Top Stories

Grid List

,,Прогонувај се сам себеси - и твојот непријател ќе биде потиснат со твоето приближување...“ - Свети Исак Сирин

 

,,Вдлабочете се во Православието. Тоа не е само црквеност и обредност; тоа е живо чувство. Во самата твар, во него е единствено Ликот Христов............ Во сета своја чистота Христовиот Лик се сочувал во Православието... Шема на верата: Православието во себе Го содржи Ликот на Исус Христос.“ – Достоевски

 

,,Полнотата на нашето животно дело почива во тоа, секогаш и во се' што чиниме, со душата и телото, со мисла, збор и дело, со сета сила, пребиваме во Божјата волја, со Бог и во Бог. Ние треба со сиот свој ум и сите чувства, да Му служиме на вистинскиот , жив Бог и на Неговата вистина, и во согласност со Неговата волја, да ги исполнуваме Неговите свети заповеди. “ - Свети Нил Сорски

 

,,Спасителот вели: Блажени се чистите по срце, зашто тие ќе го видат Бога (Мат. 5, 8), зашто Бог е скриен во срцата на оние што веруваат во Него. Тие ќе Го видат Бога и ризниците скриени во Него, кога ќе се очистат преку љубов и воздржание и ќе Го видат толку појасно колку повеќе се исчистени." - Свети Максим Исповедник

 

,,Љубовта е над сѐ. Она што треба да ја окупира нашата душа, деца мои, е... љубовта кон другиот човек, односно неговата душа. Што и да правиме – молитва, совет, опомена – сето тоа треба да го правиме со љубов. Без љубовта од молитвата нема полза; советот навредува, опомената е штетна и го упропастува другиот, кој чувствува дали го љубиме или не, и реагира на соодветниот начин. Љубов, љубов, љубов!“ - старец Порфириј

 

„Христовата љубов, како Божја сила, како Дар на Светиот Дух, Единиот, Кој дејствува во сите луѓе, онтолошки ги соединува сите во една целина. Оној кој љуби, го усвојува животот на саканото битие. Оној кој Го љуби Бога – се вклучува во Божествениот живот, а оној што го љуби братот, во своето битие го вклучува животот на братот. Оној што го сака целиот свет, со својот дух го опфаќа сиот свет.“ - Старец Силуан

 

,,Оние, во кои што заблескала Светлината на верата, веќе не доаѓаат до бесрамноста со која одново од Бог, во молитвата би барале: “ Дај ни тоа “ или “ Земи го тоа од нас“. Тие, воопшто не се грижат за самите себеси, бидејќи со духовните очи на верата, секој час ја гледаат татковската промисла со која ги осенува вистинскиот Татко, Кој со Својата неизмерно голема љубов, ја надминува секоја татковска љубов, Кој може повеќе од сите и Кој има сила да ни помага и повеќе од она што бараме, помислуваме и себеси си представуваме. “ - Свети Исак Сирин

 

,,Христијанската љубов попрво би прифатила да поднесе какво било ограничување отколку да си дозволи лутина, огорченост или негодување кон оние што поради својата сиромаштија или слабиот карактер постојано нѐ вознемируваат и живеат на сметка на другите. Зашто, каде што е љубовта, таму е и Божјата благодат, добрина, мир и изобилие. Христијанинот е подготвен да претрпи сѐ само да не ја изгуби благодатта, која за него е највозвишеното добро." - Свети Јован Кронштадски

 

,,Како што е невозможно со зборови да му се објасни колку е сладок медот на некој кој никогаш не вкусил мед, така е невозможно и добрината Божја да биде објаснета  со зборови доколку човек не сака да ја почувствува во својот живот.''- Св. Василиј Велики

 

,,Доволно беше читање, треба да се дејствува. Доста е гледање како одат другите, треба сам да одиш. Бараш ли внатрешен живот - стапи во внатрешноста. “ - Свети Теофан Затворник

 

„Оноj, кој се родил во овој свет, нека не мисли дека се родил само затоа, за да се насладува во него и да ужива во неговите радости, зашто ако тоа беше целта на раѓањето, тој не би ни умирал.“ - Свети Симеон Нов Богослов

 

,,...Причината и коренот на сите ваши нагони е гордоста; нејзините плодови се: високото мислење за себе, осудувањето, понижувањето и навредата. Колку и да се трудиме да правиме добри дела, поради овие нешта тие се мрачни и не донесуваат полза; бидејќи се спротивни на Божјата волја; Неговото свето учење и самиот Негов живот се кроткост и смирение; треба да учиме од Него за да го здобиеме мирот во нашите души. Причината за сите наши зла е гордоста, а застапник на сите добра – смирението!

За сета наша несреќа и одвраќањето од Бога виновна е гордоста, а спротивно, за блаженството и приближувањето кон Него заслужно е смирението. Сите наши пороци произлегуваат од неа како од лош корен; лошите фиданки се плод на гордоста. Но таа толку скриено се вгнездува во срцето така што оној кој во себе ја носи не може да сфати дека таа е тука, сѐ додека Бог не прати разоткривање преку некое од искушенијата.“ - Преподобен Макариј Оптински

 

„Само срцето на човек кое постојано со покајание се чисти од егоизмот, себичноста и страстите, може вистински да Го возљуби Бог и другите луѓе. Егоизмот и љубовта се противречни. Честопати се случува егоизмот да верува дека љуби, но оваа „љубов“ е само патина на љубов што ги прикрива себичноста и саможивоста...“

Старец Георгиј Капсанис

 

„Кога ќефрлиш железо во огнот, тоа се растопува и свети како огнот. Така и ти, кога го слушаш Божјото учење и живњееш по него, стануваш подобен на Бога“ (Преп. Симеон Дајбабски). 

 

„Вратите на покајанието остануваат отворени за сите, неизвесно е кој попрво ќе влезе преку нив - ти што осудуваш, или оној кој што го осудуваш...“ - Свети Јован Кронштатски

 

„Ги забораваме Божјите добрини и Него Самиот, ја забораваме сопствената состојба, ја забораваме опасноста од живеење без Бога, ја забораваме и смртта; целата духовна област во нашиот живот се затвора, исчезнува. А кога сè ќе заборавиме, тогаш срцето се изладува и чувството за духовност пресушува. Покрај тоа, прво се запоставуваат духовните активности, а потоа сосема се отфрлаат. Запаѓаме во нечувствителност, невнимание и површност; Го забораваме Бога, смртта и Страшниот суд и му служиме само на своето сладострастие. Тоа е празен живот...“ - Свети Теофан Затвореник

 

„Душата која во полност го познала Господа, нижто друго и не посакува,, и кон ништо друго не се прилепува на земјата, и ако би и предложиле царство, таанема да го посака, зашто љубовта Христова е толку слатка и така ја весели и радува душата, што и царскиот живот не може да ја наслади“ (Преп. Силуан Атонски). 

