајна одаја, т.е. во вашето срце, скриено од секои сетилни впечатоци, во тајното живеалиште, осветлено од бестрасноста и светата благодат, затворете ја вратата од сѐ видливо и скријте се на кратко (со оглед на тоа што целиот човеков живот е краток). Потоа тој додава: „Додека не помине Господовиот гнев“ (Ис. 26, 20), или како што некој друг рекол: „Додека не пројде беззаконието“ (Пс. 56, 2). Затоа што, и беззаконието, па според тоа и демоните, и страстите, и гревовите го предизвикуваат Божјиот гнев, како што и Исаија Му вели на Бога: „Ти се разгневи затоа што ние згрешивме“. Тој гнев може да се избегне доколку во молитвата постојано се внимава на срцето и доколку се има срдечен труд да се биде внатре, во внатрешноста на својата непристапна одаја. Бидејќи, некој вели: „Привлечи ја мудроста во својата внатрешност“. Некој друг, пак: „Целата слава на царевата ќерка е внатре“ (Пс. 45, 14), и додава: „И видов мака, сѐ додека не влегов во Божјото светилиште“ (Пс. 73, 16-17), во гората на наследството, во подготвеното живеалиште, кое го создаде Господ, во светињата што ја создаде Твојата десница (Ис. 77, 54).

Ако на морската шир не дувне силен ветер, нема да се појават бранови. Ако не нѐ нападне демонот, нема да се смират од страстите ниту душата, ниту телото.

Доколку секогаш те грее молитвата и Божјата благодат, ти си, според зборовите на Светото Писмо, обучен во оружјето на Светлината. Твојата облека е топла, а твојот непријател е облечен во двојна облека, во срам и треперење од студот.

Потсетувајќи се на грешките, немој да бидеш мрзлив да се удираш во своите гради за да го скршиш и смекнеш скаменетото срце. И рударите го кршат земното тло. Во него ќе најдеш златна жица и ќе се израдуваш поради скриеното богатство.

Пламенот на копнежот за небесните богатства и светото поучување во зборовите на Духот непрестајно нека горат во жртвеникот на твојата душа.

Преподобен Јован Карпатски+

 

„И ете, донесоа при Него еден фатен, положен на постела. Па кога ја виде Исус нивната вера, на фатениот му рече: ’Не плаши се, чедо! Ти се простуваат гревовите твои!‘ Тогаш некои од книжниците рекоа во себе: ’Овој богохулствува‘. А Исус, штом ги разбра мислите нивни, рече: ’Зошто мислите лошо во срцата ваши? Или, што е полесно? Да кажам: Ти се простуваат гревовите твои! или да кажам: Стани и оди!? Но, за да знаете дека Синот Човечки има власт на земјата да проштева гревови‘. Тогаш му рече на фатениот: ’Стани, земи си ја постелата и оди си дома!‘ И тој стана, ја зеде постелата своја и си отиде дома“ (Матеј 9, 1–8).

 

Во текстот од евангелието најнапред се истакнува верата на фатениот и на оние што го носат. Пред сè, верата на фатениот...

 

Еднаш веќе ви зборував дека и верата, или верувањето, многу зависи и се разликува од тоа на кој степен од духовниот развој се наоѓа човекот. Она во што уште верува (аскетска вера) и кон што се стреми оној кој се наоѓа на степенот на чистење на срцето од страстите, веќе е знаење и опит за оној кој е на вториот степен, а не прашање на вера. Она во што уште верува (благодатна вера) и кон што се стреми оној кој се наоѓа на степенот на просветлување на умот, веќе е знаење и опит за оној кој е обожен, а не прашање на вера.

 

Друго нешто што е истакнато во денешното евангелие е и вистината дека Господ Бог е единствениот Кој има власт да ги простува гревовите, ако со вера и покајание, односно со смирение и благодарност пристапиме кон Него; и дека Богочовекот Христос е вистински Бог. Вистинското покајание значи неповторување на гревот. Вистинското простување на гревовите, исто така, се препознава од неповторувањето на гревот. Оној што има вистинско покајание ќе добие и вистинско простување на гревот од Самиот Господ, што значи и исцелување од последиците на гревот, а тоа се душевните и телесните болести. Вистинското простување на гревот и исцелувањето на неговите последици не е ништо друго туку возобновување на нашата заедница со Бог, во Богочовекот Исус Христос, во Црквата на Светиот Дух.

 

Токму овој момент, простувањето на гревот, е причина за помислите на книжниците. Тие знаат од Книгите на Законот дека единствено Бог има власт да простува гревови. Затоа, немаше ништо да помислат ако Христос само го исцелеше фатениот, зашто тоа ќе беше само уште едно исцеление од многуте кои во тоа време Он ги правеше; но објавата на простувањето ги соблазнува. Заради нивно обраќање и спасение, Богочовекот Исус Христос постапува по редот по кој следуваат настаните: прво, ем љубовно им ги открива помислите на нивните срца, ем им ја пројавува Божјата сила и власт од Себе – со исцеление на фатениот. Со други зборови, јавно простува – за да го предизвика вниманието и заинтересираноста на нивниот ум, односно за да им ги подотвори срцата, па потоа и јавно исцелува – за веќе отворените срца и умови да можат да го примат Божјото чудо.

