Прошка

Поуки
Typography

,,...и прости ни ги долговите наши како што и ние им ги проштеваме на нашите должници...’’

 

,,Да ги закопаме воените секири’’ е израз кој се користи кога две или повеќе раскарани па дури и завојувани страни ќе побараат помирение. За жал, повеќето ги закопуваат главите на секирите, но нивните дршки остануваат да штрчат над земјата. Дршките стојат над земјата и постојано потсетуваат на непријателството. А и ако ни затребаат- веднаш можеме да ги извадиме и да ја продолжиме војната. Сме простиле, но не сме заборавиле и кога-тогаш ќе најдеме можност да се одмаздиме. Таквата ,,прошка’’ воопшто и не е прошка.

 

Не сакам да бидам постојан критичар на народните пракси, но мислам дека и денешниов празник недоволно сме го разбрале. Се прашувам колкумина од оние кои на своите фејсбук профили напишаа ,,Простете ми и простено нека ви е’’ или објавија слики со таква содржина навистина и го мислат тоа. Колкумина од оние кои денес бација рака на своите родители и дедовци и баби и побараа прошка- навистина признаа дека имаат згрешено, се покајаа и побараа прошка?

 

За жал сметам дека повеќето од нас го направија тој чин само формално. Зашто верата во денешно време е некакво помодарство, сите прават така па ајде и ние. И во она ,,Простете ми и простено нека ви е’’ или ,,Простено и од мене и од Господ’’- колку навистина бараме прошка и колку навистина простуваме?

 

Да се побара прошка најпрвин мора да се признае грешката. Ако само ми кажеш ,,Прости ми ако ти имам згрешено’’ тоа мене нема да ми значи многу. Многу повеќе ќе ми значи ,,Згрешив тогаш со тоа и тоа што го сторив. Сега ја сфаќам мојата грешка, жал ми е и се каам. Од тебе барам прошка за тој мој грев.’’- таквата формулација е полна со значење, со емоции и во себе содржи одлука никогаш повеќе сторените гревови да не се повторуваат. И споредете го ова вакво барање на прошка кое произлегува од покајничкото срце со она сувопарното ,,Прости ми и простено нека ти е’’ кое навистина не содржи ни малку признание на гревот, каење и вистинска желба за опростување.

 

Сме ја прифатиле и ја практикуваме традиционалната и површна форма на ,,Прошка’’ затоа што во нас најпрвин нема вистинско разбирање на гревот. Потоа, кај нас нема покајание и желба да се води богоугоден и свет живот. За себе мислиме дека сме безгрешни, ги релативизираме нашите гревови или во краен случај имаме оправдание за се’ што сме направиле. Така во нашите срца ние остануваме закоравени грешници кои само на уста наводно молат за прошка и истата ја даваат, додека внатре во нас останува чувството на самоправедност и потрагата по одмазда.

 

Сепак, молитвата ,,Оче наш’’ во себе содржи молба до Отецот Небесен ,,...и прости ни ги долговите наши како што и ние им ги проштеваме на нашите должници...’’. Овој дел од молитвата во себе супсумира исповедање на нашата грешност, но истовремено и молба до Отецот да ни прости а тоа да биде на ист начин како што и ние сме им простиле на нашите должници.

 

А како ни простил нам Небесниот Отец? Многу илустративни се зборовите на Псалмописецот:

,,Он не ни направи ништо според нашите безааконија и не постапи според нашите гревови;

зашто, колку е големо растојанието од небото до земјата, толку е голема милоста на Господа спрема оние што се бојат од Него;

колку е далеку исток од запад, толку ги оддалечил Он од нас нашите беззаконија;

како таткото што ги милува синовите, така и Господ ги милува оние, кои се бојат од Него.’’ (Псалм 102:10-13)

 

Особено обрнете внимание на ,,колку е далеку исток од запад, толку ги оддалечил Он од нас нашите беззаконија’’. Колку е далеку исток од запад? Бесконечно многу! И така повикани сме и ние да си простуваме едни на други, но целосно и од срце. Да ги закопаме воените секири целосно и да не се сеќаваме веќе никогаш на туѓите гревови кон нас.

Нека овој ден и овој текст не’ инспирираат сите нас најпрвин да размислиме за нашата гревовна состојба. Треба пред нас самите и пред Бога да си признаеме дека сме грешници и дека нам ни треба прошка. Да се покаеме за сторените гревови и да Го молиме Господа за опростување и истовремено- да им простиме на сите оние кои нам ни згрешиле. Навистина некои од нас минувале низ многу тешки периоди од животот заради туѓите гревови и некои од нас ќе се соочат со тешкотии во простувањето на другите. Но, знајте дека на тоа сме повикани и ако немате сили да простите- молете од милостивиот Бог да ни даде и нам милост та да можеме и ние да проштеваме како што ни проштева и Тој. А потоа отидете и побарајте и вие прошка од оние на кои сте им згрешиле и побарајте начин да ги поправите последиците од вашите гревови. Да не биде тоа само формално ,,Простете ми и простено нека ви е’’, туку признајте ги гревовите на оние на кои сте им згрешиле и побарајте прошка, а побарајте и начин да ја поправите штетата која сте ја предизвикале. Само така празникот Прошка ќе добие смисла.

 

Нека милостивиот Бог ни даде прошка на сите заради Неговото човекољубие и милост во нашите срца да можеме да простуваме не само денес ами секојдневно. Прошка не е празник кој трае еден ден во годината, туку начин на живот. 

 

Powered by WordPress.

Временска прогноза (2)

Skopje Macedonia Cloudy, 27 °C
Current Conditions
Sunrise: 4:59 am   |   Sunset: 8:13 pm
37%     6.3 m/s     32.814 bar
Forecast
Чет Low: 17 °C High: 31 °C
Пет Low: 17 °C High: 27 °C
Саб Low: 11 °C High: 20 °C
Нед Low: 10 °C High: 21 °C
Пон Low: 12 °C High: 19 °C
Вто Low: 12 °C High: 19 °C
Сре Low: 13 °C High: 20 °C
Чет Low: 12 °C High: 22 °C
Пет Low: 12 °C High: 23 °C
Саб Low: 13 °C High: 25 °C