 

„Човекот во овој свет е долже да го реши проблемот. Ќе биде со Христа, или ќе биде против него. И секој човек, сакал или не сакал, го решава тој проблем. Или ќе биде христољубец, или христоборец. Трето нема“- Преп. Јустин (Попович)

,,Оној кој Го љуби Христа секако и Го подражава според своите сили. Значи, Христос не престана да им чини добро на луѓето и кога изостана нивната благодарност, и кога Го навредуваа беше долготрпелив. И кога Го биеја, и кога Го убија претрпе, никому не мислејќи му зло. Тие три нешта се делата на љубовта кон ближниот, без кои оној што вели дека Го љуби Христа или се надева дека ќе го наследи Неговото Царство, се мами..." - св. Максим Исповедник

 

,,За да се стане човек, треба да се помине долг пат: а за да се стане син Божји, потребно е да се помине неспоредливо подолг пат. Се' се состои во тоа: да не се ремети Христос во совршувањето на нашето преобразување. Ниту со животот, ниту со смртта наша - со ништо. Туку, заедно со Него, да се оди онаму, кајшто не' повикува Бог. “ - Протоереј Александар Шаргунов

 

„Пред секоја работа - домашна или службена, сеедно, не заборавајте дека вашата сила, вашата светлина, вашиот успех е Христос, и неговата жртва на Крстот; затоа без исклучок, пред започнувањето на секое дело, кажете: „Исусе, помогни ми! Исусе, просветли ме!“ На тој начин, во вашето срце ќе се одржува и уште повеќе ќе се разгорува живата вера и надежта во Христос, бидејќи Неговите сила и слава се вечни“.- Свети Јован Кронштатски

 

,,Твоето срце Бог го создал за единствено Него да Го љуби и Нему да Му служи како храм. Затоа и бара од тебе да Му го предадеш: „Сине мој, дај ми го твоето срце“. А бидејќи Бог е мирот што го надминува секој ум, неопходно е во срцето кое сака да Го прими да преовладува мир. „Само во мирот е неговото живеалиште“, пее царот Давид. Затоа повеќе од сѐ труди се да воспоставиш мирно расположение во срцето и сите твои дела и подвизи нека бидат насочени кон здобивањето на тој мир, како што рекол големиот Ава Арсениј: „Насочи го своето внимание на тоа внатрешното расположение да ти биде налик на Божјото и ќе ги победиш надворешните страсти“. - Свети Никодим Агиорит

 

,,Ликот Христов е единствена Светлина за сите темнини, во кои што може да попадне човечкиот род, единствен излез за сите смрти, единствена утеха за сите маки, единствен патоказ за сите заблуди...“ - Отец Јустин Поповиќ

 

,,Молитвата секогаш ни е неопходна, затоа што секогаш треба да бидеме со Бога, а и лукавиот не' демнее секој миг. Милоста Божја е со нас, нека не се плаши ниту едно ожалостено срце, затоа што сме искупени со Крвта на Спасителот, што значи дека сме многу скапи." - старец Арсениј Папачок

 

,,До Царството Божјо стигнуваат оние, кои после секој пораз, наместо да седнат крај патот и плачат над себеси, одат понатаму и плачат попат.“ - Свети Тихон Задонски

 

,,Доколку еднаш си Му се доверил на Господ, Кој Е моќен да те сочува и да се погрижи за тебе, веќе немој да се грижиш за ништо, туку кажи и' на својата душа: “ За секое дело ми е доволен Оној, Кому еднаш Му ја предадов душата своја. Мене тука ме нема, Он тоа го знае.“ И тогаш, на дело ќе ги видиш чудата Божји. Ќе видиш како Он, во секое време Е блиску и како ги спасува оние што се бојат од Него, како ги опкружува Неговата промисла, иако Е невидлив. “ - Свети Исак Сирин

 

,,Но, покајанието е и дар небесен и чудесна сила, која, соединета со милоста Божја, ја надминува и силата на законот, па затоа и не го одбива блудникот, не го одбива прељубодеецот, не се одвраќа од пијаницата, не се гади од незнабожецот, не го отфрла оној кој осудува, а ни хулникот, па ни горделивиот не го презира, но сите ги прима. Бидејќи, покајанието го спалува гревот.“- Свети Јован Златоуст

 

,,Душата што Го љуби Бог почива во Бог и само во Бог. Луѓето не стекнуваат мир на ниту еден пат што го изодуваат во светот сѐ додека не се доближат до надеж во Бог." - свети Исак Сирин

 

„...Нашето постоење, како што гледате, е минливо, ден за ден тече нашиот живот и се приближува до крајот, и за секој неизбежно ќе дојде часот да замине од овој свет и да се упати таму каде што се нашите отци.

Поради тоа неопходно е да имаме голема грижа за тоа да се покажеме подготвени и успешни во нашиот час.

Божественото Писмо ни проповеда за потопот и вака ни говори Господ:

како што во времето на Ное луѓето не мислеа на потопот, туку јадеа, пиеа, се женеа, се мажеа, купуваа, продаваа, и одненадеж дојде потопот и ги погуби сите

(Лк 17, 26-28),

така ќе биде и кога ќе настане Второто Христово доаѓање.

Веројатно, ние се чудиме на тврдоглавоста, слепилото и бесчувственоста на луѓето, кои го виделе ковчегот, што во текот на сто години го градеше праведниот Ное и кои го слушале како тој им говорел дека Бог ќе испрати потоп да ги потопи за злите дела што ги правеле, но кои на тоа не обрнувале внимание и не сакале да се покајат.

Но, сепак, да помислиме – 

го нема ли во нас самите тоа што го осудуваме?

Бидејќи, иако ние денес не гледаме ковчег што се гради, секојдневно гледаме гроб исполнет со прав, во кој денес или утре ќе слеземе, ќе одиме таму каде што се и нашите браќа, кои, одделувајќи се од нас, си заминале еден по друг.

А ние сме мрзливи и не се грижиме за спасението на нашите души, не мислиме за подготвувањето, за да не нѐ изненади нашиот час, што ќе донесе мака и голем очај, на оној кој ќе биде неподготвен и никој не ќе може да му помогне; ќе сака да ги врати залудно потрошените денови, но нема да може да ги врати и затоа ќе плаче неутешно.

Поради тоа, нас нѐ чека неспоредливо пострашна казна отколку потопот тогаш.

Затоа да бидеме подготвени на одговор пред да настапи часот на смртните страдања.

Меѓутоа, јас не велам да не јадеме, да не пиеме и да не носиме облека, туку зборувам според апостолската заповед:

И така било да јадете, или да пиете, или нешто друго да правите, сето тоа правете го за слава Божја (1. Кор. 10, 31).

Сите наши дела и дејствија мора да бидат богоугодни, бидејќи ние сме христијани и не смееме да даваме повод на верниците и неверниците да го одрекуваат и презираат нашиот живот, како што и Апостолот повикува: 

не поставувај му на својот брат сопка или соблазна (Рим. 14, 13).

Навистина, ве молам и ве преколнувам, браќа мои, исполнете ја мојата радост, како што говори Апостолот: бидете со една мисла, бидејќи имате една и иста љубов и бидете еднодушни и едномислени; 

не правете ништо од честољубие, или за празна слава, но од понизност сметајте се еден друг за погорен од себеси! (Фил 2, 2-3). “`

 

Покајанието започнува од јазикот. 

Додека јазикот не биде скротен нема ништо од покајанието.

Јазикот дома, јазикот на работа, јазикот секаде.

Објави сиромаштво на јазикот.

Не на џебот, туку на јазикот.

Секој нека знае од каде треба да започне.

Вие велите (многумина од вас) мислите ве вознемируваат. 

