Top Stories

Grid List

Важен ли е секој искажан збор... ?

„Зборот го разликува човекот од сите останати живи суштества на земјата. Кај светите Отци човекот често се нарекува „словесно суштество“. 

Со збор тој општи со Бога, во неговиот збор има големо достоинство и предност пред другите суштества.

Но, излегува дека животното стои повисоко од човекот зашто не лаже, а ние лажеме. 

Господ ни дал збор – ние сме го искривиле.

Господ ни го дал зборот за молитва, за општење еден со друг, зборот, како меч против сатаната, а ние го свртуваме против себе самите.

Знајте, ниеден наш збор не исчезнува, туку останува. (...) Секоја лага, секој лажлив и лицемерен збор не исчезнува во воздухот, без трага, како што ни се чини, туку зборовите се зачувуваат како во некој невидлив склад или ризница, во тоа страшно царство на злото.

И нашите гревови, нашата лага, собирајќи се, се претвора во некоја уривачка сатанска сила и енергија, која потоа се пројавува на земјата во вид на страшни катастрофи и искушенија, а ние не знаеме од каде сето тоа.

Затоа, запомнете, браќа и сестри, дека е големо значењето на човечкиот збор. 

Преку зборот човекот може да го подигне својот ум над земјата, преку зборот тој може во молитвата да Му се приближи на Бога, но преку збор може да му служи на демонот...

Архимандрит Рафаил (Карелин)

 

„Ако му се покориме на својот ум, пред сѐ, во него забележуваме бегање од една мисла во друга, и тоа во секое време и на секое место: во домот, во храмот, на работа, за време на читањето и разговорите. Епископот Теофан вели: „Тоа обично го нарекуваат мислење, а всушност станува збор за умствено растројство или расејаност и отсуство на сосредоточено внимание. Дали некогаш сте го набљудувале животот на срцето? Обидете се да го направите тоа, барем на кратко. И внимавајте на тоа што се случува таму. Доаѓа непријатност – вие сте се разлутиле; ви се случува несреќа – вие сте тажни; пред вас застанува непријател – во вас се разгорува омраза; гледате некој рамен на себе на повисока положба – вие почнувате да му завидувате; ќе помислите на своите способности и добродетели – и ќе се возгордеете. А сето тоа е себеугодување, славољубие, сладострастие, мрзливост, омраза – едно по друго го валкаат срцето! И тоа само за неколку минути. Еден подвижник, кој внимавал на себе, имал право кога кажал дека човечкото срце го гледал исполнето со отровни змии, односно со страсти. Спротивно на тоа, срцето на светите луѓе е ослободено од страстите“. - Свети Јован Шангајски и Сан-Франциски

Некој човек го напуштил светот и луѓето, па отишол во пустината со цел да биде сам и да му се посвети на Бога. Таму ги немал луѓето околу себе и не можел да греши на дело, но по еден месец ја напуштил самотијата и се вратил во светот. Кога го прашале што правел во тој месец кога бил сам во пустината, тој одговорил:

 

„Убивав, крадев, лажев, напаѓав луѓе, се фалев, прељубодејствував, палев куќи и правев многу други безаконија“.

 

Како си го правел тоа кога си бил сам во пустина?

 

„Да, така е. Во пустината бев сам телесно, но со душата и со срцето бев постојано меѓу луѓето и се она што не можев да го правам со раце и со нозе, со очи и со јазик или со телото свое, го правев со срцето мое и со душата, со моите лоши мисли и желби“.

 

Телото е само извршен орган на душата, а таа му наредува што да изврши. Затоа, ако душата е затруена со зло, таа зло ќе бара и од телото. 

Главна задача на христијаните е да си ја очистуваат својата душа од секоја внатрешна нечистотија, завист, лоши мисли и желби. Бог од нас бара да го чуваме нашето срце чисто, да ги контролираме нашите чувства, желби и мисли, навреме да го сечеме секој корен на гревовните дела, да бидеме задоволни од тоа како не создал Бог.

 

,,Ние имаме право да се осудуваме само себеси. Дури и кога размислуваме за некој друг, ние, несакајќи го осудуваме ...“ - Свети Серафим Вирицки

 

,,Човекот, кој е способен да биде христијанин љубејќи ги оние кои не го љубат него, тој е способен и во нешто друго да биде христијанин - имено, да ги носи раните Исусови, невино да страда ...“ - Свети Јован Шангајски

 

,,Сета цел на заповедите на Спасителот е да го ослободи умот ( на човекот) од невоздржување и омраза“ - Свети Максим Исповедник

 

„Сакајте ги непријателите ваши! Навистина е тешко. Болно е. Но, моралната убавина Христова нe' привлекува до тој степен, што сме подготвени да ги претрпиме сите искушенија, со цел да се возвишиме низ Неговиот Дух. Друг избор не постои! “

Старец Софрониј

 

„Преку љубовта се сораспнуваме со Христос, а со егоизмот Го распнуваме Него, стануваме непријатели на Христовиот крст.“ - Старец Георгиј Капсанис

 

,,...Средбата со Господ Христос, секогаш била најважно случување за секој човек, независно од тоа дали тој ќе тргне по Господ Христос, или, против - Господ Христос...“ - Отец Јустин Поповиќ

 

,,Поправи се себеси и ќе станеш животен пример. Многу повеќе се кажува со животот отколку со зборовите.’’- Отец Тадеј

 

 

,,Не го прави она што те оддалечува од Христос!" - св. Нектариј Егински

 

„Вашето прво движење, штом ќе се разбудите, нека биде крсниот знак, а вашите први зборови – зборовите од Исусовата молитва.