 

Знак дека нашите гревови ни се простени е добивањето на дарот на умно-срдечната молитва. Тоа е ослободување од робувањето на страстите, од гревот, од демонот и од смртта. Тоа е показател за неприпадност на овој свет и за восиновување од Бог.

 

Уште една умилителна благовест гледаме на почетокот од евангелскиот отсечок, откако фатениот и неговите пријатели во пракса ја покажаа својата аскетска вера, а тоа се Христовите зборови: „Не плаши се, чедо!” Ова се зборови со исто значење како и зборовите Христови: „Не бој се, мало стадо! Зашто волјата на вашиот Отец е вам да ви го даде царството“ (Лука 12, 32). Наше е само преку аскетската вера да влеземе во послушание на волјата на нашиот Отец Небесен. Со други зборови: сакаш да бидеш душевно и телесно здрав? Па, биди! Едноставно.

 

Пресвета Богородице, просветли ја нашата темнина и спаси нѐ!

 

Митрополит Струмички Наум

 

 

Еднаш себлагиот Господ седел пред Ерусалимските храм и ги наситувал гладните луѓе со Своето преслатко учење. Мноштво народ се беше собрал околу Него (Јован 8:2). Господ на народот му говорел за вечната радост, за вечната радост на праведници во вечната татковина на небесата. И народот се насладувал од Божествените слова. Како снег под светлите зраци на сонцето исчезнала жалоста на многу огорчени луѓе и злобата на многу озлобени срца.

 

Кој знае колку долго би траело тоа чудесно видение на мирот и љубовта меѓу небото и земјата, ако не беше се случило нешто неочекувано. Човекољубивиот Месија никогаш не се заморувал да го поучува народот, а благочестивиот народ никогаш не чувствувал замор од слушањето на исцелителната и чудесна премудрост.

 

Но, се случило нешто заплашувачко, диво и жестоко. Тоа потекнало, како што и сега почесто од секогаш се случува, од закониците и фарисеите.

 

Што сториле тие? Сигурно го беа фатиле предводникот на дружината разбојници? Ништо слично. Тие насила довеле една несреќна, грешна жена, “фатена во прељубодeјство”; ја довеле со торжествено самофалење и заглушувачки груби восклици.

 

Откако ја поставиле пред Христа, тие извикале: “Учителе! Оваа жена беше фатена во прељуба, а во Законот Мојсеј ни нареди такви да ги убиваме со камења. Ти што ќе кажеш?” (Јован 8:5-4; Лев. 20; Втор. 22:22). Ти што велиш?

 

Така делата на грешницата ги претставиле изобличителите на туѓите гревови и специјалистите во криењето на своите сопствени рани. Исплашениот народ се повлекол настрана, правејќи им пат на своите старешини. Од страв некои побегнале, зашто Господ зборувал за животот и радоста, а тие врескачи плачеле за убиство.

 

Би било умесно да запрашаме: зошто овие старешини и чувари на законот сами не ја убиле со камења жената-грешница? Зошто ја довеле пред Исус? Мојсеевиот Закон им давал право на тоа (Лев. 20:10). Никој не би се спротивставил. Кој сега, во наше време, би востанал против кога се врши смртна казна над некој престапник? Зошто еврејските старешини ја довеле таа жена-грешница пред Господа? Не за да добијат од Него олеснување на казната или помилување. Во никој случај, не затоа. Ја довеле, исполнувајќи го претходно смислениот адски план, за да Го фатат Господа во некој збор, спротивен на Законот, за да Го обвинат и Него. Со еден удар сакале да убијат два живота – и на жената престапница и на Христа. “Ти што ќе кажеш?” Зошто Го прашуваат, кога Мојсеевиот Закон е јасен?

 

Евангелистот ги објаснува нивните намери со следните зборови: “Тоа го рекоа за да Го искушаат и да Го обвинат.” (Јован 8:6). Многупати тие ставале раце на Него, за да Го умртват со камења, за да Го убијат, но Тој ја одбегнувал нивната злоба. Но, сега нашле погоден случај да ја исполнат својата желба. И тоа токму тука, пред Соломоновиот храм, во кој се чувале плочите на Законот во Ковчегот на Заветот; токму тука, пред големото собрание на народ (Јован 8:2), Тој, Христос, бил должен да се искаже против Мојсеевиот Закон, и тогаш нивната цел ќе беше постигната. Тие би ги убиле со камења и Христа, и жената-грешница. Дури со поголема ревност би Го убиле со камења Него, отколку неа, како што потоа пред Пилата поусрдно проселе за ослободување на Варава, отколку на Христа.