Не може да се војува со помислите додека не биде скротен јазикот.

И не убедувајте се да се борите со помислите, додека не го скротите јазикот. 

Клевета, осудување, оговарње, празнословие...

Често се правдаме со тоа дека ќе го навредиме човекот ако ништо не кажеме. Ние забораваме на тоа дека го омаловажуваме Бога Кој е Секадеприсутен и се` гледа, а се плашиме да не го навредиме човекот.

Подобро да се навреди тука, отколку да страда во вечноста. Нека заплаче поради тоа што ќе му ја кажеме вистината. Не треба да се плашиме дали ќе го навредиме човекот ако тој се навредува самиот себе си ( секако со расудување). 

Ако се навреди - Бог е Судија.

Само чувајте го својот јазик. Секако, тоа важи за оној кој сака да живее барем малку според волјата Божја и да оди по патот на покајанието. А оној што живее онака како што се живее во светот, зошто би се просилувал на така строг живот?

Ние и самите знаеме колку тешко се кае оној чиј што јазик е разуздан. 

Невозможно е човекот да ги опфати сите свои гревови поврзани со јазикот.

Еве, обиди се да запишеше се` што си кажал лошо во текот на еден ден.

Невозможно е и да се запише. Толку зло доаѓа само од јазикот. 

А навечер веќе немаме ниту молитва. 

Толку ни е тешко. И сето тоа поради јазикот.

Искуството на преподобните отци покажа дека ако јазикот молчи, тогаш ќе молчат и мислите

- од тоа не треба да се плашиме - но молитва ќе има.

Само заради воздржувањето најазикот! 

А тогаш ќе се појават знаците на покајанието.

Ние често гледаме големи и значајни луѓе - колку сакаат да молчат, колку се скржави на јзик. Тие долго размислуваат. Полека промислуваат.

И скржаво, скржаво говорат.

Колку се помудри тие големи луѓе, толку повеќе сакаат да молчат. Од нив често нема да извлечеш подробен и опширен одговор.

Бидејќи тоа се луѓе кои живеат духовен живот, луѓе со големо искуство кои сакаат да се спасат или, пак, сфаќаат дека Бог е секаде присутен.

Еднаш му кажав на Карпински, претседателот на Академијата на науки: 

„ Вие навистина знаете да молчите. 

За мој срам, јас како монах не знам да молчам така како вие!“

Знаете што ми одговори?

„Молчам затоа што пред себе ја имам мислата дека Бог ме гледа и слуша. Тоа ме тера да молчам“.

Се покажа дека е обичен човек од светот, иако претседател на Академијата на науките, помудар од секој монах.

(Пренесено од книгата на Старец Сампсон „Поуки и беседи“)

,,Ние мораме да се презреме себеси, заради љубовта Господова, и тој “господин Јас“ , не само да го отфрлиме, туку и да го убиеме. Бидејќи, ако тој не биде мртов, не можеме да се соединиме со Господ: секогаш ќе штрчи тој наш “господин Јас“. Бидејќи тој е голем господин и не може да го свитка вратот, тој е секогаш - високо. Затоа, нам ни е потребно смирение, да се смириме и да се понижиме. Господ ни покажа какви треба да бидеме: смирени, понизни, покорни на Божјата Волја. Но, ние сакаме се' да устроиме според нашето мислење. Се мачиме самите себеси, ќе се измачиме и - ништо не сме направиле! Не сака овој свет онака, како што ние мислиме. И ' господинот Јас', тогаш многу се лути, затоа што не е така како што тој мисли. И сега, ете, се мачам самиот себеси, и самиот сум си виновен. Не се смирив, не се соединив со Господ, туку гледам во срцето и кога и да погледнам, го гледам тој ' господин Јас' . Кога однадвор ќе наиде искушение , па ќе го забоде ножот, не' прободува - а раната голема...Гледаш ли колку треба да се лечиме, колку треба да се смириме, колку треба да се обратиме кон Господ, така, во простота... “ -- Старец Тадеј

„Господ така устројува некои работи за да не ја остави непосведочена Својата божествена благодат и Својот повик; а некои други работи ги устројува, по допуштање, за човекот да биде испитан и да може да се извежба, за да се пројави неговата слободна волја. Ако издржат тие што се во маки и искушенија, не се лишуваат од Царството Небесно. Затоа, кога христијаните се во некоја мака, тие не тажат и не се јадосуваат. Ако се испитуваат со сиромаштија или страдање, тие не треба да бидат изненадени, туку да ѝ се радуваат на сиромаштијата и да ја сметаат за богатство, а постот за празник, бесчестието и срамот – за слава. И обратно, ако се сретнат со нешто што во овој живот се смета за славно и тоа ги привлекува кон плотско успокојување, или кон богатство, или кон слава, или кон раскош, тие не треба да се насладуваат со такви работи, туку да бегаат од ова како од оган. “ - Свети Макариј Велики

,,Христос е чудо што го надминува секој ум. Он е сесовршено откровение на Бог на триипостасната љубов. Он ни го покажа човекот во неговите безгранични можности. Во часот што го знае единствено Бог - ние ќе бидеме доведени до невидливата граница што лежи помеѓу времето и вечноста. На овој духовен раб ние ќе мораме конечно да се определиме за предстојната вечност, или со Христа, во подобие Нему, или во оддалеченост од Него. По овој одлучувачки избор, и подобието и разидувањето ќе попримат вонвремен карактер. Подготвувајќи се за овој настан, што е за секој од нас бесконечно важен, ние, не еднаш ќе се двоумиме во нашето секојдневие: Да се исполни заповедта? ...или да се постапи според нашата страст? Постепено, во нашиот севкупен животен подвиг, ќе ни се открива тајната на Христос, доколку од љубов кон Него, Неговата реч, ќе ја направиме наш единствен закон...Тогаш , Светоста на смирениот Бог - Христос, како оган, ќе ја претопи нашата природа, претворајќи ја во целост, во љубовен залет. Исполнети со гнасење кон самите себеси и злото што се гнезди во нас, ќе посакаме да Му се вподобиме Нему и на Неговото смирение, и оваа желба ќе биде налик на смртна жед. Во самото тежнеење кон светоста, ќе се најде веќе самиот почеток на светост. Љубовта кон Господ која се умножува, природно ќе не' спои со Него во длабоките движења на срцето и прозренијата на умот. “ - Старец Софрониј

„Каква мака и да те снајде, каква непријатност и и да те сретне, речи си: „Ќе истрпам заради Христос!“ Кажи го само тоа и ќе ти биде полесно, затоа што името на Господ Исус Христос е моќно. Со него сите непријатности се стишуваат, демоните исчезнуваат, па ќе ја снема и твојата душевна здодевност, ќе умре твојата малодушност, кога ќе го повторуваш Неговото преслатко име.

„Господи, дај ми да ги видам моите грешки! Господи, дај ми трпение, великодушност и кроткост!“

Преподобен Антониј Оптински

 

Преобразениот секогаш е подготвен за секого.

Тој никогаш не кажува ниту чувствува дека е изморен.

Тој е радост. Секогаш е подготвен да даде.

Тој постои само за другите. Тој е подготвен да им служи на сите.

Никого не осудува, вклучувајчи го и најголемиот грешник.

Тој е како дете, или царско дете. Кој смее да го задева царскиот син?