Кога можете, кажувајте ја Исусовата молитва со бројаница, а кога сте зафатени со некоја работа, без неа.

Кога ќе ве нападнат помисли, не им се спротиставувајте сами, туку фрлете кон нив со камен.

А каменот е Христовото име, Исусовата молитва...

Отстранувањето на помислите не е во ваша моќ, но да не се прифаќаат – е: отстрани ги со Исусовото име!

Ако молитвата понекогаш е невнимателна, расеана, не треба да се паѓа со духот.

За време на молитвата нашите усти се осветуваат со името на Господ Исус Христос. Постојано бидете со Исусовата молитва:

„Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме грешниот“.

Исусовото име ги отфрла сите демонски напади. Тие не можат да ја победат силата на Христовото име.

Зашто и како се случува тоа, ние не знаеме, само знаеме дека тоа е така."

- Преподобен Варсануфиј Оптински

 

,,На земјината топка може да имаме сè што ќе посакаме, а да немаме мир и радост.

А мирот доаѓа од изворот на мир, од Господа. Кога Господ им се обратил на своите ученици, кога тие ја затвориле вратата од страв од Јудејците, прво што им рекол било:

Мир вам.

Господ ќе ве награди со мир, ако се помирите и свртите кон Апсолутното Добро, а Апсолутното Добро е Господ Бог.

Тој сака ние да имаме една божествена особина – смирението е таа божествена особина. 

Каде што смирението царува, без разлика дали во семејството, или во општеството, тоа од себе лачи мир и радост.

Секое добро и зло доаѓа од мислата, бидејќи ние сме мисловен апарат. Влијаеме дури и на растителниот свет, бидејќи и растителниот свет има нервен систем. Сите очекуваат мир, утеха и љубов.

Покајанието е промена на животот.

Ако ние се свртиме кон изворот на животот, Господ ќе ни даде сила да утврдиме во себе мисли полни со добрина, зашто добрите мисли, добрите желби, даваат мир и утеха насекаде. Мораме да се промениме.

А нашите мисли влијаат не само нас, туку на сè што нè опкружува.

Мораме да упатуваме добри мисли. Господ заповеда да ги љубиме своите непријатели, не поради нив, туку поради нас самите.

Треба да простиме сè од срце. Кога ќе се прости сè од срце, сè е простено.

Ние сме соучесници на мирот, тогаш мирот прави радост и утеха на сите околу нас.

Сите ги чувствуваат нашите мисли мирни, тивки.

...

Мораме сè да простиме од срце. Внатрешниот мир не може да се задржи, доколку нашата совест нешто изобличува.

Мораме да ја смириме совеста.

Треба на сите да им простиме од срце. Без тоа нема внатрешен мир.

Господ секогаш чека да се поправиме, сите да ги љубиме бидејќи сите ни се род во Господ, сите вери, сите нации, сите бои на кожа, баш сите човечки битија.“

Старец Тадеј

 

„Љубовта кон ближниот е Божја љубов. Имено, Божјата љубов, бидејќи е бескрајна, неограничена од природата, затоа и се шири и сѐ покрива. Оној кој не го сака својот ближен ја нема неограничената љубов, односно, според тоа, нема љубов достојна за Бога. Оној кој го сака својот ближен, Го сака и Бог. Таков, исполнувајќи ја својата љубов, ги кине ланците на самољубието и себељубието, и како таков може да има бескрајна љубов, љубов достојна за Бога. Себељубието е една брана за љубовта, која ограничува на љубов само кон себе. Значи, за таквиот невозможно е да Го засака Бог, ако не го засака својот брат. Оној кој Го љуби Бога, не може да не го сака својот ближен, затоа што Бог престојува во срцето на оној кој љуби. Божјата благодат, која живее во човекот, го разбива обрачот на себељубието и самољубието, и ослободува љубов, која се шири насекаде. Следствено, недостатокот на љубов кон ближниот, претставува недостаток на љубов кон Бога. Така, лаже оној кој вели дека Го љуби Бог, а го мрази својот брат. Значи, пристапувајќи кон причестувањето со Светите Тајни, мораме да имаме, покрај страв од Бога и вера во светињата, и љубов кон ближниот. Во спротивно, неразумно јадејќи и пиејќи, ја јадеме и пиеме својата осуда, несфаќајќи дека тоа се Телото и Крвта Христови. “

Свети Нектариј Егински

 

,,Кога стравот Божји ќе продре во срцето, сите наши гревови стануваат видливи. Кога во твојата душа ќе се роди вистинско покајание на срцето, кога ќе те опфатат вистинското смирение и внатрешна потресеност на духот, нема да биде потребно да користиш многу зборови. Во внатрешна собраност , обрнат со целото внимание на својата тешка состојба, ти ќе вапиш пред Господ : Господи Исусе Христе, помилуј ме ...“ - Свети Тихон Вороњешки

Пристапувај на секој човек како на икона Божја. Не грижи се што е извалкана и помрачена, сепак е икона Божја. Тоа е она што треба да се љуби во секој човек, што треба да се бара во секој човек, од што треба да се почне во секој човек. Почни не од гревот во човекот туку од доброто во него, од иконата Божја во него.