 

Сите присутни очекувале да произлезе едно од двете: или Господ по Своето милосрдие да ја ослободи грешницата, и со тоа да го наруши Законот, или да го потврди Законот, велејќи: “правете како што е напишано во Законот”, и со тоа да ја наруши Својата заповед за прошка и милост. Во првиот случај би бил осуден на смрт, а во вториот би бил препуштен на потсмев и навредување.

 

Кога искушувачите го поставиле прашањето: “Ти што велиш?”, настапила мртва тишина. Тишина меѓу насобраниот народ. Тишина меѓу судиите на грешната жена. Тишина со притаен здив во душата на жената-грешница. Голема тишина настапува во големите циркуси, во кои скротувачите на ѕверовите ги воведуваат скротените лавови и тигри и им заповедаат по своја желба да направат разни движења, трикови и пози. Но, пред нас не се наоѓа скротувач на ѕверови, туку скротувач на луѓе, одговорност која е значително потешка од првата. Зашто, многу често, да ги скротиш подивеаните од гревот е потешко, отколку да ги скротиш дивите по природа.

 

“Ти што велиш?”, продолжувале против Него да настапуваат искривени лица, горејќи од злоба. Тогаш Законодавецот на моралот и човечкото однесување се навалил кон земјата, ја израмнил со дланка правта и “напишал со прст на земјата” (Јован 8:6).

 

Што пишувал Господ на правта? Евангелистот тоа го премолчал и не го запишал. Тоа било премногу одвратно и гнасно за да биде запишано во Книгата на Радоста. Но, тоа, кое било страшно, останало во Преданието. Господ напишал нешто неочекувано и поразително за старешините, обвинителите на жената-грешница. Со прст по земјата Тој ги откривал нивните тајни беззаконија, бидејќи тие ловци на туѓи гревови биле искусни во криењето на сопствените (гревови). Но, залудно е да криеш што и да било од очите на Оној Кој гледа сè.

 

М (ешулам) украл црковни скапоцености – напишал прстот Господов на земјата;

А (шер) извршил прељуба со жената на својот брат;

Ш (алум) се заколнал лажно;

Е (лед) го удрил својот татко;

А (марих)  присвоил имот на вдовици;

М (еррари) извршил содомски грев;

И (оел) се поклонил на идолите.

 

И така по ред пишувал на земјата страшниот прст на Преведиот Судија. А оние, на кои се однесувало тоа, наведнати, читале со неискажлив ужас. Од страв трепереле. Не смееле еден со друг да се погледнат во очи. Повеќе и не помислиле на жената-грешница. Мислеле само за себе и за својата смрт, која била напишана на земјата.

 

Ниту еден јазик не можел да се обрати, за да го каже тоа непријатно и лукаво прашање: “Ти што велиш?”. Господ не рекол ништо. Она што било така калливо, заслужувало единствено да биде напишано на калливата земја.

 

Другата причина поради која Господ пишувал на земјата, е уште посилна и чудесна. Она што се пишува на земјата, брзо се брише и не останува. Христос не сакал нивните гревови да бидат објавени за сите да ги чујат. Ако би го сакал тоа, Тој би ги објавил пред целиот народ и, откако ги обвини, би ги довел до убивање со камења во согласност со Законот. Но Тој, незлобивиот Агнец Божји, не помислил на одмазда и смрт за оние кои му подготвувале илјадници начини на смрт, и кои сакале смрт за Него повеќе отколку вечен живот за себе. Господ само сакал да ги поправи, за да мислат за себе и за своите гревови. Сакал да им напомни дека под бремето на сопствените беззаконија не треба да бидат строги судии на туѓите престапи.

 

Само тоа го сакал Господ. А кога тоа се исполнило, земјата повторно била израмнета и напишаното исчезнало.

 

Потоа, великиот наш Господ се исправил и благо им рекол: “Кој од вас е без грев, нека прв фрли камен” (Јован 8:7). Тоа било, како кога некој го одзема оружјето на своите непријатели, а потоа им вели: “Стрелајте”. Неодамнешните горди судии на жената-грешница, сега стојат разоружани, во положба на престапници пред Судијата, неми и неподвижни. А себлагиот Спасител, навалувајќи се надолу, повторно напишал нешто на земјата (Јован 8: 8).

 

Што пишувал Тој сега? Можеби други тајни престапи, па долго време да не ги отворат своите затворени усти, или пишувал какви треба да бидат народните старешини и водачи. За нас не е задолжително да знаеме.

 

Најважното се заклучува во тоа што Тој со Своето пишување на земјата постигнал три работи: на прво место, ја разбил и ја уништил бурата, која против Него ја дигнале еврејските старешини; второ, им ја разбудил нивната умртвена совест во нивните закоравени души – макар и за кратко време; и трето – ја спасил грешницата од смрт. Тоа е очигледно од евангелските зборови: “А тие (стерешините), што го чуја тоа, бидејќи совеста ги гризеше, се разотидоа еден по еден, почнувајќи од најстарите па до последните, остана Исус Сам и жената, која стоеше насреде.” (Јован 8:9).