Кој смее да да ги допира младите лавчиња кога знае дека нивната мајка е во близина?

Поставувајќи ги работите на овој начин, вие сте како младо јагне меѓу волци, но вие не се плашите.

Вие се нудите, секого го примате, сакате, му служите, се молите за сите и подготвени сте во секој миг да умрете, и во тоа, вие сте целосно слободни.

Ова се плодовите на љубовта, затоа што стануваме извор на љубовта.

Таков е човекот без его. Тоа е преобразување.

Тоа е како ние да сме дрво дива маслинка, старо дрво, и ни треба нешто што ќе влезе во нас и ќе го трасформира нашето стебло во добро, плодоносно дрво.

Човекот без его е човек со Бога, човек со Свет Дух во себе.

Старец Дионисиј`

 

Господи, дај ми мирно да го примам 

сето она што ќе ми го донесе денешниов ден, 

како и тоа, целосно да се предадам 

на Твојата света волја. Упатувај ме 

и помагај ми секој час во текот на овој ден. 

Какви било вести да чујам, 

научи ме мирно да ги примам 

и со цврсто уверување, дека 

сè настанува по Твојата света волја. 

Управувај со моите мисли и чувства 

во сите мои дела и зборови. 

Не дозволувај во сите непредвидени случаи 

да заборавам дека сè доаѓа од Тебе. 

Научи ме правилно да се однесувам 

кон моите родители и кон ближните; 

никого да не налутам, ниту да ожалостам. 

Господи, дај ми сили да го поднесам 

заморот на денешниот ден, 

како и сè она што ќе се случи денес. 

Ти управувај со мојата волја и научи ме: 

да се молам, да верувам, 

да се надевам, да истрпувам, 

да простувам и да љубам. Амин.

 

,,Сите мои неволји се појавуваат во мојот невидлив разум и срце. Поради тоа ми е неопходен и еден невидлив Спасител, Кој го познава моето срце. Ако те мачи каква било наметлива фантазија или некое страсно движење ( злоба, гнев, завист, омраза, малодушност, самољубие, самоволие, или сетилни барања), бргу, во најболно самопознание обрати се кон Христа. Ако те покрива темнина, сомнеж или очај, од се' срце повикај Го Неговото Име. Во Него ќе најдеш сознание , доверба и мир. А, ако не сакаш да ги поднесуваш постојаните неспокојства од непријателот, секогаш во своето срце повторувај ја Исусовата молитва: “ Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме грешниот.“ - Свети Јован Кронштатски

„И ете, донесоа при Него еден фатен, положен на постела. Па кога ја виде Исус нивната вера, на фатениот му рече: ’Не плаши се, чедо! Ти се простуваат гревовите твои!‘ Тогаш некои од книжниците рекоа во себе: ’Овој богохулствува‘. А Исус, штом ги разбра мислите нивни, рече: ’Зошто мислите лошо во срцата ваши? Или, што е полесно? Да кажам: Ти се простуваат гревовите твои! или да кажам: Стани и оди!? Но, за да знаете дека Синот Човечки има власт на земјата да проштева гревови‘. Тогаш му рече на фатениот: ’Стани, земи си ја постелата и оди си дома!‘ И тој стана, ја зеде постелата своја и си отиде дома“ (Матеј 9, 1–8).

 

Во текстот од евангелието најнапред се истакнува верата на фатениот и на оние што го носат. Пред сè, верата на фатениот...

 

Еднаш веќе ви зборував дека и верата, или верувањето, многу зависи и се разликува од тоа на кој степен од духовниот развој се наоѓа човекот. Она во што уште верува (аскетска вера) и кон што се стреми оној кој се наоѓа на степенот на чистење на срцето од страстите, веќе е знаење и опит за оној кој е на вториот степен, а не прашање на вера. Она во што уште верува (благодатна вера) и кон што се стреми оној кој се наоѓа на степенот на просветлување на умот, веќе е знаење и опит за оној кој е обожен, а не прашање на вера.

 

Друго нешто што е истакнато во денешното евангелие е и вистината дека Господ Бог е единствениот Кој има власт да ги простува гревовите, ако со вера и покајание, односно со смирение и благодарност пристапиме кон Него; и дека Богочовекот Христос е вистински Бог. Вистинското покајание значи неповторување на гревот. Вистинското простување на гревовите, исто така, се препознава од неповторувањето на гревот. Оној што има вистинско покајание ќе добие и вистинско простување на гревот од Самиот Господ, што значи и исцелување од последиците на гревот, а тоа се душевните и телесните болести. Вистинското простување на гревот и исцелувањето на неговите последици не е ништо друго туку возобновување на нашата заедница со Бог, во Богочовекот Исус Христос, во Црквата на Светиот Дух.

 

Токму овој момент, простувањето на гревот, е причина за помислите на книжниците. Тие знаат од Книгите на Законот дека единствено Бог има власт да простува гревови. Затоа, немаше ништо да помислат ако Христос само го исцелеше фатениот, зашто тоа ќе беше само уште едно исцеление од многуте кои во тоа време Он ги правеше; но објавата на простувањето ги соблазнува. Заради нивно обраќање и спасение, Богочовекот Исус Христос постапува по редот по кој следуваат настаните: прво, ем љубовно им ги открива помислите на нивните срца, ем им ја пројавува Божјата сила и власт од Себе – со исцеление на фатениот. Со други зборови, јавно простува – за да го предизвика вниманието и заинтересираноста на нивниот ум, односно за да им ги подотвори срцата, па потоа и јавно исцелува – за веќе отворените срца и умови да можат да го примат Божјото чудо.

 

Знак дека нашите гревови ни се простени е добивањето на дарот на умно-срдечната молитва. Тоа е ослободување од робувањето на страстите, од гревот, од демонот и од смртта. Тоа е показател за неприпадност на овој свет и за восиновување од Бог.

 

Уште една умилителна благовест гледаме на почетокот од евангелскиот отсечок, откако фатениот и неговите пријатели во пракса ја покажаа својата аскетска вера, а тоа се Христовите зборови: „Не плаши се, чедо!” Ова се зборови со исто значење како и зборовите Христови: „Не бој се, мало стадо! Зашто волјата на вашиот Отец е вам да ви го даде царството“ (Лука 12, 32). Наше е само преку аскетската вера да влеземе во послушание на волјата на нашиот Отец Небесен. Со други зборови: сакаш да бидеш душевно и телесно здрав? Па, биди! Едноставно.

 

Пресвета Богородице, просветли ја нашата темнина и спаси нѐ!

 

Митрополит Струмички Наум

 

Вие, кои го изучивте основното учење, ред е да се запознаете и со останатото, повисокото поучување.

Има пост нетелесен, има нематеријално воздржување кое се однесува на душата - тоа е воздржување од зло, заради кое е востановено воздржувањето од јадење и пиење.

Воздржувајте се од завист и од злоба,

воздржувајте се од посакување на туѓото!

Избегнувајте ја нечесната печалба, 

умртвувајте ја страста на среброљубието, 

не ги украсувајте куќите со килими и мебели придобиени со насилство и грабеж.

Зашто, каква полза има да не јадеш месо, а да го јадеш брата си со злоба? 

Каква придобивка има од тоа да не го јадеш своето, а да брзаш кон туѓото?

