Основи на христијанската вера: Бог Отецот, Се’држителот, Творецот

Основи
Typography

Продолжуваме понатаму со серијалот проучувања посветени на ,,Основите на христијанската вера’’, односно со проучување на Никео-Цариградската исповед на верата.

Како и претходното проучување, така и ова ќе биде посветено на првиот член од Символот. Претходното проучување посветено на ,,Верувам во Единиот Бог’’ во кој зборувавме за нашата вера во Живиот Бог, Кој е Еден иако е Тројство на Отецот, Синот и Светиот Дух; како што рековме и минатиот пат- нашата вера не се состои во празни ритуали, во многубоштво или во материјализам и световни филозофии. Нашата вера е верата на Старозаветните и Новозаветните Божји луѓе, верата на Црквата Христова низ вековите и милениумите е и наша вера денес во 21виот век. На тој начин ја исполнуваме Првата Божја заповед: ,,Јас сум Господ, Бог твој, Кој те изведе од земјата Египетска, од домот на ропството. Немој да имаш други богови освен Мене!’’ (Втора Мојсеева 20:2,3)

 

За оние кои се заинтересирани да ги проследат минатите проучувања посветени на Символот на верата, односно од серијалот ,,Основите на христијанската вера’’ тоа можат да го направат на следниве линкови:

 

Во продолжение го цитираме Символот на верата:

  • Верувам во Единиот Бог Отец, Сèдржител, Творец на Небото и на земјата, на сè видливо и невидливо;
  • И во Единиот Господ Исус Христос, Син Божји, Единороден, Кој е роден од Отецот пред сите векови: Светлина од Светлината, вистински Бог од Бога вистински; роден, нестворен, едносуштен на Отецот, преку Кого сè станало;
  • Кој, заради нас луѓето и заради нашето спасение, слезе од Небото и се вплоти од Светиот Дух и Марија Дева и стана човек;
  • И беше распнат заради нас во времето на Понтиј Пилат, и страдаше, и беше погребен;
  • И воскресна во третиот ден, според Писмото;
  • И се вознесе на Небото и седи оддесно на Отецот;
  • И пак ќе дојде со слава, да им суди на живите и мртвите, и Неговото Царство ќе нема крај;
  • И во Светиот Дух, Господ, Кој живот твори, Кој исходи од Отецот, на Кого се поклонуваме и Го славиме заедно со Отецот и Синот, и Кој говорел преку пророците;
  • Во едната, света, соборна и апостолска Црква;
  • Исповедувам едно крштение, за простување на гревовите;
  • Го чекам воскресението на мртвите;
  • И животот во идниот век. А М И Н

Денешното проучување ќе го посветиме на размислување за Единиот Бог Кој е Отец, Сèдржител и Творец на сè видливо и невидливо.

Бог Отецот

Низ Стариот Завет Бог е нарекуван со многу имиња: Elohim (Бог), El-Shaddai èмоќен Бог), Adonai (Господ), Jehovah-јireh (Господ Кој се грижи, Кој обезбедува што е потребно), Jehovah-rophe (Господ Кој исцелува), Jehovah-nissi (Господ моето знаме), Jehovah-m’kaddesh (Господ Кој осветува), Jehovah-shalom (Господ е мир), Jehovah-tsidkenu (Господ нашата праведност), Jehovah-rohi (Господ мојот Пастир), Jehovah-Shammah (Господ Сèприсутен). И така, Старозаветните побожни луѓе мислеле за Бог во вакви термини- Бог како Создател, Сèмоќен, Господ над војските, Господ како Пастир, Сèприсутен, итн. Но, никогаш не мислеле за Бога како за свој Отец!

И денес атеистите и безбожниците не Го нарекуваат Бога- Отец. За нив Бог е некоја далечна безлична сила, или строг и праведен Судија, или Сèмоќен ,,волшебник’’, но никогаш ,,Отец’’. Од друга страна, пак, христијаните се повикани да се молат ,,Оче наш Кој си на небесата...’’ Апостолот Јован во Евангелието под негово авторство ќе запише: ,,А на сите што Го примија – на сите што веруваа во Неговото име – им даде можност да станат синови Божји: кои не од крв, ни од похот машка, а од Бога се родија.’’ (Евангелие според Јован 1:12,13). И така, само христијаните од сите светски религии единствено Го повикуваат Бога со ,,Оче’’. Ниту другите религии не го прават тоа, ниту пак непокајаните грешници го имаат тоа право кон Бога да извикнат со еден таков термин кој сугерира близина и однос меѓу родител и чедо. Всушност, работите стојат поинаку: односот меѓу родителот и чедото е сенка, односно символ на односот меѓу Бог и Неговите чеда.  