 

Плоштадот пред Соломоновиот храм одеднаш опустел. На него не останал никој, освен тие двајцата, кои старешините ги осудија на смрт – грешницата и Безгрешниот. Жената стоела права, а Тој уште стоел наведнат ниско над земјата. Наоколу – мртва тишина.

 

Ненадејно Господ повторно се исправил, погледнал околу Себе и, кога не видел никого освен жената, и’ рекол: “Жено! Каде се твоите обвинители? Никој ли не те осуди?”.

 

Господ знаел дека никој не ја осудил, но со тоа прашање сакал да ја ободри жената, за таа да може подобро да го чуе и разбере тоа што ќе и’ го каже. Тој постапил како искусен лекар, кој од почеток го ободрува болниот, а потоа му дава лек. “Никој ли не те осуди?”. Се вратила способноста на жената да зборува, и таа рекла: “Никој, Господи!”.

 

Тие зборови ги изрекло тоа несреќно суштество, што само до пред малку немало надеж дека воопшто некогаш ќе може да каже што и да било, создание, кое веројатно за прв пат во животот го почувствувало ветрето на вистинската радост. На крајот, себлагиот Господ и’ рекол на жената: “И Јас не те осудувам, оди си и веќе не греши” (Јован 8:10-11). Кога волците се оттргнуваат од својата жртва, тогаш, не сака ни збор, и пастирот не ја посакува смртта на својата овца.

 

Но, потребно е да знаеме дека Христовото неосудување значи многу повеќе, отколку човечкото неосудување. Кога луѓето не те осудуваат за твојот грев, тоа значи дека не пресудуваат казна за гревот, туку го оставаат твојот грев со тебе и во тебе. Кога Бог не го осудува, тоа значи дека Тој го простува твојот грев, го извлекува од тебе како гној и ја прави твојата душа чиста. Затоа и Христовите зборови: “И Јас не те осудувам” значат она што и зборовите: “Ти се простуваат гревовите. Оди си, ќерко, и отсега не греши”.

 

Каква неискажлива радост! Каква радост поради вистината, зашто Господ им ја открил вистината на оние кои се во заблуда. Каква радост поради правдата, зашто Господ создал правда. Каква радост од милоста, зашто Господ покажал милост. Каква радост од животот, зашто Господ го сочувал животот.

 

Тоа е Евангелието Христово, кое значи Благовестие. Радосна вест, наука за радоста, тоа е една страница од Книгата на Радоста.

 

 

 Св. Николај Велимировиќ

 

 

 

 

,,И рече: „Еден човек имаше два сина.

Помладиот од нив му рече на татка си: »Татко, дај ми го делот што ми припаѓа од имотот!« И таткото им го раздели имотот. 

По неколку дена, помладиот син, кога собра сè, отиде во далечна земја и таму го потроши својот дел, живеејќи блудно. И откако потроши сè, настана голем глад во таа земја и тој се најде во мака; па отиде при еден човек во таа земја и се погоди, и тој го прати во своето поле да пасе свињи.

И страден беше да го наполни својот стомак со рокчиња што ги јадеа свињите, но никој не му ги даваше. А кога дојде на себеси, рече: Колку наемници при татка ми имаат леб во изобилие, а јас, пак, умирам од глад. Ќе станам и ќе отидам при татка си и ќе му речам: »Татко, згрешив против небото и пред тебе и не сум веќе достоен да се наречам твој син; но прими ме како еден од своите наемници«.

Па стана и отиде при татка си. И кога беше уште далеку, го виде таткото негов и се сожали на него, па потрча, го прегрна и го целива.

И синот му рече: »Татко, згрешив против небото и пред тебе, и не сум веќе достоен да се наречам твој син!«

А таткото им рече на слугите свои: »Изнесете најубава промена и облечете го, и дајте му прстен на раката негова и обувки на нозете; Па дотерајте и заколете угоено теле: да јадеме и да се веселиме, оти овој мој син мртов беше и оживе, изгубен беше и се најде«. И почнаа да се веселат.

А постариот негов син беше в поле; и на враќање, кога се приближи до куќата, чу песни и извици. Па, како повика еден од слугите, го праша: »Што е ова?« А тој му рече: »Брат ти си дојде и татко ти закла угоено теле, оти го виде здрав.« Тој се налути и нејќеше да влезе. Тогаш излезе татко му и го молеше. А тој му одговори на татка си и му рече: »Еве, те служам толку години и никогаш не ја прекршив твојата заповед; и мене не си ми дал ни едно јаре, за да се провеселам со моите

пријатели; а кога дојде овој твој син, што го упропасти својот имот со блудници, за него ти закла угоено теле.«

А он му рече: »Синко, ти си секогаш со мене и сè мое е твое; но требаше да се зарадуваме и развеселиме, оти овој твој брат беше мртов и оживе, изгубен беше и се најде.«“ (Евангелие според Лука 15:11-32)

 

Оваа парабола ја раскажа Господ Исус Христос додека проповедаше низ Јудеја. Параболата е запишана единствено од евангелистот Лука и е една од најдобро познатите параболи од Евангелието. 