Какво е тоа благочестие: да пиеш вода, а да копнееш за крв?

И Јуда постел со единаесетте, но кога не го скротил среброљубието, не постигнал никаква полза од воздржувањето.

И ѓаволот не јаде, зашто е бестелесен дух, но поради злобата се струполил од височината.

Ѓаволите никој не може да ги обвини за прејадување или пијанство, зашто природата им е туѓа кон секое јадење и пиење, но тоа не им пречи ден и ноќ да го крстосуваат воздухот и земјата како слуги на злобата и војници на злото против нас.

Љубомудрието нека биде раководство за животот на христијанинот и душата нека ги избегнува пристапите на злото, зашто ако се воздржуваме од месо и вино, а грешиме со срце и волја, однапред сведочам и претскажувам, никаква полза нема да ни причинуваат водата, овошјето и посната храна штом немаме внатрешно расположение кое ќе одговара на надворешната устроеност.

Постот е поставен за чистота на душата.

Но, ако тој се осквернува од спротивен род, од разгневеност и дела, напраз-но ја испиваме водата што ја пиеме.

Каква полза од телесниот пост, ако умот е нечист?

Каква полза, ако кочијата е здрава и устроена, а кочијашот е болен?

Каква полза, ако коработ е солиден и устроен, но кормиларот е пијан?

Постот е основа на добродетели кои тежнеат кон спасение.

 

 

-Преподобен Гаврил Светогорец, епископ Велички

,,Покајанието е изразено во грчкиот збор μετάνοια (метанија). Во буквална смисла, тој означува промена на умот (преумување). Со други зборови, покајанието е промена на човечкото расположение, навиките, начинот на размислување; промена на нешто внатрешно. Покајанието е нова анализа на човечките погледи, промена на животот.

Како може да дојде до ова? На истиот начин на кој темната соба е осветлена од зраците на сонцето кога човекот ќе влезе во неа. Гледајќи во собата која е во мрак, тој може да види некои работи а поголемиот дел од работите не може да ги види, но не се сомнева во нивното присуство. Многу работи се гледаат различно од тоа какви што навистина се. Човекот мора да се движи внимателно бидејќи не знае на какви препреки може да наиде. Меѓутоа, кога собата ќе се осветли, работите се гледаат појасно и движењето е послободно.

Истото се случува и во духовниот живот.

Кога сме потопени во гревови и нашиот ум е преокупиран со световни грижи, ние не ја приметуваме состојбата на нашата душа. Ние сме рамнодушни кон она какви сме внатрешно и долго остануваме на лажниот пат, без да сме свесни за тоа.

Но кога зракот на Божјата Светлина ќе навлезе во нашата душа, каква нечистотија гледаме во нас! Колку многу лаги, колку многу невистини! Колку многу гнасни дела се откриваат, а за кои сме мислеле дека се привидни! И ни станува јасно кој е вистинскиот пат.

Ако тогаш ја препознаеме нашата духовна ништожност, нашата грешност и најсериозно сакаме наше поправање, блиску сме до спасението. Од длабочината на нашата душа ние со солзи ќе Го молиме Бога: „Смилувај се на мене Господи, смилувај се заради Твојата голема милост! Прости ми и спаси ме! Дај ми да ги видам сопствените гревови и да не ги осудувам моите браќа!“

Св. Јован Шангајски

 

„Молитвата е основното средство кое ги соединува сите разумни созданија со Бог Творецот. Таа и во новиот живот ќе биде нивна основна дејност и обврска.

Молитвата е непосредна врска и непрекинато средство за општење на ангелите и луѓето со Бога.

Молитвата е излез од нашите минливи окови во бесконечноста, таа нѐ изведува надвор од жалните предели, со кои сме ограничени, и ни дава чувство на безграничност и натприродност.

Станува простор, место, начин, и ние го чувствуваме дејството на Божјите својства...“ - Старец Јосиф Ватопедски

 

"Молитвата секогаш ни е неопходна, затоа што секогаш треба да бидеме со Бога, а и лукавиот не' демнее секој миг. Милоста Божја е со нас, нека не се плаши ниту едно ожалостено срце, затоа што сме искупени со Крвта на Спасителот, што значи дека сме многу скапи." - старец Арсениј Папачок

 

 

„Постојаното изговарање на Господовото име, предизвикува чувство на непрестајно присуство на Самиот Спасител, бидејќи Неговото име не е само обичен збор, туку животворна енергија. Ова е мисла на Отците, кои нѐ учат: „Исусовото име го победува противникот“. Истата смисла го има и Павловиот повик на непрестајната молитва. Оној што трпеливо престојува во молитвата „Бог брзо го оправдува“, ако ден и ноќ Го повикува. Зборовите: „Бдејте и молете се“ и „не паѓајте во молитвата“, покажуваат како трпението удостојува. Поради трпението секој обид на лукавиот пропаѓа, но се исцелуваат и природните немоќи и недостатоци.“ - Старец Јосиф Ватопедски

 

,,На Бога не му требаат нашите молитви. Тој и пред молитвата знае што ни е потребно; Тој е премногу милосрден и обилно ги излева Своите дарови и над оние кои не ги ни бараат од Него. Молитвата нам ни е неопходна: низ неа човекот Го прима Бога. Без молитвата човекот е далечен од Бога, а колку повеќе човек се вежба во молитвата- толку повеќе се приближува кон Бога.’’- Св. Игнатиј

 

,,Молитвата треба да ни биде првиот одговор, а не последната надеж.’’- Арх. Андреј Ткачев

 

"Да го започнеме делото на молитвата и преуспевајќи постепено во неа, ќе се увериме дека, не само надежта во Бога, туку и тврдата вера и нелицемерната љубов, и незлобивоста и љубовта спрема браќата, и воздржливоста и трпеливоста, и избавувањето од искушенијата, и благодатните дарови, и искреното исповедање, и срдечните солзи – ќе им бидат дадени на верните преку молитвата. И не само сите овие работи што ги споменавме, туку, преку молитвата, ќе добиеме: трпение во страданијата што нè снаоѓаат, и чиста љубов спрема ближниот и познавање на духовниот закон и изнаоѓање на Божјата правда, и вдахновението со Светиот Дух, и дарување на духовните сокровишта и сè друго што им ветил Бог на верните да им даде во сегашниот и во идниот живот. Сето ова ќе го добијат тие преку молитвата. Со еден збор, не е можно на друг начин образот Божји да биде востановен во нас; ова може да се постигне со силата на Божјата благодат и со верата, ако човекот со големо смирение пребива со умот свој во нерасеана молитва." - Свети Марко Подвижник

 

„Според природата, молитвата е сопостоење и единство на човекот со Бога. Според дејството, таа е одржување на вселената, помирување со Бога, мајка на солзите и нивна ќерка истовремено, смилостивување за гревовите, мост со којшто се преминува преку искушенијата, панцир кој штити од секоја мака, разбивање на демонските напади, служба на ангелите, храна на сите бестелесни, идно радување, бесконечен подвиг, извор на добродетели, причинител на благодатните дарови, невидливо напредување, храна за душата, просветлување на умот, секира за очајанието, потврда на надежта, ослободување од тагата, богатство на монахот, ризница на тихувателот, смалување на гневот, огледало на духовниот напредок, показател на духовната мера,откривач на духовната состојба, претскажувач на идните добра, предзнак на вечната слава. За оној што вистински се моли молитвата е суд Господов, судење пред престолот Негов пред Страшниот Суд. “- Св Јован Лествичник

 

Еднаш себлагиот Господ седел пред Ерусалимските храм и ги наситувал гладните луѓе со Своето преслатко учење. Мноштво народ се беше собрал околу Него (Јован 8:2). Господ на народот му говорел за вечната радост, за вечната радост на праведници во вечната татковина на небесата. И народот се насладувал од Божествените слова. Како снег под светлите зраци на сонцето исчезнала жалоста на многу огорчени луѓе и злобата на многу озлобени срца.

