Основи на христијанската вера: Верувам во Единиот Бог

Основи
Typography

 

Еднаш веќе ја начнавме темата за Символот на верата. Ова е почеток на проучувања насловени ,,Основите на христијанската вера’’. Во оваа серија на проучувања дополнително ќе го разгледаме значењето на секој член на Символот. На тој начин ќе се стекнеме со продлабочени знаења за нашата вера.

 

 

Што е Символот на верата?

Никео-Цариградскиот символ на верата е исповед на верата која е формулирана од страна на Првиот и Вториот екуменски собор. Овие два собори (односно собири на христијанските водачи) се случиле во текот на четвртиот век (325 и 381 година). Символот на верата бил напишан со цел да се изрази христијанската вера и на тој начин да се одбрани од заканите од разните ереси. Своја примена Символот има и денес: да не’ поучи на основите на верата и да не’ заштити од погубните влијанија на ересите кои се проповедаат наоколу. Најпрвин ви го пренесуваме Символот на верата, а потоа подетално ќе зборуваме за дел од неговата содржина.

Во продолжение ви го пренесуваме Никео-Цариградскиот символ на верата (текстот на Символот е превземен од http://mk.orthodoxwiki.org/):

  • Верувам во Единиот Бог Отец, Седржител, Творец на Небото и на земјата, на сè видливо и невидливо;
  • И во Единиот Господ Исус Христос, Син Божји, Единороден, Кој е роден од Отецот пред сите векови: Светлина од Светлината, вистински Бог од Бога вистински; роден, нестворен, едносуштен на Отецот, преку Кого сè станало;
  • Кој, заради нас луѓето и заради нашето спасение, слезе од Небото и се вплоти од Светиот Дух и Марија Дева и стана човек;
  • И беше распнат заради нас во времето на Понтиј Пилат, и страдаше, и беше погребен;
  • И воскресна во третиот ден, според Писмото;
  • И се вознесе на Небото и седи оддесно на Отецот;
  • И пак ќе дојде со слава, да им суди на живите и мртвите, и Неговото Царство ќе нема крај;
  • И во Светиот Дух, Господ, Кој живот твори, Кој исходи од Отецот, на Кого се поклонуваме и Го славиме заедно со Отецот и Синот, и Кој говорел преку пророците;
  • Во едната, света, соборна и апостолска Црква;
  • Исповедувам едно крштение, за простување на гревовите;
  • Го чекам воскресението на мртвите;
  • И животот во идниот век. А М И Н

 

,,Верувам’’

Првиот збор на Символот на верата е глаголот ,,Верувам’’. Всушност, еден од другите називи на овој Символ е и ,,Пистево’’- грчки термин кој значи ,,Верувам’’. Символот на верата не е мртво слово на хартија кое се става во рамка и останува на виси на некој ѕид. Не е ни стихотворба која се учи напамет и се рецитира во дадени моменти. Напротив, Символот е израз на верата на оние кои веруваат. Символот е израз на живата вера.

Значи првиот предуслов за човек да може да го исповеда Символот на верата е токму тоа да ,,Верува’’. А во што да верува?- се прашувате. Дали да верува на Бога, на гатачи и бајачите, на политичките партии, на окултните учења, на некои култни лидери...? Дали да верува во самиот себе, во своите моќи, во парите, во својот ум? Токму затоа и е составен Символот- да ја дефинира правата вера. Авторитативно да одреди во што христијанинот треба да верува. Денес во светот постојат многу вери кои за себе велат дека се правата вера. Во првите векови на христијанството, а и денес, постојат и многу разни учења кои доаѓаат под називот ,,христијанство’’ и кои исто така за себе тврдат дека се вистинската христијанска вера. Затоа Символот вели ,,Верувам’’,а потоа и дефинира во што веруваат вистинските христијани. Преку овие проучувања насловени ,,Основите на христијанската вера’’ чекор по чекор ќе го проучуваме Символот и ќе ја учиме нашата вера.

 

,,Верувам во Единиот Бог’’

,,Верувам во Единиот Бог’’- денес ни изгледа многу природно во тоа да речеме дека веруваме во ,,Еден Бог’’. Денес најголемите светски религии се монотеистички. Сепак, историјата на човештвото сведочи дека во минатото мноштвото народи верувале во многу богови. Само за пример ќе ги земеме старогрчката и римската митологија кои верувале во толку многу богови. Тие имале посебен ,,бог’’ на морето, на војната, на шумите, на виното, на љубовта итн.  За разлика од паганите и од гностиците, ние христијаните веруваме во Еден Бог. Монотеизмот, односно верувањето во Еден Бог, е исповедано во Стариот Завет и во Новиот Завет и продолжува до ден денешен. Всушност, првата Божја заповед заповеда вера во Единиот Бог. Новиот Завет го сугерира истото. Верата на Израилот е и наша вера. Верата на Христовите апостоли е и нашата вера. Верата на Црквата низ историјата е и нашата вера. Еве неколку библиски цитати:

,,Јас сум Господ, Бог твој, Кој те изведе од земјата Египетска, од домот на ропството. Немој да имаш други богови освен Мене!’’ (Првата Божја заповед; од Втора Мојсеева 20:2,3)

,,Тебе ти е дадено да го разбереш тоа, за да знаеш дека само Господ, твојот Бог е Бог и дека нема друг освен Него.’’ (Петта Мојсеева 4:35)

,,Прва од сите заповеди е: »Чуј, Израиле! Господ, Бог наш, е еден Господ.’’ (Исус Христос во Евангелието по Марко 12:29)

И така ние продолжуваме да веруваме во верата на Авраам, Исак и Јаков, Мојсеј и Исус Навин, Илија, Давид и сите пророци. Ние сме продолжетоци на Петар и Павле, Јован и Јаков и сите други апостоли. Нашата вера е идентична со верата на светите отци и мачениците низ вековите.