Оваа парабола е една од најдобрите објаснувања на Божјата милост и прошка. Позната е како ,,Параболата за блудниот син’’, но истовремено можеме да ја наречеме и ,,Параболата на милостивиот татко’’, зашто фокусот треба да ни биде не само на грешникот кој се кае, туку и на Небесниот Отец Кој е спремен да простува.

Приказната започнува со еден татко кој има два сина. Помладиот сака да го добие своето наследство уште додека неговиот родител е се’ уште жив. Нормално било децата да наследуваат кога таткото ќе почине, но не и додека тој бил жив. Со тоа, помладиот син покажал непочит кон татка си, како да го прогласил за мртов уште додека тој е жив. Таткото ја услишал желбата на синот и им го разделил имотот. За само неколку дена синот продал се’ и отишол во некоја далечна земја. Започнал да живее блудно и во грев го потрошил своето богатство. А кога успеал да потроши се’, настапило глад и синот морал да се снаоѓа, та отишол кај некој човек и се спогодил да му ги чува свињите. За Израелците чувањето свињи е многу понижувачка работа, затоа што свињите биле сметани за нечисти според Стариот Завет. Во својот очај блудниот син се нафатил да работи било што- само за да се прехрани. 

Во еден момент се освестил и се сетил дека при неговиот татко дури и наемниците имаат леб во изобилие, додека тој овде во далечна земја едвај преживува. Решил да се врати кај татка си и таму да работи како наемен работник, со надеж дека таму ќе му биде подобро отколку овде каде што се доведе самиот себеси. 

Па стана и отиде кај татка си, а таткото кога го виде својот син уште од далечина, стана и потрча кон сина си. Знаете, во тие времиња старите и богатите луѓе не трчале. Згора на тоа, родителите не трчале во прегратките на децата, туку се очекувало обратното. Овде ја согледуваме милоста на таткото- слика на милоста Божја- кој не се штеди самиот себеси. Тој не очекува долги извинувања од синот, не му ја пружа раката да му биде бацувана, не го казнува сина си... Таткото потрча кон синот, го прегрна и го целиваше. Тогаш синот си ја призна грешката и се извини, а таткото нареди блудниот син да биде облечен во нова руба, да му стават прстен на раката и да приредат гозба во чест на неговото враќање назад. Кон крајот на параболата, милостивиот татко за својот блуден син вели ,,беше мртов и оживе, изгубен беше и се најде’’.

Секој човек е како блудниот син. Сите сме Го оставиле Бога, сме Му Го свртеле грбот. Бог за нас бил мртов и сме отишле да го трошиме она што Тој ни го дал блудничејќи со светот. Сме го трошеле нашиот живот, нашето тело, нашите дарови, нашите способности, сме ја трошеле Божјата долготрпеливост и милост одејќи по патот на гревот. Некои од нас сфатиле дека со своите сили не можеме да имаме живот; единствено можеме да имаме вистински живот во Бога. И така сме се покајале и сме тргнале да се вратиме при Него, макар и како наемници сметајќи се себеси недостојни да бидеме Негови чеда. Но Неговата милост е преголема- Бог не стои настрана, туку го љуби грешникот кој се кае. Неговата радост е преголема кога грешникот од гревот ќе се сврти кон Бога, кога од смртното ќе се преориентира кон живото. 

Светиот Јован Кронштатски пишува: ,,Целото наше внимание треба да биде насочено кон Параболата за блудниот син. Во неа треба да се видиме самите себеси како во огледало. Со само неколку зборови, Господ Кој ги познава сите срца, ни покажува колку е слатка измамата на гревот и како гревот не’ одделува од Бога. Тој знае колку ни тежи гревот на душата и на телото и не’ повикува преку Својата божествена милост да се вратиме при Него; и многумина се враќаат при Бога и во добродетелен живот.’’

Почитувани, Параболата за Блудниот син е повик до сите луѓе да се вратат назад при Бога. Секој еден од нас е насликан во оваа парабола, секој од нас е блудниот син. Отецот Небесен не’ повикува покајнички да се вратиме при Него, а Тој нема да го одбие срцето кое вистински моли за прошка и милост. 

 

А кога се раздени, сите првосвештеници и старешини народни направија совет против Исуса за да Го убијат; и откако Го врзаа, Го одведоа, и Го предадоа на управникот Понтиј Пилат.

Тогаш Јуда, што го предаде, кога виде дека е Он осуден, се покаја и ги врати триесетте сребреници на првосвештениците и старешините, велејќи им: „Згрешив, оти предадов невина крв.” А тие му одговорија: „Што ни е грижа нам за тоа? Мисли му ти.”