 

-Свети Јустин Ќелиски

 

Верувај во Господа и љуби Го! Чувај се себеси од нечистите помисли и телесните задоволства, како што е напишано ,,не претоварувај го стомакот’’. Избегнувај ја суетата, непрестано моли се, читај ги Псалмите пред и после спиење, изучувај ги напамет заповедите кои ти се дадени во Светото Писмо, држи ги на ум примерите на светителите за да душата твоја памтејќи ги заповедите може да се угледа на нивната ревност. Посебно гледај да го исполниш апостолскиот совет: ,,сонцето да не зајде во гневот ваш’’ (Ефесјаните 4:26). Сметај дека ова е кажано за секоја заповед, т.е. да се трудиме заоѓањето на сонцето да не не’ затекне не само во гнев туку ни во било каков друг грев. Зашто е добро и неопходно за нас да не не’ осуди ни сонцето за дневните прегрешенија, ни месечината за ноќните прегрешенија, дури ни за лошите помисли.

 

-Св. Антониј Велики (Од Добротољубие)

 

Пред секој гревовен пад, демоните ги праќаат кај човекот следните страсти: 

голема заборавеност, суров грев, односно, нечовечка и ѕверска злоба, и заслепеност, како непроѕирна темнина. 

 

Тие три страсти му претходат на секој грев, бидејќи човекот претходно не сака да направи ниту еден грев, ако пред тоа не биде расположен за секакво зло или заборав, или гнев, или заслепеност. 

 

Од нив произлегува духовната нечувствителност, односно, умот-окото-душата тогаш стануваат заробени од сите страсти.

 

Пред сѐ се раѓа маловерие.

 

Маловерието раѓа самољубие – почеток и крај, корен и родоначалник на секое зло. 

Тоа е бесмислена љубов кон телото, кога некој секогаш и во сите работи за себе одбира само корист. 

 

Тој зол корен на страстите се искоренува со љубов и милосрдие и одрекување од сопствената волја.

 

Самољубието го раѓа немилосрдието и среброљубието – ненаситна утроба, исто така, корен и причина за секое зло. Од овие две – самољубието и среброљубието, на секое место се случуваат несреќи и сурови злодела.

 

Како кај мирјаните, така и кај монасите, среброљубието раѓа гордост, заради која демоните отпаднале од светата слава и биле исфрлени од небесата.

 

Гордоста раѓа славољубие, со кое Адам паднал во прелест, посакувајќи да биде Бог, и со тоа предизвикал страдање и клетва за целиот човечки род.

 

Славољубието раѓа сластољубие, преку кое Адам паднал и бил протеран од Рајот.

 

Славољубието раѓа стомакоугодување и различни блудни дела.

 

Блудот раѓа гнев. Тој ја гаси срдечната топлина и е погубен за секоја добродетел.

 

Гневот го раѓа злопамтењето. Тоа е ладење на топлината на духот.

 

Злопамтењето раѓа темна и злобна хула над својот брат.

 

Хулењето раѓа неблаговремена тага, покрај рѓата, која го изгризува човекот.

 

Тагата раѓа безумно избрзување.

 

Избрзувањето раѓа суета, која им се спротивставува на добродетелите и заради која напорите остануваат без награда.

 

Суетата раѓа невоздржано многусловие, зборливост.

 

Зборливоста раѓа празнословие и душевна здодевност.

 

Душевната здодевност раѓа лош сон.

 

Ако некој ги победи овие страсти, ќе му се покорат и другите, како: стравот, ужасот, зависноста, омразата, лицемерието, ласкањето, роптањето, безбожништвото, лихварството, пристрасноста, љубовта кон предметите, малодушноста, умисленоста, човекоугодувањето, дрскоста, смејата, целосниот пад и погибел преку очајот, заради кој човекот се самоубива, без познание на Божјото човекољубие и милост, дека Тој дошол да ги спаси грешниците, и дека на земјата не постои грев, за кој нема простување.

 

Преку следните страсти: самољубие, среброљубие, гордост со суета, злопамтење, осудување, умисленост, доаѓа до очајание, кое е крај на сите страсти.

 

Ако некој не внимава на себе и не ги отфрла овие страсти, тој ќе ги уништи следните десет добродетели: верата, љубовта, постот, воздржувањето, бдението, молитвата, смирението со смиреномудрието, безмолвието со молчењето, нестекнувањето и расудувањето, и заедно ќе ги повреди сите останати добродетели.

 

Ако некој има една од оние главни страсти, таквиот човек никако нема да успее, и иако се подвизува против другите страсти, правејќи некоја добрина, па дури и ако пролее крв заради Христа; и молитвата на таквиот човек Му е непријатна на Бога.

 

Господ Бог да нѐ избави со Својата благодат од сите пороци и страсти до крајот на векот.

 

Амин!

 

 

Преподобен Паисиј Величковски 

Кога грешните дела ќе престанат, борбата се преместува внатре, во срцето... 

Тука се главни помислите, по помислите се довлекуваат сочувствата, по овие – желбите; по желбите доаѓа: приклонување на делото, соглласност и одлука... 