 

Кој знае колку долго би траело тоа чудесно видение на мирот и љубовта меѓу небото и земјата, ако не беше се случило нешто неочекувано. Човекољубивиот Месија никогаш не се заморувал да го поучува народот, а благочестивиот народ никогаш не чувствувал замор од слушањето на исцелителната и чудесна премудрост.

 

Но, се случило нешто заплашувачко, диво и жестоко. Тоа потекнало, како што и сега почесто од секогаш се случува, од закониците и фарисеите.

 

Што сториле тие? Сигурно го беа фатиле предводникот на дружината разбојници? Ништо слично. Тие насила довеле една несреќна, грешна жена, “фатена во прељубодeјство”; ја довеле со торжествено самофалење и заглушувачки груби восклици.

 

Откако ја поставиле пред Христа, тие извикале: “Учителе! Оваа жена беше фатена во прељуба, а во Законот Мојсеј ни нареди такви да ги убиваме со камења. Ти што ќе кажеш?” (Јован 8:5-4; Лев. 20; Втор. 22:22). Ти што велиш?

 

Така делата на грешницата ги претставиле изобличителите на туѓите гревови и специјалистите во криењето на своите сопствени рани. Исплашениот народ се повлекол настрана, правејќи им пат на своите старешини. Од страв некои побегнале, зашто Господ зборувал за животот и радоста, а тие врескачи плачеле за убиство.

 

Би било умесно да запрашаме: зошто овие старешини и чувари на законот сами не ја убиле со камења жената-грешница? Зошто ја довеле пред Исус? Мојсеевиот Закон им давал право на тоа (Лев. 20:10). Никој не би се спротивставил. Кој сега, во наше време, би востанал против кога се врши смртна казна над некој престапник? Зошто еврејските старешини ја довеле таа жена-грешница пред Господа? Не за да добијат од Него олеснување на казната или помилување. Во никој случај, не затоа. Ја довеле, исполнувајќи го претходно смислениот адски план, за да Го фатат Господа во некој збор, спротивен на Законот, за да Го обвинат и Него. Со еден удар сакале да убијат два живота – и на жената престапница и на Христа. “Ти што ќе кажеш?” Зошто Го прашуваат, кога Мојсеевиот Закон е јасен?

 

Евангелистот ги објаснува нивните намери со следните зборови: “Тоа го рекоа за да Го искушаат и да Го обвинат.” (Јован 8:6). Многупати тие ставале раце на Него, за да Го умртват со камења, за да Го убијат, но Тој ја одбегнувал нивната злоба. Но, сега нашле погоден случај да ја исполнат својата желба. И тоа токму тука, пред Соломоновиот храм, во кој се чувале плочите на Законот во Ковчегот на Заветот; токму тука, пред големото собрание на народ (Јован 8:2), Тој, Христос, бил должен да се искаже против Мојсеевиот Закон, и тогаш нивната цел ќе беше постигната. Тие би ги убиле со камења и Христа, и жената-грешница. Дури со поголема ревност би Го убиле со камења Него, отколку неа, како што потоа пред Пилата поусрдно проселе за ослободување на Варава, отколку на Христа.

 

Сите присутни очекувале да произлезе едно од двете: или Господ по Своето милосрдие да ја ослободи грешницата, и со тоа да го наруши Законот, или да го потврди Законот, велејќи: “правете како што е напишано во Законот”, и со тоа да ја наруши Својата заповед за прошка и милост. Во првиот случај би бил осуден на смрт, а во вториот би бил препуштен на потсмев и навредување.

 

Кога искушувачите го поставиле прашањето: “Ти што велиш?”, настапила мртва тишина. Тишина меѓу насобраниот народ. Тишина меѓу судиите на грешната жена. Тишина со притаен здив во душата на жената-грешница. Голема тишина настапува во големите циркуси, во кои скротувачите на ѕверовите ги воведуваат скротените лавови и тигри и им заповедаат по своја желба да направат разни движења, трикови и пози. Но, пред нас не се наоѓа скротувач на ѕверови, туку скротувач на луѓе, одговорност која е значително потешка од првата. Зашто, многу често, да ги скротиш подивеаните од гревот е потешко, отколку да ги скротиш дивите по природа.

 

“Ти што велиш?”, продолжувале против Него да настапуваат искривени лица, горејќи од злоба. Тогаш Законодавецот на моралот и човечкото однесување се навалил кон земјата, ја израмнил со дланка правта и “напишал со прст на земјата” (Јован 8:6).

 

Што пишувал Господ на правта? Евангелистот тоа го премолчал и не го запишал. Тоа било премногу одвратно и гнасно за да биде запишано во Книгата на Радоста. Но, тоа, кое било страшно, останало во Преданието. Господ напишал нешто неочекувано и поразително за старешините, обвинителите на жената-грешница. Со прст по земјата Тој ги откривал нивните тајни беззаконија, бидејќи тие ловци на туѓи гревови биле искусни во криењето на сопствените (гревови). Но, залудно е да криеш што и да било од очите на Оној Кој гледа сè.

 

М (ешулам) украл црковни скапоцености – напишал прстот Господов на земјата;

А (шер) извршил прељуба со жената на својот брат;

Ш (алум) се заколнал лажно;

Е (лед) го удрил својот татко;

А (марих)  присвоил имот на вдовици;

М (еррари) извршил содомски грев;

И (оел) се поклонил на идолите.

 

И така по ред пишувал на земјата страшниот прст на Преведиот Судија. А оние, на кои се однесувало тоа, наведнати, читале со неискажлив ужас. Од страв трепереле. Не смееле еден со друг да се погледнат во очи. Повеќе и не помислиле на жената-грешница. Мислеле само за себе и за својата смрт, која била напишана на земјата.

 

Ниту еден јазик не можел да се обрати, за да го каже тоа непријатно и лукаво прашање: “Ти што велиш?”. Господ не рекол ништо. Она што било така калливо, заслужувало единствено да биде напишано на калливата земја.

 

Другата причина поради која Господ пишувал на земјата, е уште посилна и чудесна. Она што се пишува на земјата, брзо се брише и не останува. Христос не сакал нивните гревови да бидат објавени за сите да ги чујат. Ако би го сакал тоа, Тој би ги објавил пред целиот народ и, откако ги обвини, би ги довел до убивање со камења во согласност со Законот. Но Тој, незлобивиот Агнец Божји, не помислил на одмазда и смрт за оние кои му подготвувале илјадници начини на смрт, и кои сакале смрт за Него повеќе отколку вечен живот за себе. Господ само сакал да ги поправи, за да мислат за себе и за своите гревови. Сакал да им напомни дека под бремето на сопствените беззаконија не треба да бидат строги судии на туѓите престапи.