И како ги фрли сребрениците во храмот, излезе и отиде, та се обеси. Првосвештениците ги прибраа сребрениците и рекоа: „Не чини да се оставаат во црковната каса, оти се цена за крв.” И како се советуваа, ја купија со нив грнчаревата нива, за да погребуваат во неа луѓе од други места. Затоа и до денес таа нива се вика Крвна нива. Тогаш се исполни реченото преку пророкот Јеремија: „И ги зедоа триесетте сребреници, цената на Непроценливиот, Кого Го оценија синовите Израилеви, и ги дадоа за грнчаревата нива, како што ми кажа Господ”.

И Исус застана пред управникот. И тој Го праша, велејќи: „Ти ли си Царот Јудејски?” Исус му одговори: „Ти велиш” И кога Го обвинуваа првосвештениците и старешините, Он ништо не одговараше.

Тогаш Му рече Пилат: „Не слушаш ли колку сведочат против Тебе?” И не му одговори ниту на еден збор, така што управникот се чудеше многу.

А на секој празник Пасха управникот имаше обичај да му отпушта на народот по еден затвореник, кого што би го побарале.

Тогаш тие имаа еден прочуен затвореник, по име Варава.

И кога се собраа, Пилат им рече: „Кого сакате да ви го пуштам: Варава ли, или Исуса, наречен Христос?” Оти знаеше дека Го беа предале од завист.

Во тоа време, кога тој седеше во судот, жена му порача да му кажат: „Не прави Му ништо на Тој Праведник, оти денеска многу пострадав насон, заради Него.”

Но првосвештениците и старешините го наговорија народот да го измоли Варава, а Исуса да Го погуби.

Тогаш управникот ги праша: „Кого од двајцата сакате да ви го пуштам?” Тие одговорија: „Варава!”

Пилат им рече: „А што да направам со Исуса, наречен Христос?” Му одговорија сите: „Да биде распнат!”

Управникот рече: „Па какво зло направил?” Но тие уште посилно извикаа и рекоа: „Да биде распнат!”

Пилат, штом виде дека ништо не помага, а буната се зголемува, зеде вода, ги изми рацете пред народот и рече: „Невин сум за крвта на Овој Праведник; мислете му вие!”

И одговарајќи целиот народ, рече: „Крвта Негова нека падне на нас и на нашите деца!”

Тогаш им го пушти Варава, а Исуса, откако Го бичуваа, Го предаде да биде распнат.

Потоа управниковите војници Го зедоа Исуса во судницата и ја собраа целата чета околу Него, па, откако Го соблекоа, Му облекоа багреница; исплетоа трнов венец, Му Го кладоа на главата и Му дадоа во десната рака трска; и паѓајќи на колена, Му се потсмеваа и велеа: „Радувај се, Царе Јудејски!”

И плукаа на Него и, како ја зедоа трската, Го удираа по главата.

А кога Го исмеаја, Му ја соблекоа багреницата, Му ги облекоа Неговите алишта и Го поведоа на распнување.

На излегување сретнаа еден Киринеец, по име Симон; него го натераа да Му го носи крстот.

И кога дојдоа на местото, наречено Голгота, што значи: место на черепи, Му дадоа да пие оцет, измешан со жолчка. Но Он вкуси и не сакаше да пие, а штом Го распнаа, ги разделија алиштата Негови, фрлајќи ждреб; па седеа таму и Го чуваа; и Му кладоа над главата натпис, со вината Негова: „Овој е Исус, Царот Јудејски.”

Тогаш распнаа со Него и двајца разбојници: едниот од десната страна, а другиот од левата.

А минувачите, вртејќи ги главите свои, Го хулеа и велеа: „Ти, што го уриваш храмот и за три дни го соѕидуваш, спаси се Себеси! Ако си Син Божји слегни од крстот!”

Исто така и архијереите, заедно со книжниците и старешините, и фарисеите, потсмевајќи се говореа:

Другите ги спаси, а Сам Себе не може да спаси. Ако е Он Цар Јудејски, нека слезе сега од крстот, па ќе поверуваме во Него.

Се надеваше на Бога, нека Го избави сега, ако е по волјата Негова, оти беше рекол: »Син Божји Сум!«“

И разбојниците, распнати со Него, Го хулеа исто така.

А од шестиот час настана темнина по целата земја, до деветтиот час; а околу деветтиот час извика Исус со висок глас и рече: „Или! Или! Лама савахтани?” А тоа значи: „Боже Мој, Боже Мој, зошто Си Ме оставил?”

А некои од оние што стоеја таму, кога го чуја тоа, рекоа: „Овој го вика Илија.”

И веднаш еден од нив отрча, зеде сунѓер, го натопи во оцет и го надена на трска, па Му даваше да пие.

Другите, пак, велеа: „Чекајте, да видиме, дали ќе дојде Илија да Го спаси.”

А Исус, откако повторно извика со висок глас, го испушти духот.