Со овие последните се остварува внатрешниот грев. Не се сите споменати внатрешни движења грешни. Грешноста почнува таму каде што се забележува согласување. Помислите не се грешни, ако човекот сам не ги поттикнува и ако не ги задржува со својата волја кога ќе се појават. Тука постои гревовна нечистотија. Но кога при тоа ќе се присоединат сочувството и насладувањето, како и похотната сласт која не се одбива туку задржува, тоа е веќе половина внатрешен грев: ако пак сам ја задржува и распалува таа сласт, тогаш целата душа е веќе во блудна состојба. А прав внатрешен грев, е приклонување, согласност и одлука.

 

Св. Теофан Затворник

 

Бог е љубов и тие кои се нарекуваат Негови ученици ќе се познаат по Љубовтта која ја имаат помеѓу себе.

Православниот верник треба да биде радосен, да го сака Бог и сите луѓе, а не да биде страдалник кој воздивнува од мака и го мрази целиот свет.

Единствена животна вредност е семејството. Кога ќе пропадне семејството ќе пропадне се, и свештенството и монаштвото, ќе пропадне светот.

Бескрајни се маките и тешкотиите на светот. Едно сеопшто распаѓање на цели семејства.Повеќето од домовите се полни со несреќа, неизвесност и напнатост. Само во семејствата во кои се живее по Бога, луѓето живеат добро.

Кој го нема Бога во себе, тој се труди, по некој пеколен нагон да го изкорени Бога од душата на оној кој го има Бога. Грижете се да го имате Бога за пријател и не плашете се од ништо.

Се додека во луѓето душата е жива и јака, дотогаш ништо не е изгубено и ништо не е мртво што е со прашина посипано.

Без Бога може да се има и наука и култура и пари, но мир душевен никогаш не може да се има без Бога. Држете се кон добрината. Злобата повеќе чини отколку добрината. Поштено однесувајте се, па надевајте се на добро и живејте во мир. Кога душата ќе го види Господ, колку е кроток и смирен, тогаш и самата се смирува до крај, и ништо така не сака колку спасението Христово. Колку душата и да живее на земјата, таа секогаш ќе го сака и ќе го бара недостижното смирение, кое не може да го заборави. Како што печката не може да биде топла без оган, така ни човекот кој го нема во себе Бога, не може да има во себе Љубов спрема ближните. Сакај го Единиот Бог, и ќе ги засакаш сите деца Божји! Учи се со трпение да ги поднесуваш туѓите недостатоци и слабости, било какви и да бидат, со тоа што и во самиот тебе има многу недостатоци кои другите морат да ги поднесуваат. 

Не прави му никому зло и на никој не мисли му зло во срцето свое. Тој што не прави ништо лошо, тој нема од што да се плаши. Злобата самата на себе си наштетува.

Смирението е залог во срцето, свето својство, Божествена навика, која на неприметен начин се раѓа во срцето, од исполнување на Евангелските заповеди. Да се научиме на Христовото смирение, бидејки тоа е големо богатство, со кое лесно и радосно се живее и се станува мило во срцето. Господ со Духот Свети се јавува само на смирените. Ако не се смириме, нема да го видеме Бога. Да се сакаат ближните и да им правиме добро, неопходно е, не само поради Божјите заповеди, туку и поради тоа што во таа Љубов кога помагаме на ближните во добро се содржи и зависи и нашата сопствена среќа и добро. Сакај го Бога повеќе од се и од секој. После Бога сакај го ближниот свој. Наградата што за тоа ќе ја добиеш на земјата, ќе биде залог на вечното блаженство на небото.

Верата е смирение, да се верува значи да се пребива во смирение и благост. Каде нема смирение, таму нема ни христијански добродетели. Каде што има вистинско смирение, таму е Христос. Каде што нема смирение, таму се страстите, гревовите и ѓаволот. 

О,човеку, сроднику на земјата и пепелта и недостојно создание. Денес си богат, утре си сиромав, денес си здрав, утре болен, денес си весел, утре тажен, денес во слава, утре во понижение, денес млад, утре стар, денес на престолот, утре во гробот. Не гордеј се, туку заузди ја гордоста своја. 

Слегувам длабоко во срцето свое да видам кој во него престојува, освен мене и Тебе, Вечни Боже. И со страв наоѓам многубројни странци како се борат околу поделбата на срцето мое. Најдов во моето срце колку човечки, толку и нечовечки души. Како што е Бог Дух, така и сета вистина мора да биде духовна, бидејки Бог и вистината се едно исто. Бог е вечна и неприкосновена вистина. Господ ја победи смртта и ни даде вечен живот. Ни даде сила, храброст и мудрост. Она што на луѓето им изгледа како понижување, во очите Господови, често претставува слава и лугето добиваат венец од него. Секоја мака која ја поднесуваме поради Бога, колку и да е мала, поголема е од секое добро дело, кое бива без мака!

Од Светите Отци 

Старец Пајсиј Светогорец

Свети Силуан Атонски

Свети Николај Велимировиќ

 

„...Секое утро почнуваме од почеток. Ние одлучуваме дека од сега, па натаму, нема да им подлегнуваме на нашите страсти. Во ред. Но, со ова страстите ниту се воопштени, ниту избркани и нема да нѐ напуштат кога ќе им го заповедаме тоа. За да нѐ остават, ние мораме да водиме страшна борба. Тоа може да се постигне тогаш кога Божјата благодат ќе победи, а не човекот. Страстите се надвор од нашата човечка природа. Не можеме да ги дофатиме, ниту можеме да ги контролираме. Само благодатта може да ги протера и да ги привлече добродетелите. Кога? Тогаш кога ќе покажеме упорност.