 

Само тоа го сакал Господ. А кога тоа се исполнило, земјата повторно била израмнета и напишаното исчезнало.

 

Потоа, великиот наш Господ се исправил и благо им рекол: “Кој од вас е без грев, нека прв фрли камен” (Јован 8:7). Тоа било, како кога некој го одзема оружјето на своите непријатели, а потоа им вели: “Стрелајте”. Неодамнешните горди судии на жената-грешница, сега стојат разоружани, во положба на престапници пред Судијата, неми и неподвижни. А себлагиот Спасител, навалувајќи се надолу, повторно напишал нешто на земјата (Јован 8: 8).

 

Што пишувал Тој сега? Можеби други тајни престапи, па долго време да не ги отворат своите затворени усти, или пишувал какви треба да бидат народните старешини и водачи. За нас не е задолжително да знаеме.

 

Најважното се заклучува во тоа што Тој со Своето пишување на земјата постигнал три работи: на прво место, ја разбил и ја уништил бурата, која против Него ја дигнале еврејските старешини; второ, им ја разбудил нивната умртвена совест во нивните закоравени души – макар и за кратко време; и трето – ја спасил грешницата од смрт. Тоа е очигледно од евангелските зборови: “А тие (стерешините), што го чуја тоа, бидејќи совеста ги гризеше, се разотидоа еден по еден, почнувајќи од најстарите па до последните, остана Исус Сам и жената, која стоеше насреде.” (Јован 8:9).

 

Плоштадот пред Соломоновиот храм одеднаш опустел. На него не останал никој, освен тие двајцата, кои старешините ги осудија на смрт – грешницата и Безгрешниот. Жената стоела права, а Тој уште стоел наведнат ниско над земјата. Наоколу – мртва тишина.

 

Ненадејно Господ повторно се исправил, погледнал околу Себе и, кога не видел никого освен жената, и’ рекол: “Жено! Каде се твоите обвинители? Никој ли не те осуди?”.

 

Господ знаел дека никој не ја осудил, но со тоа прашање сакал да ја ободри жената, за таа да може подобро да го чуе и разбере тоа што ќе и’ го каже. Тој постапил како искусен лекар, кој од почеток го ободрува болниот, а потоа му дава лек. “Никој ли не те осуди?”. Се вратила способноста на жената да зборува, и таа рекла: “Никој, Господи!”.

 

Тие зборови ги изрекло тоа несреќно суштество, што само до пред малку немало надеж дека воопшто некогаш ќе може да каже што и да било, создание, кое веројатно за прв пат во животот го почувствувало ветрето на вистинската радост. На крајот, себлагиот Господ и’ рекол на жената: “И Јас не те осудувам, оди си и веќе не греши” (Јован 8:10-11). Кога волците се оттргнуваат од својата жртва, тогаш, не сака ни збор, и пастирот не ја посакува смртта на својата овца.

 

Но, потребно е да знаеме дека Христовото неосудување значи многу повеќе, отколку човечкото неосудување. Кога луѓето не те осудуваат за твојот грев, тоа значи дека не пресудуваат казна за гревот, туку го оставаат твојот грев со тебе и во тебе. Кога Бог не го осудува, тоа значи дека Тој го простува твојот грев, го извлекува од тебе како гној и ја прави твојата душа чиста. Затоа и Христовите зборови: “И Јас не те осудувам” значат она што и зборовите: “Ти се простуваат гревовите. Оди си, ќерко, и отсега не греши”.

 

Каква неискажлива радост! Каква радост поради вистината, зашто Господ им ја открил вистината на оние кои се во заблуда. Каква радост поради правдата, зашто Господ создал правда. Каква радост од милоста, зашто Господ покажал милост. Каква радост од животот, зашто Господ го сочувал животот.

 

Тоа е Евангелието Христово, кое значи Благовестие. Радосна вест, наука за радоста, тоа е една страница од Книгата на Радоста.

 

 

 Св. Николај Велимировиќ

 

 

„...Сметаме дека постојат две опасности на духовниот пат, кога човекот се осакатува себеси, како пеач кој пее со туѓ глас  тоа е принудување, односно насилие и подражавање.

Човекот може да подражава примери од книги, луѓе со кои се среќава, апстрактен или идеален образ создаден во неговите мечти, заборавајќи притоа дека таквиот пример е живот на друг човек, одраз на друга личност и друга индивидуалност, а апстрактниот образ секогаш е соединет со распалено мечтаење и со нас, конкретни реалии, нема никаква врска.

Тоа подражавање на друг е тесно поврзано со вообразбата и затоа станува прокрустова постела за душата, доколку таа не се ориентира кон духот, туку кон надворешното.

Ние секогаш остануваме она што сме, и никогаш нема да станеме друга личност; но, своето „јас“ можеме да го извалкаме и да го осакатиме, односно да го изгубиме својот пат. 

Ние мора да го најдеме своето, и затоа човек кој ги зема предвид искуството и примерот на другите, не смее да се идентификува со нив, туку мора да исходи од самиот себе, и само да прави разлика што е наше, а што туѓо, што е она што и е својствено на нашата душа, а што во неа е наталожено однадвор.

Тој мора да ја реши задачата меѓу линиите што се сечат да најде свој, а не туѓ пат. Во служењето на Бога, во духовниот живот е важно да не се изгуби својата личност, но не онаа којашто се смета за личност на светот кондензат на гордост и славољубие туку својата внатрешна неповторливост, иста онаква каква што е и неповторливоста на отисокот на прстите или бојата на гласот.

Ако тоа не се реализира во духовниот живот, човекот ќе стане дволичен, ќе биде нечиј двојник на некое лице од прочитаните книги, од околната средина, или од својата сопствена мечта.

Но, истовремено, тука е мошне важно во никаков случај човекот да не се идентификува со своите страсти, приврзаности, со својата горделивост, со својата неприродна состојба, како што, впрочем, ни болниот не се идентификува со својата болест...“

Арх. Рафаил Карелин

 

 
 

Временска прогноза

Skopje Macedonia Clear (night), 13 °C
Current Conditions
Sunrise: 6:47 am   |   Sunset: 5:52 pm
67%     1.8 m/s     33.017 bar
Forecast
Пон Low: 10 °C High: 23 °C
Вто Low: 8 °C High: 23 °C
Сре Low: 8 °C High: 23 °C
Чет Low: 8 °C High: 23 °C
Пет Low: 9 °C High: 24 °C
Саб Low: 6 °C High: 23 °C
Нед Low: 8 °C High: 20 °C
Пон Low: 6 °C High: 17 °C
Вто Low: 4 °C High: 18 °C
Сре Low: 3 °C High: 18 °C

Top Stories

Grid List

Десетте Божји заповеди (или како уште се нарекуваат ,,Декалогот’’) се запишани во Стариот Завет, во книгата наречена ,,Излез’’ односно ,,Втора Мојсеева’’ која датира од 15тиот век пред Христа. Десетте заповеди им беа дадени на Израелците непосредно после Егзодусот, односно Излезот, од Египет под водството на Мојсеј. Заповедите имаа улога да бидат основен регулатор на општествениот живот. Декалогот е основа на модерната цивилизација. Неговите заповеди и принципи се содржани во голем дел од декларациите за човекови права, во уставите и законите на речиси сите држави низ светот.