И наеднаш се расцепи црковната завеса на два дела, од горниот крај до долниот; и земјата се затресе; и карпи паднаа;и гробови се отворија; и многу тела на упокоени светии воскреснаа; па како излегоа од гробовите, по воскресението Негово, влегоа во светиот град и се јавија на мнозина.

А стотникот и оние, што со него заедно Го чуваа Исуса, откако го видоа земјотресот и сè друго што стана, се уплашија многу и говореа: „Навистина Овој бил Син Божји!”

 

(Од 27 поглавје од Евангелието според Матеја)

,,А кога беше Исус во Витанија, во куќата на Симона Прокажениот, се приближи до Него една жена, која носеше шише со скапоцено миро, и го изли врз главата Негова, кога Он седеше на трпезата.

И штом го видоа тоа учениците Негови, се расрдија и рекоа: „Какво е тоа растурање? Оти тоа миро можеше да се продаде многу скапо и парите да се разделат на сиромаси.”

Но Исус, разбирајќи го тоа, им рече: „Зошто ја буните жената? Таа направи добро дело за Мене; оти сиромасите ги имате секогаш покрај себе, а Мене Ме немате секогаш; таа, изливајќи го тоа миро врз телото Мое, Ме приготви за погребение. Вистина, ви велам: каде и да биде проповедано ова Евангелие по цел свет ќе се прикажува за нејзин спомен и тоа што го направи таа.” (Евангелие според Матеја 26:6-13)

 

Овој настан опишан од евангелистите се случил во последната недела (Страсната Недела, како што уште се нарекува) од Христовиот живот на земјата, односно токму на денешен ден- среда.

Господ Христос бил во гратчето Витанија, во куќата на Симон кој порано беше заболен од лепра, но Господ го излечи. И додека Господ седеше на трпезата ете една жена која носеше скапоцено миро се приближи до него и го изли мирото врз главата Негова.

На тоа се спротивставиле Неговите ученици, сметајќи дека тоа миро можело да се искористи на поинаков начин- на пример да се продаде и парите да се разделат на сиромасите. Но, Христос јасно им кажува дека со тој чин таа сторила добро дело за Него- односно изливајќи го тоа миро врз Неговото тело таа го приготвила за погребението, а сиромасите тие секогаш ќе ги имаат покрај себе и ќе можат да се грижат за нив.

 Зошто од толку места на кои оваа жена можела да Му пристапи на Господа, таа собрала храброст да го стори тоа токму во домот на Симона Лепрозниот? Светиот Јован Златоуст вели дека евангелистот неслучајно споменува дека настанот се случил во домот на некогаш лепрозниот Симон затоа што лепрата се сметала за најнечистата и одвратна болест. И ете Господ не само што го излечил лепрозниот туку и не се срамел да присуствува во неговиот дом и да јаде на неговата трпеза. И штом Господ го прифатил лепрозниот, жената била охрабрена да дојде и таа при Христа со сите свои гревови. Верувала дека штом Господ можел да го излечи Симона од неговата телесна нечистота, тогаш сигурно дека можел да ја излечи и нејзе од нејзината душевна нечистота. 

Мноштвото други луѓе кои читаме низ Евангелијата како Му се приближувале на Господа барале од Него да ги исцели нивните телесни болести. Но, оваа жена која Му приоѓа на Христа во Витанија, во куќата на Симона Лепрозниот не е болна надворешно, туку внатрешно. 

Кога учениците и’ замеруваат на жената за штетата која ја направила и упатуваат кон тоа дека тоа скапоцено миро можело да се продаде и парите да се разделат на сиромашните, Господ им рече да не ја укоруваат жената. Тогаш повторно им кажа за Неговото погребение. Всушност, Христос веќе неколку пати им имаше кажано на Своите ученици дека Тој оди во Ерусалим за да пострада, да биде распнат и на третиот ден да воскресне, но тие тоа како да не го сфаќаа. Читајќи ги Евангелијата и гледајќи ги филмовите за Исус лесно можеме да дојдеме до заклучок дека злобните верски водачи во соработка со Римјаните Го измачуваат Христа и Го убиваат иако Тој е целосно невин; и се чини како да забораваме дека Тој Самиот одлучи да Го даде Својот живот за откуп на многумина. Значи, Христос беше свесен дека ќе пострада и ќе умре! Тоа не беше изненадување туку целосно дел од Божјиот план за спасение на човекот. 

Од друга страна, Христос им даде и една поука на Неговите ученици која има значење и за нас денес. Тој ни порача дека секогаш ќе ги имаме сиромашните околу себе и секогаш е добро време да им помогнеме. Сепак, честопати забораваме на оваа наша должност. 

Во стиховите после горниот цитат Евангелистот Матеј запишал дека веднаш после овие Христови зборови ,,Тогаш еден од дванаесетте, по име Јуда Искариот, отиде при првосвештениците и рече: „Што ќе ми дадете, па да ви Го предадам?” А тие му предложија триесет сребреници.’’