Кога ќе одлучиме и сакаме да бидеме спасени, ние се бориме за да се ослободиме од нашите страсти и вистински сакаме благодатта на Светиот Дух да живее во нас и да ни покаже што да правиме. Нашиот Исус рекол: „Барајте го најнапред небесното Царство, а сето останато ќе ви биде дадено“. Ако одиме по правиот пат ќе постигнеме повеќе отколку што мислиме. Значи, мора да истраеме, дури и ако сме пробале илјада пати и не ни успеало. Не треба да мислите дека нешто не е како што треба. Ниту ние сме ги смениле нашите намери, ниту Бог се променил, а очигледно нити ѓаволот. Зборовите „барајте и ќе ви се даде“ се генијални. Ако сме прашале, ќе ни се одговори; ако сме барале, ќе најдеме; ако сме тропнале, ќе ни биде отворено. Дали е можно Сонцето да не изгрее од исток? Дали е можно, за нас слабите, да не паднеме?“ 

.

Старец Јосиф Ватопедски+

 

Човекот, воден од плотското мудрување, никако не може правилно да суди ниту за својата внатрешна состојба, ниту за состојбата на ближниот.

Телесното мудрување во ближниот гледа такви гревови, какви што во него воопшто и нема. 

Никој умен нема да оспори дека омразата и злопамтењето раѓаат озборување. Озборувањето е рожба на омразата. Тоа е тенка но крупна болест, скриена и пакосна пијавица, која ја цица и ослабува крвта на љубовта. Озборувањето е лицемерие на љубовта, причинител за осквернување и оптоварување на совеста, уништување на чистотата.

Некои девојки грешат јавно и без срам, а други потајно и со повеќе срам прават уште полоши работи од првите. Такво нешто може да се види и кај срамните страсти. Има многу тајно, внатрешно расипани страсти – лицемерие, лукавство, грешна тага, злопамтење, озборување во срцето... видливо тие се едно, но одвнатре гледаат на друго.

Кога во една прилика слушав едни луѓе како озборуваат, јас им се заканив, а тие во своја одбрана наведуваа дека тоа го прават од љубов и грижа за оној што беше тема на озборувањето. Јас им реков: “Оној што тајно го клевети ближниот свој, ќе го погубам” (Псалми 100, 5). Ако навистина го љубиш ближниот свој, како што велиш, тогаш помоли се тајно, а не да го исмејуваш човекот. Тоа е начин што му е угоден на Господа. А и ова нека не ти остане непознато, па ќе внимаваш да не ги осудуваш луѓето кои ќе се сопнат: додека Јуда беше ученик Христов, разбојникот припаѓаше на убијците, и ете чудо, како во него се случи таква промена!

Кој сака да го победи духот на озборувањето, вината нека не ја припишува на оној што паднал, туку на демонот кој што го соборил. Бидејќи никој, баш особено не сака да греши против Бога, иако никој од нас не греши принудно.

Еден од најкратките патишта да се добие прошка за гревовите е да не осудуваме. “Не судете и нема да ви се суди” (Лука 6, 7).

Ако е точно (а точно е) дека нам ќе ни се суди со истиот суд со кој ние судиме (Матеј 7, 2), тогаш секако ќе паднеме токму во оние телесни или душевни гревови, за кои ги обвинуваме ближните.

Да судиш значи бесрамно да го присвоиш Божјото право, а да осудуваш значи да си ја упропастиш својата душа.

Добриот градинар собира само зрели јагоди. Умниот ги забележува само доблестите и само за нив зборува. А безумниот ги пронаоѓа само грешките и недостатоците. 

Немој да осудуваш дури ни тогаш кога со свои очи ќе видиш дека некој греши. Често и очите лажат.

Свети Игнатиј Брјанчанинов

 

 

Спасителот Христос Го следиме ако Го љубиме и ги исполнуваме Неговите заповеди. Ова и самиот Спасител ни го кажува: „Ако Мене Ме сакате, ќе ги исполнувате Моите заповеди“ (Јован 14, 15). И повторно: „А кој Мене Ме љуби, ќе ги исполнува Моите зборови“. А евангелистот вели: „И по тоа ќе знаеме дека сме Го познале, ако ги исполнуваме Неговите заповеди. Кој вели: Го познавам, а не ги исполнува Неговите заповеди, лажго е и во него нема вистина. А кој ги исполнува, во него љубовта кон Бога достигнала совршенство. По тоа знаеме дека сме во Него. Кој вели дека стои во Него, должен е и самиот да живее онака како што Тој живееше“ (1 Јован 2, 3-6).