Ние, христијаните, веруваме во Еден Бог. Не веруваме во материјализмот кој е главната религија на денешницата. Ниту пак веруваме во некакви овоземни решенија за постигнување на идеалното општество. Не веруваме ниту во магии, ни во гатачи и бајачи, ниту во култни лидери. Нашата вера е во Единиот Бог, додека денешното паганство се состои во верата во парите. И како што нашите библиски примери и примерите од црковната историја беа спремни и да загинат за својата вера во Единиот Бог наспроти верата на паганите, така и ние денес треба да сме подготвени да страдаме за нашата вера наспроти модерното паганство.

Верата во Единиот Бог беше мета на напади од страна на оние кои ги хранеа своите души со многубоштвото и оние кои ги хранеа своите стомаци со многубоштвото. Во една прилика апостолот Павле беше во градот Ефес и ја проповедаше христијанската вера- верата во Единиот Бог. Бог правеше чудеса преку апостолот, а тој проповедаше без страв и ги уверуваше луѓето за царството Божјо. Како резултат на тоа големо мноштво на луѓе се сврте од паганството кон Христа. Дури оние кои правеле магии ги собрале нивните книги и ги запалиле. Библијата вели ,,Така моќно растеше и се засилуваше словото Господово’’ (Дела на светите апостоли 19:20). Но, таму имаше еден златар по име Димитриј. Тој произведувал сребрени храмови за богињата Артемида, која пак била заштитничка на градот Ефес а со тоа и главен извор на финансии за Димитриј но и за економијата на градот. Димитриј во апостолот Павле гледал закана за неговата професија. Заради проповедањето на апостолот тој би го загубил својот извор на финансии. И затоа Димитриј ги собрал неговите колеги и заедно со целиот град дигнале побуна против апостолот. Поради тоа апостолот Павле си замина од градот Ефес.

Таква е за жал ситуацијата и денес. Многумина денес ги хранат своите души со паганството. Едноставно луѓето душевно се хранат со верување во погрешни работи. Од друга страна голем е бројот на гатачи, бајачи и лажни учители кои го замајуваат народот. Тие ги хранат своите тела проповедајќи лажни учења. И тие и денес ја напаѓаат Христовата Црква и Неговата порака до овој свет. Затоа што верата во Единиот Бог за многумина ќе значи крај на нивните амбиции.    

Но, исповедањето вера во Единиот Бог има и друга димензија. Имено, Црквата исповеда вера во Троединиот Бог, Светото Тројство, вера во Отецот, Синот и Светиот Дух. Ние веруваме дека Светото Тројство на Отецот, Синот и Светиот Дух е Еден Бог. Не станува збор за три посебни ,,богови’’, ние не сме многубошци, туку веруваме во Еден Бог. И тоа е почетокот и основниот постулат на нашата вера.

 

Заклучок

Ние христијаните најпрвин ,,Веруваме’’. Не велиме ,,Мислиме’’, ,,Можеби’’ или ,,Веројатно’’. Ние цврсто велиме ,,Верувам’’.

,,Верувам во Единиот Бог’’- нашата вера не се состои во верување во празни ритуали, магии, окултизам, политика, материјализам итн. Ние не веруваме во ,,доларот’’, ,,еврото’’ или ,,рубљата’’. Ние веруваме во Живиот Бог. Ние веруваме во Единиот Бог и во Него нашата вера и надеж е положена.

 

Таквата наша вера е во линија со Стариот Завет и со Новиот Завет и со сета историја на Црквата. И веруваме во мистиката на Светото Тројство- веруваме дека Отецот, Синот и Светиот Дух се Еден Бог. На тој начин ја исполнуваме првата Божја заповед.

Powered by WordPress.

Временска прогноза (2)

Skopje Macedonia Cloudy, 6 °C
Current Conditions
Sunrise: 6:23 am   |   Sunset: 5:14 pm
76%     1.8 m/s     32.645 bar
Forecast
Вто Low: 1 °C High: 7 °C
Сре Low: 3 °C High: 8 °C
Чет Low: 3 °C High: 7 °C
Пет Low: 3 °C High: 9 °C
Саб Low: 1 °C High: 7 °C
Нед Low: 0 °C High: 3 °C
Пон Low: -3 °C High: 1 °C
Вто Low: -4 °C High: 2 °C
Сре Low: -3 °C High: 1 °C
Чет Low: -3 °C High: 3 °C