Аналитичкиот ум ќе забележи дека Символот на верата Бог Го ословува со Отец пред да Го ослови со Сèдржител и Творец. Тоа е потсетување за нас дека Бог не е првенствено некое далечно моќно Битие кое држи сè во своите раце и управува со сè и Кој создал сè, туку Бог најпрво е наш Отец, а потоа е и Сèдржител и Творец. Сепак, молитвата се вика ,,Оче наш’’, а не ,,Создателу наш’’, што е голема утеха и поткрепа за нас и сведоштво колку му значиме на Бога.

Од друга страна, ословувањето на Бог со Отец пред да исповедаме дека е Сèдржител и Творец, нè потсетува на Неговото Татковство уште пред светот да биде создаден. Имено, пред вечноста Бог Отецот е Отец на Бог Синот. Бог Синот не е создаден, Тој е роден, но нестворен, нема свој почеток во времето како што има материјата, туку како што вели Символот на верата: ,,Кој е роден од Отецот пред сите векови’’. Бог Отецот пред да биде Творец на Универзумот е Отец на Бог Синот. И Символот на верата нè потсетува на таа вечна вистина.

 

Бог Сèдржителот

Понатаму, Символот на верата Го ословува Бога со ,,Сèдржител’’. Бог држи сè во своите раце. И нека биде наша молитва да не забораваме дека сè што се случува се случува по Божја промисла. Како што еднаш Исус рече: ,,Не се продаваат ли две врапчиња за еден асариј? И ни едно од нив нема да падне на земја без волјата на вашиот Отец.’’ (Евангелие според Матеј 10:29). Манихејците, а и денешните Јеховини сведоци, верувале дека светот е борба меѓу две сили; некогаш победува едната сила, некогаш другата и така постојано. Јеховините сведоци ќе ви речат дека сите лоши работи едноставно ,,му го пореметиле планот на Бога.’’ Но, Символот вели дека Бог е Сèдржител. Тој држи сè во својата рака. И дури забележете дека Символот Го исповеда Бога како Сèдржител пред да Го исповеда за Творец! Уште едно сведоштво дека Бог пред воопшто да го создаде светот Го држеше светот! Нему светот не му побегна од раката. Гревот не Го збуни Бог. Тој е Суверен Сèдржител Кој управува над сè.

 

Бог Творецот

И на крајот од овој член Бог е наречен ,,Творец на Небото и на земјата, на сè видливо и невидливо’’. Науката се обидува да даде одговор како сè настанало. Понекогаш науката дава збунувачки теории. Научниците еднаш велат дека сè настанало од Биг Бенг (големата експлозија), потоа велат дека сè постоело од секогаш. Библијата јасно вели дека на почетокот Бог ги создаде Небото и земјата. Бог создаде сè она што е видливо и невидливо- материјалниот и духовниот свет. И се разбира Бог го создаде и човекот- границата меѓу материјалното и духовното, круната на Божјото создание.             

 

Заклучок

Библијата и Символот на верата Го исповедаат Бога како наш Отец, Сèдржител и Творец. Поуките кои можеме да ги извлечеме од ваквото ословување на Бога се многубројни и живото-детерминирачки. Разликата е огромна помеѓу тоа дали на Бог ќе гледате само како на Судија и Сèмоќен, или на Него ќе гледате како на Отец, Сèдржител и Творец.

Ако Бог ви е Отец- тоа значи вие од Него сте родени, а Тој ве љуби многукратно повеќе отколку што земниот родител може да го љуби своето чедо. Ако Бог е Сèдржител- тогаш ништо не станува спротивно на Неговата волја и без разлика што и да донесе животот можеме заедно со апостолот Павле да исповедаме дека знаеме дека сè што се случува Бог ќе го изведе на добро на оние кои Го љубат и кои се од Него избрани за свети цели. И ако Бог е наш Творец и Творец на сè што постои тогаш начинот на кој се однесуваме и кон Него и кон самите себе и кон ближните и околината ќе претрпи промени.

Нека Бог Отецот биде и наш Отец, а ние чеда Негови;
Покорно да се понизиме пред Неговата рака, исповедајќи дека Тој е Бог С
èдржител;
И нека Бог Кој е Творец на с
è создаде во нас срце според Неговата волја.

И заедно со древната Црква да исповедаме и ние: ,,Верувам во Единиот Бог Отец, Сèдржител, Творец на Небото и на земјата, на сè видливо и невидливо.’’

 

Амин

Powered by WordPress.

Временска прогноза (2)

Skopje Macedonia Cloudy, 6 °C
Current Conditions
Sunrise: 6:23 am   |   Sunset: 5:14 pm
76%     1.8 m/s     32.645 bar
Forecast
Вто Low: 1 °C High: 7 °C
Сре Low: 3 °C High: 8 °C
Чет Low: 3 °C High: 7 °C
Пет Low: 3 °C High: 9 °C
Саб Low: 1 °C High: 7 °C
Нед Low: 0 °C High: 3 °C
Пон Low: -3 °C High: 1 °C
Вто Low: -4 °C High: 2 °C
Сре Low: -3 °C High: 1 °C
Чет Low: -3 °C High: 3 °C