Од ова гледаме дека Христос Го следиме поистиветувајќи ја својата волја со Божјата. Што и да правиме, во нас да делува Неговата волја, како ние повеќе да не живееме, туку Христос да живее во нас: „Така, не живеам повеќе јас, туку Христос живее во мене“ (Гал. 2, 20); „Никој од нас не живее самиот за себе и никој од нас не умира за себе. Зашто ако живееме, во Господ живееме, ако пак умираме, во Господ умираме. Спред тоа, живееме ли, умираме ли – Господови сме“ (Рим. 14, 7-8). Ова следење е вистинското, и само тоа нѐ чува слободни. Тоа им доликува на словесните и етички слободни созданија. Значи, потребно е нашиот дух да Го следи Господовиот, нашето срце да Му се предаде, а нашата волја да се поистовети со Господовата. Така ние стануваме Негови следбеници и чекориме без сопнувања на патот кон Вистината, останувајќи етички слободни. Само на овој начин се одрекуваме од себе. Затоа што нема поголемо самоодрекување од потчинувањето на волјата на плотта на волјата на духот, бидејќи тоа е вистинско распнување на телото, кое е слабо и на најмалото раздвижување на првата волја. При самодрекувањето плотаа трпи маки. Вакво следење бара од нас Спасителот, и преку вакво самоодрекување ние стануваме слободни. Секое друго следење е измама. Се лажат оние што мислат дека се христијани, односно Христови следбеници, затоа што го носат Неговото име, ги слушаат Неговите заповеди, ги знаат напамет, а никако да се сообразат со Божјата волја, да се одречат од гревот, и не ни размислуваат за тоа да се украсат со христијанските добродетели; тие се заробеници на страстите и желбите, и бидејќи се под ропство на гревот, го валкаат својот живот со неговата нечистотија. Во нивниот живот, во нивните дела и постигнувања, на нивните усни и во нивните срца, во умот и желбите намаат ништо христијанско. Сѐ им е безбожно, туѓо на христијанскиот дух. Св. Јован Златоуст нѐ поучува: „Не му се од полза правилните учења, ако не внимава на својот живот“. А апостолот вели: „Кај Бога не се праведни оние што го слушаат законот, туку оние што ќе го исполнат“. Исто така, и Божјиот брат Јаков вели: „Бидете исполнители на зборовите, а не само слушатели, кои себеси се лажат. Затоа што ако само слуша а не исполнува, тој е како човек кој го гледа лицето на своето тело во огледало, бидејќи ќе се види, и ќе замине, заборавајќи каков бил. А кој ќе проникне во совршениот закон на слободата и во него ќе остане, и нема да биде слушател, туку исполнител, тој ќе биде блажен во своето дело. А кој мисли дека е побожен, а не го зауздува својот јазик, туку го лаже своето срце, неговата побожност не вреди ништо. Ова е чиста и непорочна побожност пред Бог Отецот: помагање на сиримашните и вдовиците во нивите неволји и останување чист од светот“ (Јаков 1, 22-27).

Според тоа, знаењето, односно познавањето на Законот и неговото исполнување, тоа е следење на Христос, тоа е христијанство, тоа е законот на слободата. Знаењето без добродетелен и христијански живот не вреди ништо.

Свети Нектариј Егински Од Преданието на светите Отци

 

Тоа е едно од основните Божји својства – да гледа сè што постои, што постоело и што ќе постои во иднина и поседува семоќна грижа за зачувување на созданието и разумно управување со настаните кои таа ги остварува.

Свети Јован Дамаскин за ова го вели следново: Промислата е Божја волја, која содржи сè и со сè разумно управува.

Она што нам ни се чини случајно, всушност се случува по Божја волја

Доколку разгледуваме било какви настани и појави, не проникнувајќи до нивните причини и последици, тогаш многу нешта ни се чинат случајни.

Доколку гледаме на нив од витинската гледна точка, односно доколку судиме за појавите по Божја Промисла, ќе видиме дека во светот нема ништо случајно, што се случува без Божја волја и Промисла.

Божјата Промисла (Божјата грижа) е безгранична и опфаќа се што можеме да замислиме. Семоќниот Бог во еден миг продира и ги гледа сите места: висината на небото и ширината на земјата, длабочината на морето и незнајните места во подземјето.

Во сите дела на Божјото управување прекрасно свети Неговата Промисла и грижа, која не само што се остварува на својата творба, туку ì е својствена нејзе и пребива во неа.

Ние слепите, мислиме дека многу работи се случуваат по слепа случајност, тогаш кога сè без исклучок се случува според предвечната Божја Промисла и Неговата добра волја.

Августин точно рекол:

Сè она што несфаќајќи сметаме дека се случува случајно, неразумно и без било каква Божја Промисла, всушност се случува по Божјо уредување.

Да го објасниме тоа преку следниот пример: Сопственикот ги праќа двајцата слуги на едно исто место, ама по различни патишта, не кажувајќи му за тоа ни на едниот ни на другиот.

Нивната средба на тоа место е СЛУЧАЈНА во однос на нив самите, тие не знаеле дека ќе се сретнат, но не е случајна во однос на нивниот сопственик.

Така сиромавиот пронаоѓа закопано богатство случајно, но за Бог, кој сакал богатството да биде таму закопано, за да може сиромавиот да го пронајде и да се збогати – тоа веќе не е случајност, туку Божја, татковска Промисла, со која се збогатува сиромавиот.

Кај Бог нема случајност. Често се залажуваме нарекувајќи го случајно она, во кое се открива највозвишената Божја Премудрост и Промисла....

....

- Непрестајното Божјо промислување за секого од нас -

Често пати Бог, мудро промислувајќи за нас, нè води по макотрпни, едвај проодни, животни патишта, но Он добро знае по кои патишта нè води во Своите рајски градини.

Зошто да насочуваме тажни пискоти против најмудриот и многу сигурен Патеводител во нашиот живот?