 

Сепак, веројатно е дека многумина од нас не ги знаат Десетте Божји заповеди. Тоа е поразителен факт со оглед на тоа дека Божјите заповеди се основата на христијанската вера.

 

,,Тогаш Господ Бог ги кажа сите овие зборови кон Мојсеја, велејќи:

1. Јас сум Господ, Бог твој, Кој те изведе од земјата Египетска, од домот на ропството. Немој да имаш други богови освен Мене!

2. Не прави за себе идол, ниту каква слика на она, што е горе на небото, што е долу на земјата и што е во водата под земјата; немој да им се клањаш, ниту да им служиш, оти Јас сум Господ, Бог твој; Бог ревнител, Кој за гревовите на татковците ги казнуваа децата до третото и четвртото колено, оние, кои Ме мразат; Кој покажува милост на илјадници, кои Ме сакаат и ги пазат заповедите Мои.

3. Не изговарај го напразно името на Господа, твојот Бог, бидејќи Господ нема да го остави неказнет оној, кој напразно ќе го изговори името Негово.

4. Помни го денот саботен, за да го празнуваш. Шест дена работи, и сврши ги во нив сите работи свои; а седмиот ден е сабота Господова, на твојот Бог; тогаш немој да вршиш никаква работа, ни ти, ни синот твој, ни ќерката твоја, ни слугата твој, ни слугинката твоја, ни волот твој, ни ослето твое, ниту придојдениот, кој се наоѓа кај тебе оти за шест дена ги создаде Господ небото и замјата, морето и се’ што е во нив; а во седмиот ден си отпочина: заради тоа Господ го благослови седмиот ден и го освети.

5. Почитувај ги таткото свој и мајката своја, за да ти биде добро и да поживааш подолго на земјата, што ти ја дава Господ, твојот Бог.

6. Не убивај!

7. Не врши прељуба!

8. Не кради!

9. Не сведочи лажно против својот ближен!

10. Не пожелувај ја жената на ближниот свој, не пожелувај го домот на ближниот свој, ниту нивата негова, ни слугата негов, ни слугинката негова, ни волот негов, ни ослето негово, ни секаков добиток, ниту нешто друго, кое е на ближниот твој!”

 

А сега кога ги знаеме, благословени ќе бидеме ако ги исполнуваме.

Молитва за отворање на умот

Господи Исусе Христе, Учителе на мудроста, Ти се молам, отвори ми ги очите на моето срце, за да ги слушам и разбирам Твоите зборови, та да ја исполнувам Твојата волја, којашто е откриена за наш грешните и неразумни луѓе.

Господи Боже, спасителу мој, бидејќи си дошол на земјата да ги побараш и да ги спасиш паднатите, не сокривај ги од мене Своите заповеди, зашто јас пропаѓам во темнината на незнаењето на законот Твој; но, отвори ми ги очите на умот за да можам да ги разберам чудесата на Твоето учење; кажи ми ги непознатите тајни на мудроста Твоја. На Тебе се надевам, со светлината на своето знаење да го просветиш мојот ум и разум, та не само да го читам напишаното, туку и да го извршувам. Ти се молам, солзи се преколнувам и извикувам:

Господи, проссвети ме, научи ме и вразуми ме за светиот Твој збор и житијата на Твоите светители да ги читам не за грев, а за обновување и просветување, за осветување и спасение на душата моја и за наследување на животот вечен. Амин!

 

Молитва на свети Филарет, московскиот митрополит и чудотворец

Господи, не знам што да побарам од Тебе. Само Ти знаеш што ми е потребно, и Ти повеќе ме сакаш отколку што сам знам и умеам да се сакам себеси. Оче, дај му го на Твојот слуга она што и сам не умее да го побара. Не се осмелувам да барам ни Крст ни утеха, а само стојам пред Тебе и срцето мое е отворено за Тебе. Ти ги согледуваш потребите што јас не ги знам, па затоа гледај и постапи со мене според твојата милост. Порази, но и излечи; собори, но и подигни. Ништожен и нем сум пред Твојата света волја и недостижните, за мене, Твои судови.

Себеси се принесувам жртва за Тебе и Ти се предавам. Немам друга желба, освен таа - целосно да ја исполнувам волјата Твоја. Научиме да се молам. Самиот Ти, моли се во мене Господи. Амин!

 

Секојдневна молитва на Оптинските старци

Господи, дај ми мирно да го примам сè она што ќе ми го донесе денешниов ден, како и тоа потполно да се предадам на Твојата света волја. Упатувај ме и помагај ми секој ден во текот на овој ден: какви вести и да чујам, научи ме мирно да ги примам и со цврсто уверување дека сè станува по Твојата света волја. Управувај со моите мисли и чувства во сите мои дела и зборови. Не позволи во сите непредвидени случаи да заборавам дека сè доаѓа од Тебе. Научи ме правилно да се однесувам спрема своите родители и спрема ближните - никого да не налутам, ниту да ожалостам.

Господи, дај ми сила да го поднесам заморот на денешниов ден, како и сè она што ќе се случи во текот на денов. Ти управувај со мојата волја, и научи ме да се молам, да верувам, да се надевам, да истрпувам и да љубам. Амин!

 

Молитва на покајникот од свети Симеон Богослов

Господи, Ти сè гледаш и нема нешто што не гледаш. Иако сум дело на Твоите раце, сепак не правев дела според заповедите Твои, туку поради големото мое безумство, вршев секакви зла, не помислувајќи дека Ти, Создателу мој и Божем колку Си добар, толку Си и Правичен. А сега, сеќавајќи се на тоа, ма опфаќа страв и не знам што да правам. Ја чувствувам Твојата осуда и не наоѓам зборови во устата моја за оправдување. Немам никакви добродетели и не сум направил никакво покајничко дело, коешто заслужува поради него да ми се прости макар еднен празен збор од устава моја. Освен тоа, оној што ги поседува сите добродетели и прави разновидни добри дела го врши тоа како добар слуга и затоа што е должен - во сето тоа тој нема да најде откуп за својот грев.

Тука единствено Твојата милост помага. Гревот е смрт, и кој од оние што преку него умреле, може сам себеси да се воскресне? навистина, никој! Единствено Ти Си Умрел и Си воскреснал, затоа што не Си направил грев, и не се најде измама во Твојата уста!

И ете, Господи Седржителу, откако направив многу лоши дела, се каам, но самото покајание е немоќно да ме оправда. Покајанието е осознавање на своите гревови, а нив ги симнува само милоста Твоја. Ти гледаш, Седржителу Господи, дека сега ништо немам освен телото; но за мене нема никаква полза од тоа што сум го оставил богатството. Целиот сум една рана; во мене не останала никаква надеж за спасениетака што пеколот е подготвен да ме проголта жив. Ти единствен можеш да ме спасиш и да ги излечиш патилата на моето срце. Твојата рака може сè; таа достига до длабочините на бездната и сè станува по твоја заповед. Не се осмелувам да речам „помислувај ме, Господи!“ Недостоен сум за твојата милост, како и секој што со право ги заслужува маките. А Ти, Господи, сè знаеш и затоа постапи со мене онака како што умее Твоето човекољубие, бидејќи сум недостоен и за самиот живот. Да биде Твојата света волја во сè. Амин!

Upcoming Events