Што ли беше тоа што толку го изиритира Јуда да посегне по предавство? Дали тоа што Христос зборуваше за Својата смрт и погребение? Дали поради Неговиот однос и грижа кон сиромашните? Дали поради Јудиното среброљубие? 

Нам ни преостанува да се сеќаваме на тоа дека Господ беше и останува отворен за сите и за секого, без разлика каков е нашиот багаж од минатото. Да не Го бараме Бога само кога ни треба лек за телото- да Го бараме и кога ни треба лек за душата! Да се сеќаваме и на љубовта Божја- Христос не отиде на крстот спротивно на Сопствената волја туку целосно свесно и одлучно Самиот реши да Го даде Својот живот за спасение на многумина. И да се сеќаваме и да помагаме на сиромашните секогаш кога можеме. 

 

,,1. А кога наближија до Ерусалим и дојдоа во Витфагија, при Елеонската Гора, Исус испрати двајца ученици

2. и им рече: „Отидете во селоно, што е наспроти вас, и веднаш ќе најдете врзана ослица и осле со неа; одврзете ги и доведете Ми ги!

3. А, ако ви рече некој нешто, ќе му кажете дека Му се потребни на Господа, и веднаш ќе ги прати.”

4. А сето тоа стана за да се искаже кажаното преку пророкот, кој вели:

5. Кажете ѝ на ќерката Сионова: ете, твојот Цар иде при тебе кроток, качен на ослица и осле, син на подјаремница.

6. Учениците отидоа и направија така, како што им беше заповедал Исус:

7. ги дотераа ослицата и ослето и ги кладоа одозгора алиштата свои, и Он седна на нив.

8. А мнозина од народот ги постилаа по патот облеките свои; други, пак, сечеа гранки од дрвјата и ги постилаа по патот;

9. а народот, што врвеше пред Него и по Него, викаше велејќи: „Осана на Синот Давидов! Благословен е Кој иде во името Господово! Осана на висините!”

10. И кога влезе во Ерусалим, целиот град се збуни, прашувајќи: „Кој е Овој?”

11. А народот одговараше: „Овој е Исус, пророкот од Назарет Галилејски.” (Свето Евангелие според Матеја 21:1-11)

 

Вчерашниот празник во чест на воскреснувањето на Лазар и денешниот празник Цветници во чест на влегувањето на Христа во Ерусалим се значајни празници со кои навлегуваме во Страсната седмица и завршетокот на Христовата мисија на Земјата. 

Воскресението Лазарово кое го прославивме вчера упатува на уништувањето на смртта и радоста на воскресението- кои на Велигден станаа достапни на сите кои преку вера во Христа ќе ја победат смртта и ќе го вкусат воскресението. 

Влезот на Господ Исус во Ерусалим, пак, е исполнување на месијанските пророштва од Стариот Завет за Царот Кој ќе влезе во светиот град за да го воспостави Своето вечно царство. Всушност, Исусовото влегување во Ерусалим е исполнување на пророштвото дадено од пророкот Захарија и запишано во Стариот Завет, 520 години пред Христа. Пророштвото вели вака: ,,Ликувај од радост, ќерко Сионова, извикувај, ќерко ерусалимска; ете, Царот твој доаѓа при тебе, праведен е и со спасувачка сила, кроток, седнат на осле, рожба на ослицата.’’ (Книга пророк Захарија 9:9). 

Со оглед на тоа дека наскоро настапувал најголемиот и централен Еврејски празник Пасха голем број на Израелци биле присутни во Ерусалим за да го прослават претстојниот празник. Некои пресметки велат дека дури 2 милиони Израелци се собирале на овој празник. Исусовото триумфално влегување во Ерусалим привлекло големо внимание и несомнено многумина погрешно го протолкувале овој чин, сметајќи дека сега Христос ќе го воспостави Неговото политичко царство на кое ќе нема крај и кое ќе се прошири до крајот на Земјата. 

Но, тие кои така го интерпретирале Христовото влегување во Ерусалим- погрешиле. Тие испуштиле да забележат дека Христос не доаѓа со труби и фанфари, ниту пак со моќна војска. Тој не јава некој првокласен коњ, ниту пак е опкружен со телохранители. Тој доаѓа качен на осле и по природа е кроток. Неговото доаѓање не е за осуда, туку за човекољубие. Тој доаѓа не да казни, туку Самиот ќе биде казнет за гревовите на оние кои се Негови. Неговото Царство не е од овој свет; Неговото Царство е Црквата во која се влегува преку покајание и крштевање, а не преку војување. 

На вчерашниот ден се потсетивме дека Христос има власт над животот и смртта; денес се потсетуваме на Неговата кротка природа и на Неговата мисија на Земјава: да ги најде загубените и заради нивното спасение да пострада, умре и да воскресне победувајќи ја смртта засекогаш. Христос Кој влезе во Ерусалим може да влезе и во нашите срца и во нашите животи. Притоа, Тој не доаѓа за да осуди и отфрли туку за да прости и спаси. Прашањето е: ќе Го примиме ли во нашите срца?