Зошто, доколку одиме по патот што Бог ни го одредил, да велиме: „Каде нè водиш?

Изгледа одамна сме застраниле од вистинскиот пат“.

– „Не тагувај, пријателе мој! – таинствено ни говори Бог: Само верувај Ми. Ќе те однесам среќно и нема да зажалиш кога ќе го завршиш патувањето“.

Така секој од нас го следи Божјата Промисла на животниот пат од денот на раѓање до денот на влегување во вечен живот, само доколку останеме верни на Божјото раководство, на кое нам нашиот Спасител ни укажа во Своето Свето Евангелие....“

Свети Јован Тобољски

 

„Негневливоста е копнеж по понижувања, исто онака ненаситен како што кај суетните луѓе е ненаситно тежнеењето кон пофалбите.

Негневливоста е пораз на природата, што се изразува во нечувствителноста за навреди, нечувствителност што произлегува од големи подвизи и изобилна пот.

Кротоста е неподвижна состојба на душата којашто не се менува, без разлика дали трпи понижувања или слуша пофалби.

Почеток на негневливоста е молчењето на усните кога срцето е возбудено.

Средина е молчење на мислите при суптилна вознемиреност на душата.

А врв, непоколебливиот мир и покрај тоа што дуваат нечисти ветрови.

Гневот е израз на потајна омраза, т.е. злопамтење. Гневот е желба да му се случи зло на оној што нè разгневил.

Избувливоста е запалување на срцето во невреме.

Огорченоста е непријатно чувство што се гнезди во душата.

Гневот е променлива состојба и грдотија на душата.

...

Првиот степен на блажената трпеливост е во тоа понижувањето да се поднесе, макар и со болка и горчина во душата.

Средина е да се биде во такви околности без тага.

А крај (ако воопшто има крај), навредата да се смета за пофалба.

Првиот нека се радува, вториот нека биде среќен, а третиот нека се весели блажен во Господа!“

 

Св. Јован Лествичник

 
 

Временска прогноза

Skopje Macedonia Partly Cloudy (day), 8 °C
Current Conditions
Sunrise: 6:24 am   |   Sunset: 6:27 pm
80%     1.8 m/s     32.983 bar
Forecast
Нед Low: 7 °C High: 22 °C
Пон Low: 11 °C High: 19 °C
Вто Low: 8 °C High: 21 °C
Сре Low: 9 °C High: 22 °C
Чет Low: 10 °C High: 20 °C
Пет Low: 9 °C High: 18 °C
Саб Low: 5 °C High: 18 °C
Нед Low: 5 °C High: 19 °C
Пон Low: 7 °C High: 21 °C
Вто Low: 7 °C High: 20 °C

Top Stories

Grid List

Десетте Божји заповеди (или како уште се нарекуваат ,,Декалогот’’) се запишани во Стариот Завет, во книгата наречена ,,Излез’’ односно ,,Втора Мојсеева’’ која датира од 15тиот век пред Христа. Десетте заповеди им беа дадени на Израелците непосредно после Егзодусот, односно Излезот, од Египет под водството на Мојсеј. Заповедите имаа улога да бидат основен регулатор на општествениот живот. Декалогот е основа на модерната цивилизација. Неговите заповеди и принципи се содржани во голем дел од декларациите за човекови права, во уставите и законите на речиси сите држави низ светот.

 

Сепак, веројатно е дека многумина од нас не ги знаат Десетте Божји заповеди. Тоа е поразителен факт со оглед на тоа дека Божјите заповеди се основата на христијанската вера.

 

,,Тогаш Господ Бог ги кажа сите овие зборови кон Мојсеја, велејќи:

1. Јас сум Господ, Бог твој, Кој те изведе од земјата Египетска, од домот на ропството. Немој да имаш други богови освен Мене!

2. Не прави за себе идол, ниту каква слика на она, што е горе на небото, што е долу на земјата и што е во водата под земјата; немој да им се клањаш, ниту да им служиш, оти Јас сум Господ, Бог твој; Бог ревнител, Кој за гревовите на татковците ги казнуваа децата до третото и четвртото колено, оние, кои Ме мразат; Кој покажува милост на илјадници, кои Ме сакаат и ги пазат заповедите Мои.

3. Не изговарај го напразно името на Господа, твојот Бог, бидејќи Господ нема да го остави неказнет оној, кој напразно ќе го изговори името Негово.

4. Помни го денот саботен, за да го празнуваш. Шест дена работи, и сврши ги во нив сите работи свои; а седмиот ден е сабота Господова, на твојот Бог; тогаш немој да вршиш никаква работа, ни ти, ни синот твој, ни ќерката твоја, ни слугата твој, ни слугинката твоја, ни волот твој, ни ослето твое, ниту придојдениот, кој се наоѓа кај тебе оти за шест дена ги создаде Господ небото и замјата, морето и се’ што е во нив; а во седмиот ден си отпочина: заради тоа Господ го благослови седмиот ден и го освети.

5. Почитувај ги таткото свој и мајката своја, за да ти биде добро и да поживааш подолго на земјата, што ти ја дава Господ, твојот Бог.

6. Не убивај!

7. Не врши прељуба!

8. Не кради!

9. Не сведочи лажно против својот ближен!

10. Не пожелувај ја жената на ближниот свој, не пожелувај го домот на ближниот свој, ниту нивата негова, ни слугата негов, ни слугинката негова, ни волот негов, ни ослето негово, ни секаков добиток, ниту нешто друго, кое е на ближниот твој!”

 

А сега кога ги знаеме, благословени ќе бидеме ако ги исполнуваме.

Молитва за отворање на умот

Господи Исусе Христе, Учителе на мудроста, Ти се молам, отвори ми ги очите на моето срце, за да ги слушам и разбирам Твоите зборови, та да ја исполнувам Твојата волја, којашто е откриена за наш грешните и неразумни луѓе.

Господи Боже, спасителу мој, бидејќи си дошол на земјата да ги побараш и да ги спасиш паднатите, не сокривај ги од мене Своите заповеди, зашто јас пропаѓам во темнината на незнаењето на законот Твој; но, отвори ми ги очите на умот за да можам да ги разберам чудесата на Твоето учење; кажи ми ги непознатите тајни на мудроста Твоја. На Тебе се надевам, со светлината на своето знаење да го просветиш мојот ум и разум, та не само да го читам напишаното, туку и да го извршувам. Ти се молам, солзи се преколнувам и извикувам:

Господи, проссвети ме, научи ме и вразуми ме за светиот Твој збор и житијата на Твоите светители да ги читам не за грев, а за обновување и просветување, за осветување и спасение на душата моја и за наследување на животот вечен. Амин!

 

Молитва на свети Филарет, московскиот митрополит и чудотворец

Господи, не знам што да побарам од Тебе. Само Ти знаеш што ми е потребно, и Ти повеќе ме сакаш отколку што сам знам и умеам да се сакам себеси. Оче, дај му го на Твојот слуга она што и сам не умее да го побара. Не се осмелувам да барам ни Крст ни утеха, а само стојам пред Тебе и срцето мое е отворено за Тебе. Ти ги согледуваш потребите што јас не ги знам, па затоа гледај и постапи со мене според твојата милост. Порази, но и излечи; собори, но и подигни. Ништожен и нем сум пред Твојата света волја и недостижните, за мене, Твои судови.

Себеси се принесувам жртва за Тебе и Ти се предавам. Немам друга желба, освен таа - целосно да ја исполнувам волјата Твоја. Научиме да се молам. Самиот Ти, моли се во мене Господи. Амин!

 

Секојдневна молитва на Оптинските старци

Господи, дај ми мирно да го примам сè она што ќе ми го донесе денешниов ден, како и тоа потполно да се предадам на Твојата света волја. Упатувај ме и помагај ми секој ден во текот на овој ден: какви вести и да чујам, научи ме мирно да ги примам и со цврсто уверување дека сè станува по Твојата света волја. Управувај со моите мисли и чувства во сите мои дела и зборови. Не позволи во сите непредвидени случаи да заборавам дека сè доаѓа од Тебе. Научи ме правилно да се однесувам спрема своите родители и спрема ближните - никого да не налутам, ниту да ожалостам.

Господи, дај ми сила да го поднесам заморот на денешниов ден, како и сè она што ќе се случи во текот на денов. Ти управувај со мојата волја, и научи ме да се молам, да верувам, да се надевам, да истрпувам и да љубам. Амин!

 

Молитва на покајникот од свети Симеон Богослов

Господи, Ти сè гледаш и нема нешто што не гледаш. Иако сум дело на Твоите раце, сепак не правев дела според заповедите Твои, туку поради големото мое безумство, вршев секакви зла, не помислувајќи дека Ти, Создателу мој и Божем колку Си добар, толку Си и Правичен. А сега, сеќавајќи се на тоа, ма опфаќа страв и не знам што да правам. Ја чувствувам Твојата осуда и не наоѓам зборови во устата моја за оправдување. Немам никакви добродетели и не сум направил никакво покајничко дело, коешто заслужува поради него да ми се прости макар еднен празен збор од устава моја. Освен тоа, оној што ги поседува сите добродетели и прави разновидни добри дела го врши тоа како добар слуга и затоа што е должен - во сето тоа тој нема да најде откуп за својот грев.

Тука единствено Твојата милост помага. Гревот е смрт, и кој од оние што преку него умреле, може сам себеси да се воскресне? навистина, никој! Единствено Ти Си Умрел и Си воскреснал, затоа што не Си направил грев, и не се најде измама во Твојата уста!

И ете, Господи Седржителу, откако направив многу лоши дела, се каам, но самото покајание е немоќно да ме оправда. Покајанието е осознавање на своите гревови, а нив ги симнува само милоста Твоја. Ти гледаш, Седржителу Господи, дека сега ништо немам освен телото; но за мене нема никаква полза од тоа што сум го оставил богатството. Целиот сум една рана; во мене не останала никаква надеж за спасениетака што пеколот е подготвен да ме проголта жив. Ти единствен можеш да ме спасиш и да ги излечиш патилата на моето срце. Твојата рака може сè; таа достига до длабочините на бездната и сè станува по твоја заповед. Не се осмелувам да речам „помислувај ме, Господи!“ Недостоен сум за твојата милост, како и секој што со право ги заслужува маките. А Ти, Господи, сè знаеш и затоа постапи со мене онака како што умее Твоето човекољубие, бидејќи сум недостоен и за самиот живот. Да биде Твојата света волја во сè. Амин!

Upcoming Events